Воведение на Пресвета Богородица во Ерусалимскиот храм

На 04.12.2023 година го прославивме споменот на Воведение на Пресвета Богородица во Ерусалимскиот храм, познат кај нас уште како Пречиста. Во спомен на овој голем Богородичен празник, кој е почеток на Божјата милост и проповедта за спасение на луѓето, во храмот „Пресвета Богородица" во Гостивар, беше отслужена света архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во сослужение на протоереј-ставрофор Марјанчо Мадевски, ереј Мартин Андоноски и ѓакон Славче Ѓорѓески. На Литургијата присуствуваше многуброен верен народ, кој речиси без исклучок пристапи кон Светата Чаша. Митрополитот г. Јосиф се обрати со пригодна беседа на која меѓу другото истакна: Чекориме низ благословениот период на Божикниот пост, онака како што Пресветата Богородица, низ петнаесетте скалила се искачувала кон ерусалимскиот храм. И ете, денес, токму на почетокот од постот, во втората недела, спомнувајќи си за еден светол настан од животот на Богомајката, ние во овој храм во Гостивар го празнуваме токму нејзиното воведение во скинијата, во ерусалимското светилиште, влегување кое претставува предзнак за тоа дека Пречистата Дева ќе биде поставена повисоко, не само од светите луѓе, туку и од ангелите, од херувимите и серафимите. Со нејзиното појавување во храмот, како што слушаме од тропарската песна, започнува предвестувањето на Христовото доаѓање на земјата, на неговото рождество од Пречистата. И ние како Пречистата Дева да го возљубиме домот Божји и просветлени од благодатта на Светиот Дух да го очистиме нашето срце, да го просветлиме нашиот ум за да се обожиме и да го примиме во своите срца Богомладенецот, Кој пребива во утробата на Дева. Наоѓајќи сè во дните на постот имаме одлична можност да ги преиспитаме нашите дела, нашиот живот и нашите зборови, да се покаеме и преку исповед да се подготвиме и да се причестиме со Пречистото тело и Пречистата крв на Христа нашиот Спасител. Во тој дух треба да ги воспитаме и нашите најмали, нашите деца, кои се иднината на овој свет. Ним треба да им ја посведочиме вистинската вера и да им пружиме можност да растат во Христа уште од најрана возраст. Една од пораките која ни ја испраќа овој светлозрачен празник е и пораката на воспитувањето. А да се воспита некого, во суштина значи да се нахрани. Најдобра духовна храна за нашите деца е богослужението во храмот. Затоа, како што Пресветата била воведена во храмот од своите родители за да Му служи на Бога и да се воспита и украси со смирение, трудољубие, кротост, со различни добродетели и со силата на молитвата, така и сите ние заедно со нашите деца доверени од Бога да притекнеме во храмот Господов и слушајќи го Божјото слово – да се воспитаме во дух и вистина, во совршена праведност и секаква добродетел во послушност на волјата Божја, во ненадминлива радост и пожртвувана љубов. Да се обратиме со искрена молитва кон Пречистата Владичица Богородица, чие Воведение денеска го празнуваме, таа да биде наша молитвеница и застапница пред ликот Божји, за наше спасение и соединување со Господа Христа.