СВЕЧЕНА ПРОСЛАВА ПО ПОВОД 30-ГОДИШНИНАТА ОД ОСНОВАЊЕТО НА МАКЕДОНСКОТО БИБЛИСКО ЗДРУЖЕНИЕ

На 24.10.2024 година, во свечената сала при Музејот на македонската борба за самостојност, во присуство на многубројни гости, беше прославена 30-годишнината од основањето на Македонското библиско здружение.

На свеченоста, пред присутните, со пригоден говор се обрати Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, кој, помеѓу останатото, посочи дека „главната причина за нашата и, воопшто, сехристијанската љубов кон Библијата не е тоа што таа е најзначајната книга во историјата, ниту, пак, е длабочината на нејзината мисла и силата, богатството и убавината на нејзината содржина. Библијата секако е сето тоа, но таа не е и самотоа, односно не е првенствено тоа! Имено, она што ја прави незаменлива, е тоа што во неа и прекунеа говори самиот Бог, со зборови и мисли искажани и напишани од боговдахновени и праведни мажи – пророци и апостоли“.

Со промотивен говор – за новообјавените преводи на Новиот завет и на псалмите – се обрати Неговото Преосвештенство, Епископот Хераклејски г. Климент, кој, меѓу другото, истакна дека „преведувањето и објавувањето на сакралните текстови низ историјата, покрај својата неопходност и подразбирливост, воедно, се покажало како особено комплексна и напорна дејност. Креативниот набој да се пренесе смислата токму на непреводливото, да се воспостави жива комуникација помеѓу читателот и духот на текстот, всушност, претставува непрекинат предизвик за јазикот, предизвик што ја провоцира творечката умешност и енергија на преведувачот…“

Како претставник од Обединетите библиски здруженија, пак, поздравно слово имаше г. Џорџ Сохос, а, на самиот крај, завршно, благодарствено обраќање имаше и генералниот секретар на Библиското здружение – проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски.

Чествувањето беше проследено со музички изведби на разни инструменти, со поетско читање на псалми, како и со приказ на краток исечок од неодамна снимениот документарен филм за дејноста и за мисијата на Македонското библиско здружение.

Prevzemeno od :https://mpc-spe.mk/arhiepiskop/aktivnosti/30-godini-makedonsko-biblisko-zdruenie-2024/