Успението на Мајката Божја

27.08.2023 Празникот на Успението на Мајката Божја, беше свечено и торжествено прославен и оваа година, а централната прослава во нашата епархија беше во Лешочкиот манастир „Успение на Пресвета Богородица"- с. Лешок, Тетово. На Вечерната богослужба чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј во молитвено присуство на надлежниот епархиски архиереј митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф.По завршувањето на Вечерната служба, беше изнесена за целивање плаштаницата на Успението на Пресвета Богородица, над која се пееја статиите од опелото на Пресвета Богородица. Во својата беседа до верниците митрополитот г. Јосиф, честитајќи им го празникот нагласи: Денеска браќа и сестри пееме: Во твоето успение не си нè оставила. Тоа сведочи дека каде и да се наоѓаме, ако ја повикаме Пресветата Богородица на помош, таа ќе ни одговори на нашите прозби и ќе ни помогне. Ги брише нашите солзи, ги зема нашите немоќи и со нејзината мајчинска љубов, на нејзините раце ги носи пред својот Син и наш Бог Господ Исус Христос. Денес Црквата празнува нешто необично, нешто толку свето и возвишено, што ниту човечкиот јазик, ниту ангелскиот над-светски јазик не може достојно да го опише – го празнува погребението на светиот Кивот на Самиот Господ. Таа чудесна и таинствена смрт, која во суштина се покажа дека не е смрт, ами најсветло воскресение, и тој чудесен и преславен погреб во Гетсиманија, во нас предизвикува свештени чувства и воскресна радост. 
Денеска севкупниот свет е исполнет со пофалба кон неа. На нејзиното славно успение сè се радува. Се радува видливиот, се радува и невидливиот свет. Се радува разумното, се радува и неразумното. Денеска, кога го прославуваме нејзиното Успение овде во славниот и древен Лешочки манастир, да го свртиме нашиот поглед кон небото. Да заплачеме за нашите гревови, па така да бидеме достојни деца Божји. Должни сме секогаш да паметиме дека, за застапничка и молитвеничка пред нашиот Творец и Спасител, ја имаме Пресветата Богородица. Да се обратиме со искрена молитва кон Пресвета Богородица. Таа да биде наша патеводителка и заштитничка од секакви зла и пакости. Па да можеме да го живееме овоземниот живот исправно христијански, исполнет со силна и непоколеблива вера и со добри дела. По молитвите на Пресвета Богородица, така нека биде. Амин!