Трет ден Велигден
На 07.05.2024 г., на Трет ден Велигден, Митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф отслужи Света Божествена Литургија во храмот св.Никола-Маврово
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.Митрополитот г. Јосиф се обрати кон присутните верници со пригодна беседа на која меѓу другото нагласи: Браќа и сестри, Христос Воскресе.Колку се прекрасни и необични зборови со кои овие денови се поздравуваме ние христијаните.Исполнети се со сила и живот, исполнети се со радост и необична милост. Дали некогаш на земјата се имаат слушнато слични зборови, кои би имале толку необично дејство за срцето и човечката душа.Поздравот што од памтивек Црквата го востановила „Христос Воскресна“ и отпоздравот „Навистина Воскресна“ не се обичен поздрав и отпоздрав и без значење, туку тој поздрав е суштината на нашата Вера, како што вели Светиот апостол Павле: „Ако, пак, Христос не воскреснал, тогаш е празна нашата проповед, празна е и вашата Вера.Великиот и препрославен Бог, со животворната смрт и Воскресение на Својот Христос, нас нѐ пресели од смрт во живот, од адското мртвило во вечниот живот. Затоа Нему Единствениот Богочовек Му се поклонуваме и Воскресението Негово го воспеваме и славиме.Со Воскресението Христово, Рајот не останал да биде само колективна именка во свеста на човекот, туку станал реално достапен за сите луѓе, од постанокот, па до крајот на светот.И ние денеска кои сме собрани во овој свет храм овде во славното Маврово, да се обратиме кон Воскреснатиот Господ Исус Христос со молитва и прозба. Да бидеме удостоени за да имаме заедничарска радост во Неговото Воскресение. Според таа евангелска и воскресенска радост да се раководиме, да живееме и да правиме добри дела. Ако Воскреснатиот Христос биде во нашите срца, тогаш ќе се удостоиме да бидеме заедничари со неискажаната радост и во царството.Имајте радосни Воскресни денови.Бог да ве благослови.ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ.