Cв.Трифун

14.02.2022 На празникот св.Трифун, во Лешочкиот манастир надлежниот митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф богослужеше света литургија во сослужение на свештеници од епархијата. На светата литургија во протоерејски чин беше произведен ерејот Александар Јанковски. Верниот народ се причести со светите тајни. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет,а потоа според традицијата беше закроено и лозјето. Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верниците со пригодна беседа кој меѓу другото нагласи: Светата Православна црква, секојдневно прославува по некој Божји угодник.Вистински христијани се оние, кои имаат голема и бескрајна љубов кон Христа Господа. Вистински христијани, кои со живот ја потврдиле својата вера во Семоќниот Бог, биле богоносните отци и светите маченици. Еден таков маченик, кој не ги жалел ниту својата младост, ниту својата телесна убавина, кој претпочитал заради вечното да го загуби привременото, е денешниот маченик – свети Трифун.Да се обратиме со искрена молитва кон св. маченик Трифун, тој нека всади во нашите срца и во нашите души силна и непоколеблива вера да можеме сите искушенија достоинствено да ги поднесеме.Амин.