Воведението на Мајката Божја
На 04.12.2022 г., кога го празнуваме Воведението на Мајката Божја, Пресвета Богородица во храмoт (Пречиста), Митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф отслужи Света Божествена Литургија во храмот св.Димитриј-с.Теарце.
Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.Беседа изрече митрополитот г.Јосиф кој меѓудругото нагласи:За да се роди Господ Исус Христос, потребно било да се подготви чиста, невина, благородна, света душа, без никакви лични престапи. Таа требало да биде сецело предадена на Бога, очистена, измиена, да биде „почесна од херувимите и пославна од серафимите“. Таква душа ќе биде Пресвета Дева Марија, која ќе биде удостоена да Го смести во својата утроба Несместливиот, Кој е поголем и поширок од сета вселена. Нејзината чистота и нејзината благост ќе биде скалило за спасение на човечкиот род.
Преданието за денешниот празник Воведение, како и другите преданија за животот на Пресвета Богородица се сочувани кај разни свети отци и учители на црквата. Праведните родители на Дева Марија, Јоаким и Ана долго време немале деца, односно биле бездетни. Нивната желба за свое дете била голема, и затоа постојано му се молеле на Бога да им дарува и на нив дете. Јоаким и Ана се заветиле дека ако нивната молитва биде услишана, детето ќе го посветат на Бога. Така им се родила Дева Марија.Марија во храмот била одведена на нејзината тригодишна возраст.Пред храмот свечената поворка ја пречекале свештениците на чело со првосвештеникот Захариј, пеејќи црковни песни. Храмот бил на подиздигнато место и во него се влегувало по скали со 15 степеници. Родителите ја оставиле малата Марија на почетокот на скалите и таа самата, се искачила по скалите весело гледајќи во храмот и со сигурност не свртувајќи се кон своите родители и кон народот што ја придружувал. Таму ја пречекал првосвештеникот Захариј, (таткото на свети Јован Крстител), кој на општо изненадување на насобраниот народ, а по божја повелба, ја внесол во најсветото место во храмот, наречен „Свјатаја свјатих“, (или Светиња на светиите). Тука никој не смеел да влезе, особено не жена, не влегувале ниту обичните свештеници, а и првостештеникот влегувал само еднаш во годината и тоа на празникот на очистувњето, кога принесувал жртва. На ова се чуделе не само луѓето туку и ангелите, но и ова е направено по Божја промисла и е поврзано со идната улога на Богородица, мајката на Исус Христос.