Вознесение на нашиот Спасител Господ Исус Христос
На 29.05.2025 година, денот на празнувањето на славното Вознесение на нашиот Спасител Господ Исус Христос, во храмот Вознесение Христово-Спасовден во с. Јелошник-Тетово, беше отслужена света архиерејска Литургија,на која чиноначалствуваше Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф. Верниот народ се причести со Светите Тајни. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач. Пригодна беседа одржа Митрополитот г. Јосиф во која меѓудругото истакна: Драги браќа и сестри.
Денес на празникот Спасовден, во овој свет храм овде во с. Јелошник посветен на Вознесението Христово, кого секоја година го славиме на 40-тиот ден по Велигден, овој храм е исполнет со благодатна и вознесенска радост, со радоста која ја имале апостолите во своите срца кога Го здогледале својот Учител. Ете, таа радост на сите нас денес ни носи и мир во нашите души, мир кој ни дава сили да преуспееме во светските искушенија. Тој мир ни го дава Христос, Кој денес се вознесува на небесата и седнува на десната страна на Бога, како што сведочи денешното апостолско четиво и евангелието. Господ Исус Христос со Своето вознесение на небесата го изврши спасителниот домострој и ги исполнил пророштвата. Христовото славно вознесение на небесата било јавно и се случило пред очите на апостолите, кои како што пееме во денешниот тропар, биле зарадувани заради ветувањето на Светиот Дух, на Утешителот, Кој ги исполнува нашите срца со неизмерна благодат. Ние како христијани и верници, постојано треба да имаме на ум дека и по вознесението Бог не не оставил сами. Како што слушаме од кондакот на празникот – Господ со вознесението не само што го соедини земното со небесното, но и се вознел без да се раздели од сите нас. Затоа, треба да знаеме дека нашиот Бог е секогаш со нас и поради тоа не треба да се плашиме и да чувствуваме страв во нашите срца, бидејќи додека е Бог со нас, никој ништо не ни може. Во однос на Божјото присуство, денес сакам да кажам збор два за еден проблем кој се јавува во нашето време, заради нашето неверие во Божјото ненапуштање и во Неговото присуство. Во денешните времиња сите ние живееме во страв, а стравот раѓа неизвесност, параноичност, напади, кавги, отуѓувања и нервози. Дали сме се запрашале зошто е тоа така? Ако не сме се запрашале, да се запрашаме? Нажалост одговорот на ова прашање лежи во нашето неверие во Божјото присуство, во нашето отстапништво од Бога и од Неговите свети заповеди. Бог никогаш не се откажал од нас и никогаш не не напушта, како што не ги напуштил ниту светите апостоли, но ние сме тие што му вртиме грб на Бога. Ние сме тие, кои често знаеме да зборавиме на Бога и на нашите најблиски. Ние сме тие кои со нашите дела, зборови и помисли ја одвраќаме благодатта Божја од нас, и во нас наместо сигурност и напредок во духовниот живот се раѓа депресија, страв и несигурност, и пад во животот. Затоа драги браќа и сестри, на овој празник да научиме дека Бог е секогаш со нас и дека никогаш не не напушта и дека сите ние треба да се трудиме својот живот слободно и едноставно да го насочуваме кон Бога, живеејќи во подвигот на Црквата, за да обожени и полни со љубов станеме соучесници во Христовата тајна и во спасението. Овој храмов празничен ден, кој според светите отци е ден на спасението – Спасовден, секогаш нека ни биде потсетник и двигател за напредок во верата и на патот на спасението, та и ние на крајот од овој живот се издигнеме на Божјиот престол, таму каде не постои никаков страв, во Небесното царство заедно со светиите. Амин!
Нека е за многу години храмовата слава!