Втората недела од Великиот пост - Неделата на свети Григориј Палама
На 12. 03. 2023 година, во Втората недела од Великиот пост - Неделата на свети Григориј Палама, во Соборниот храм ,,св.Кирил и Методиј" во Тетово, беше отслужена Света архиерејска литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во сослужение на протоереј Предраг Исаевски и ереј Илија Сламков и ѓакон Илија Деспотовски. Верниот народ се причести со светите тајни. Митроплитот г. Јосиф во својата беседа нагласи: Денеска ја прославуваме оваа втора седмица од Великиот Пост, која светата Црква ја посветила на св. Григориј Палама. Овој Божји угодник поднел многу страдања, и бил вистински ревнител и исповедник на Православието, борејќи се против тогашното погрешно учење, кое го застапувал калабрискиот монах Варлаам. Св. Григориј преку постот и покајанието, проследени со молитва, бил издигнат и просветлен од Божјата љубов за да може да Го созерцава Троичното Божество и да ја види светлината Божја, како што биле удостоени и други свети Божји угодници, со чист и непорочен живот. Покрај историскиот аспект, оваа недела содржи и богат духовен аспект, кој не смее да го занемариме. Не смее никако да го заборавиме дека светиот Григориј Палама е тајноводник во една за нас толку спасителна и возвишена вистина: дека живиот Бог е достапен на нашето лично искуство, бидејќи Синот Божји ја зеде нашата природа и стана Син Човечки за да ги направи луѓето синови Божји, созерцатели на нетварната божествена светлина и учесници во божествената бесмртност. Таа спасителна вистина, браќа и сестри, треба да биде наш секојдневен копнеж. Секој од нас во целокупниот свој живот треба да се потруди да ја достигне целта на христијанскиот живот. А целта е како што спомнав да се обожиме и да станеме богови по благодат. Тоа значи да се уподобиме на својот Создател – Бог. Таа е наша обврска. Блаженоупокоениот светогорски старец Георгиј (Капсанис) во своето слово „За благодатта Божја“, зборувајќи за начините за примање на благодатта ја употребил светоотечката максима „Дај крв за да примиш дух“. И сето искуство на Црквата ни сведочи дека без аскетски подвиг и без труд не може да ја примиме Божјата благодат. Човекот мора да се покае и исповеда, да се смири и да пости, да живее во Црквата и според Црквата, да се моли за да Го прими Духот на вистината".