Во третата недела по Пасха - Неделата на жените мироносици
30.04.2023 Во третата недела по Пасха - Неделата на жените мироносици, во храмот „Пресвета Богородица“ во Гостивар, беше отслужена Света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф. На Литургијата беше обнародена одлуката на Светиот архиерејски синод на Македонската Православна Црква - Охридска Архиепископија, кој на предлог на надлежниот Митрополит г. Јосиф, донесе Одлука за одликување на протоерејот Марјанчо Мадевски во чин протоереј-ставрофор, односно го одликува со право на носење граден крст. Митрополитот г. Јосиф го пофали протоерејот Марјанчо за неговата успешна парохиска дејност, како и за придонесот за Македонската Православна Црква. Кон верниот народ Владиката се обрати со поучно слово во кое меѓу другото нагласи: Нашата света православна црква денес во целата вселена ги прославува жените мироносици. Оваа трета недела по Воскресение, токму уште од најраните години на христијанството, Црквата ја посветила на жените мироносици, и затоа едноставно ја нарекува Недела на мироносиците.
Кои се тоа жени мироносици? Тоа се оние "многу жени" кои за време на божествената проповед на Господа Исуса Христа, Го следеле и Му служеле во делото на спасението на луѓето од гревот, од злото и вечната смрт; и тоа не само со нивниот имот туку и со севкупната нивна душа. Тоа се оние "многу жени" - неустрашливи соработнички Христови, кои со својата љубов кон Господа и својот Учител го победиле "стравот од Евреите", и за цело време на Неговото страдање биле покрај Него, на Голгота, во подножјето на Неговиот крст. Женскиот свет, подобен на жените мироносици, продолжува да се пројавува низ целата историја на христијанството. Особено се покажале храбри за време на гонењето на христијаните. На сите нам добро ни се познати житијата на маченичките Екатерина, Варвара, Софија со нејзините три ќерки и уште многу неброени жени кои пострадале за својот Жених. Сите овие пострадале за Господа Исуса Христа. Сите овие спомнати и безброј неспомнати биле сведоци за Христовото воскресение и не се плашеле од ништо, а тоа го посведочиле со нивната маченичка смрт. Со нивната крв го засведочиле нивното приемство на жените мироносици, не плашејќи се од страшните маки, гонења и смрт. Да се обратиме со молитва кон жените мироносици и сите свети жени во историјата на Црквата Христова и во нас нека се разгори благородна љубов, непоколеблива вера и постојана надеж во Спасителот наш Господ Исус Христос, како што горела во душите на мироносиците. Амин!