Пејте му на Господа
Митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф
Пејте Му на Господа
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Пејте Му на Господа нова песна! Пеј Му на Господа цела земјо!
Пејте Му на Господа, благословувајте Го Неговото име!
Псалм 96,1-2
Почитуван Директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи г. Даријан Сотировски,
Почитувани претставници на дипломатскиот кор
Ваши екселенции,
Почитуван проф. д-р Ивица Зориќ,
Пречесни отци,
Ценети готи, драги браќа и сестри,
Постојат многу начини на кои Го прославувaме Бога, на кои Му ја соопштуваме секоја наша потреба, Му ја доверуваме секоја наша мисла, или, пак, Му благодариме за секого и за сè. Ние во оваа светлозрачна ноќ го одбравме пеењето – за да Му заблагодариме од длабочините на нашето срце на Милостивиот Бог за сите негови неизмерни добрини извршени врз Македонија и Македонскиот народ. Да Му заблагодариме за тоа дека благоволи први во Европа да го примиме христијанството од апостолот Павле и во континуитет тоа да е присутно во нашата земја преку традициите на првата поорганизирана црква на овие простори - Јустинијана Прима, низ проповедта на Светите рамноапостолни слувенски браќа и просветители Кирил и Методиј, по големото мисионерско дело на нашиот патрон свети Климент – врз чија што основа е формирана Охридската архиепископија пред еден милениум со седиште на својата катедра во нашиот древен Охрид, кој и годинава како пред 60 години, како во 1958 година кога беше возобновена Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква - ликуваше и ликува поради големата радост од големиот милиниумскиот јубилеј, кој и нас денес нè собра овде во падините под Шара, од сите страни на Полошко-мавровскиот крај со песна да Му се обратиме на својот Создател и сите заедно, по зборовите на праведниот Давид: „пеејќи Му нова песна“ да ги упатиме нашите молитви за добробит и преуспевање на нашата помесна Црква и на нашиот народ во годините што престојат низ времето сè до вечноста.
Почитувани,
И ние од Тетово се приклучуваме во прославувањето на милениумскиот јубилеј. Овогодинешното издание на Меѓународниот хорски фестивал ТЕ-ХО од нашиот град е во чест на милениумскиот јубилеј. Тоа ни причинува радост плус и поголема причина денес да присуствуваме на овој несекојдневен настан збогатен со присуството на многубројни хорови од нашата земја и од странство. Од 1973 година, па се до денес ТЕ-ХО и Тетово живеат со хорската музика. Во 1997 година TE-ХО добива карактер на меѓународен хорски фестивал, а од 2013 година во рамките на фестивалот ТЕХО се одржува и меѓународниот фестивал на Православна духовна музика.
Во ова дадена прилика сакам да кажам збор два за Православната духовна музика, која како литургиско и црковно пеење не претставува ништо друго, туку молитва изразена преку песна и музика. Православната музичката традиција, која низ времето сè до денес во континуитет е во постојан развој – има богословско-литургиска основа, чие коренско потекло пак е од јудејското богослужение. Јудејското старозаветно пеење било типос и основа врз кое подоцна ќе се развие христијанското или новозаветното црковно или литургиско пеење, кое е изразување на одушевените религиозни чувства, во кое се соединети ритамот на зборовите со ритамот на музиката. Основната цел на мелодијата во богослужението е изразување на молитвата со јазикот на музиката. Пеењето не е само медиум во богослужбениот живот, туку пред сè тоа е благодатно поврзување на горниот и долниот свет, на земната и небесната Црква и еден природен порив да се учествува во небесната литургија на ангелските чинови, кои од искона Му пеат на Бога: Свет, Свет, Свет е Господ, Саваот. Црковното пеење ја храни духовната потреба на луѓето. Кога ќе влеземе во храмот и ќе ги погледнеме светите икони и фрески, кога ќе фрлиме поглед на иконостасот и сводовите на храмот, сето тоа ја буди во нас желбата за молитва. Но колку е празен, колку е безживотен храмот кога во него не е присутна молитвата, кога не се слуша богослужението, кога го гледаме само како еден вреден и убав сакрален објект. Богослужбеното пеење е, всушност, дишењето на храмот, пулсот на животот на домот Божји. Тоа според зборовите на свети Светиот Јован Лествичник:одлично ја смирува лутината. Светиот Јован Златоуст, пак во својата беседа за 41 псалм, вели: Ништо, ништо така не ја возвишува и не и дава крилја на душата, не ја ослободува од земјата, не ја избавува од уздите на телото, ништо не создава љубомудрие и презира сè што е светско, како хармоничното пеење и правилно составената божествена песна, а токму на тоа ќе бидеме сведоци сите ние овде присутни, кои ќе ја нахраниме нашата духовна жед, слушајќи ги ангелските песни, кои ќе ги изведат нашите ангелски хорови, кои допатуваа од сите страни на нашата земја и од странство сè со цел да ја збогатат вечерашнава духовно-уметничка програма.
Ценети присутни,
Ја користам оваа прилика од лично мое име, од името на чесното свештенство и верниот народ на Тетовско-гостиварската епархија да му се заблагодарам за сè, за сите жртви и неизмерни вложувања за афирмацијата на црковното хорско пеење во нашиот град и во нашата Епархија на проф. д-р Ивица Зориќ, кој отвори едно ново поглавје не само со црковното хорско пеење, туку и во културно-општествениот живот на нашиот град и Татковина и пошироко во светот. Нека Бог – Света Троица постојано Ве укрепува и ја засилува Вашата ревност во ова општонародно и црковно дело, почитуван професоре!
Исто така му се заблагодарувам и на Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, г-дин Даријан Сотировски, со чие залагање овој настан стана дел од богатата програма за чествување на големиот јубилеј „1000 години Охридска архиепископија“.
Голема благодарност и до сите хорски групи, а особена благодарност и до сите Вас – присутни на овој свечен и културен настан.
Ова поздравно слово, го завршувам со молитва до нашите рамноапостолни просветители и учители, светите солунски браќа Кирил и Методиј, во чиј храм денес се наоѓаме, да нè удостојат со уште поголеми јубилеи и чествувања за нашата Црква, а ТЕ-ХО да си дочека уште долги години да постои за слава на Бога, сега и секогаш и низ сите векови!
Амин!