Трета недела по Педесетница

14.07.2024 Во Трета недела по Педесетница митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во сослужение со протоереј Ѓорѓи Сламков,протоереј Жарко Мицковски и ѓакон Илија Деспотовски богослужеше света Литургија во Лешочкиот манастир.На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. Во својата проповед митрополитот г.Јосиф по прочитаното евангеле меѓудругото нагласи:Во оваа Трета недела по Педесетница, браќа и сестри слушнавме од денешното Свето Евангелие, како Господ укажува кои се најбитните работи на човекот за време на неговиот живот на земјата. Евангелието започна со зборовите: „Ако окото ваше е светло, целото ваше тело ќе биде светло. Ако окото ваше е темно, тогаш целото ваше тело ќе биде темно“ (сп. Мат. 6, 22-23).Кога ние го читаме Светото Писмо, знаеме дека зборовите искажани во него, чесопати имаат своја алегориска или преносна смисла, па така ние треба да ја знаеме пораката на тие зборови, односно на што тие се однесуваат.Очите човечки се прозорецот на телото кон надворешниот свет.Преку нив телото знае за светлината и ја препознава, а го препознава и светот околу себе. Па затоа тие се водачи на човековото тело и ако тие затемнат, тогаш за телото се затвараат сите патишта на виделината и настанува темнина. Но внатре во човекот станува светло или темно, весело или тажно, мирно или возбудливо секогаш зависно од неговото срце, зашто погледот на окото се задржува во срцето и тоа духовно ги преживува сите негови видици.Затоа во Евангелието се истакнува: “Ако светлината што е во тебе”, односно во твојата внатрешност, сакајќи Господ преку сликата за окото нашата мисла да ја насочи во внатрешноста на човекот, во срцето, во умот и душата човекова. Внатре во човекот постанува светло, ако неговото духовно око–срцето и душата човекова се чисти, светли и измиени од гревот, секогаш вперени кон Бога за да ја примат Неговата светлина и да постанат наша светлост.Тоа е најголемото блаженство – да имаме блажени очи кои ќе Го гледаат Бога.Тоа, драги браќа и сестри, докажува дека нашите грижи треба да ги насочиме кон повозвишена цел, која води до спасение на душата, како што вели Светото Писмо: „Најпрвин барајте го Царството Божјо и Неговата правда и сè друго ќе ви биде дадено“. Доколку така постапуваме, можеме да бидеме сигурни дека Бог нема да не остави на цедило и ќе се погрижи за нас, како што се грижи секогаш. Треба да знаеме дека Бог за нас има план и ако се стремиме кон духовното, Тој секогаш ќе ни го покаже вистинскиот пат и ќе се погрижи за нас. Зашто, Тој, штом се грижи за птиците небески и полските цвеќиња, тогаш ние сме многу поважни од нив, затоа што ние го носиме образот Божји. Вистински примери за безгрижни луѓе биле светите апостоли. Тие кога биле повикани од Бога не поставувале прашања и не мислеле на тоа што ќе облечат и што ќе јадат, но секогаш биле задоволни и не биле ниту гладни, ниту необлечени.Затоа, браќа и сестри, ние денеска да се потрудиме да не го губиме времето во стекнување на големи богатства, туку да се грижиме за спасението на нашите души, преку чесен и достоен живот на земјата.