Воздвижение на чесниот и животворен Крст - Крстовден

На 27.09.2023  година, денот кога го прославуваме празникот Воздвижение на чесниот и животворен Крст - Крстовден, во Соборниот храм Пресвета Богородица-Гостивар беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф во сослужение на протоереј-ставрофор Марјанчо Мадевски, протоереј Андон Андоновски и ѓаконот Славче Ѓоргески . Пред започнувањето на Литургијата, според Црковниот устав, насреде храмот беше изнесен светиот Крст, каде што беше воздвижен, а свештенството и верниот народ се поклонија пред духовното оружје, кое е слава на Црквата, поткрепа на верните. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот г. Јосиф се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа на која меѓу другото истакна: Денеска го прославуваме Воздвижението на чесниот и животворен Крст Господен. Тоа е празник на целиот свет. Се воздигнува Крстот Христов за да паднат бесовите и да бидат победени. Се воздигнува за и ние да се воздигнеме и да стоиме цврсто. Да гледаме кон небото и да си спомнеме за страдањата Христови. За страдањата кои Он ги претрпе заради нашето спасение и да Му благодариме за Неговата безмерна добродетел кон нас. Сите ние денеска кои сме во храмот да се поклониме на Животворниот Крст Господов, благодарејќи Му на Бога за Неговата љубов. Му благодариме затоа што не нè остави и не Го жалеше Својот Единороден Син. Го жртвуваше за да можеме да дојдеме до Него и да се вратиме во Татковиот дом. Да се обратиме кон Голгота, да погледнеме кон Крстот Христов и да видиме со каква цена сме платени и избавени. И, навистина мили мои, преку Христовото распнување ние ја дознаваме смислата на нашето животно распетие. Преку Христовото страдање – ние единствено ја дознаваме смислата на нашето страдание. Господ Исус Христос од преголема љубов за сите нас без исклучок се распна на Крстот за да нè искупи од проклетството на смртта и ѓаволот. И ние од љубов треба да го носиме крстот и да истраеме во животните маки, цврсто опстојувајќи во верата за да на крајот од овој живот, очистени од гревот го здобиеме спасението. Амин!