Вечерна богослужба
На 26.02.2023 година, во соборниот храм „св.Кирил и Методиј“ - Тетово во вечерните часови, беше отслужена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф. По завршувањето на Вечерната, според воспоставената традиција, сите присутни си побараа прошка еден од друг, та со дадено простување и со чисто срце да зачекорат во очистителните води на претстојниот Велигденски пост. Митрополитот г.Јосиф се обрати кон верен народ со пригодна беседа на која меѓудругото нагласи:Оваа вечер со оваа Вечерната богослужба, совршувајќи го чинот на взаемно проштевање – влегуваме во дните на спасителниот пост, чии што денови се дадени за наше очистување и спасение. Во овие мигови потребно е да потонеме во длабоко покајание и нашите срца да ги приклонеме во покајание за сите: за нашите ближни, за нашите роднини и пријатели, но и за нашите непријатели, бидејќи така нè советува Светото евангелие, така нè поучува нашиот Бог и Спасител, Господ Исус Христос. Он на своите апостоли им го кажал следното: „Пазете на себе. Ако згреши против тебе братот твој, скарај го, и ако се покае – прости му.И ако седумпати на ден згреши против тебе и седумпати на ден дојде и ти рече: ,Се кајам’ – прости му.” (Лука 17,3-4). Овие Господови зборови се упатени и до секој еден од нас. Мораме да внимаваме најпрво на себеси, да бидеме свесни дека сме грешни, и ако некому сме му згрешиле да побараме прошка за прегрешенијата за да и Бог потоа нам ни ги прости, бидејќи ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги простивашиот Отец небесен; ако, пак, не им ги простите гревовите на луѓето, и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите(Матеј 6,14-15). Затоа проштевајте и ќе ви биде простено!(Лука 6,37).За да простиме – најпрво мора да имаме љубов. Мора да правиме разлика помеѓу гревот и грешникот. Мора да го љубиме грешникот, а да го намразиме гревот. Никогаш да не биде обратно. На тој начин нема да ни биде тешко да му простиме на некој наш брат или сестра, кои нажалост потклекнале на искушенијата и згрешиле. Но, не е само потребно да побараме прошка. Најпотребно е да се покаеме за тоа што сме го направиле и да се трудиме во иднина да не ја повторуваме истата грешка. Знајте дека никогаш не е касно да се освестиме и да побараме прошка и да си простиме едни со други, да си простиме сами на себе, да се покаеме и да побараме прошка од Бога.Ете тоа да го направиме денес на Прочка. Да ја искористиме можноста, да направиме со нашата слободна волја добар избор – да си простиме и на тој начин избереме да учествуваме во Божјата љубов и да се љубиме едни со други, бидејќи само така ќе учествуваме во Божјата љубов и ние ќе бидеме во Бога и Бога во нас, сега и секогаш и во сите векови!Простете ми браќа и сестри и простено нека Ви е на сите! За многу години нека е празникот и имајте богоугодни и лесни пости!