Cпоменот на преподобниот отец наш Кирил Лешочки

г. Јосиф, митрополит Тетовско - гостиварски

Ти благодариме оче Кириле![1]

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

 

Денес настапи сечесниот празник на Црквата македонска,

споменот на преподобниот отец наш Кирил Лешочки. Дојдете луѓе,

светло да празнуваме, и со богомудри песни да покажеме почит...

(Хвалитна стихира на Утрената служба)

 

Драги браќа и сестри,

 

                        Денес, на оваа Претходноосветена литургија, просветлени од Божјата благодат и со мислите насочени кон утрешниот голем празник, кон првото литургиско чествување на нововостановениот празник посветен на нашиот епархиски патрон и заштитник, на светиот Кирил Лешочки, кој што минатата година по претходно иницирана постапка и одлука на Синодот на нашата Црква, во месец октомври свечено беше прогласен и објавен на јавноста за светител, ќе ги искористам овие препразнични мигови, да кажам збор два за утрешниот голем празник и значаен ден за нашата епархија и Црква. 

            Поминаа само неколку месеци од канонизацијата на светиот Кирил и ете по тие торжествени собитија, на кои се сеќаваме со голема радост, Семилостивиот Господ опкружен со македонските светители благоволи да го дочекаме и неговиот светол празник, кој што утре за прв пат по канонизацијата торжествено ќе го прославиме во Лешочкиот манастир, упатувајќи ги нашите молитви кон него како кон наш светител и молитвеник пред престолот Божји. Но утрешното чествување на неговиот празник не е првиот март, во кој ние ќе се собереме во Лешок во спомен на ова наше светило. Повеќето од нас низ годините што изминале, свесни за духовната величина на светиот Кирил секој март со години доаѓале на неговиот гроб и учествувале на поменот со кој го одбележувавме неговиот спомен. Но ако до лани се собиравме и служевме помен, од утре па натаму, секоја наредна година, секој 25 март, ќе се собираме и богослужбено ќе ја пееме неговата служба и молитвено ќе се сеќаваме на неговиот светол лик. Верувам дека во годините што ни претстојат бројот на поклоници во Лешочкиот манастир, кој е нераздвојно поврзан со светиот Кирил, чии мошти како што знаете почиваат таму – ќе расте, бидејќи неговата светост преку извршената канонизација сега е објавена не само на нашиот православен народ, туку на сите православни христијани ширум светот.

 

Возљубени празникољупци,

                        Изминативе години, во повеќе наврати и по повод разни пригоди сум пишувал и говорел за ликот и за важноста на делото на денешниот славеник. Денес, наоѓајќи се во пресрет на првото литургиско чествување на неговиот празник, за прв пат по канонизацијата како на надлежен архиереј на оваа Епархија во чии предели во минатото се родил и подвизувал светиот Кирил во оваа прилика ми се даде повторно можност да проговорам за него и за неговиот празник. Мислејќи околу содржината на моето денешно обраќање, што да изречам на ова литургиско свештенодејствие, минувајќи го поголемиот дел од времето овде во Лешочкиот манастир, каде секоја прошетка, секое прелистување на неговите дела, секоја богослужба во овој храм и секоја молитва покрај неговите мошти нè прават блиски сведоци на неговото застапништво, денешната моја беседа ќе ја започнам со искажување на благодарност кон светиот Кирил. Ти благодариме преподобен оче Кириле за сè што направи за нас, за македонскиот народ и за Црквата на овие простори! Ти благодариме што остави неизбришливи траги, што остави дела и поуки за спасение! Ние твоите чеда ти благодариме за твојата мисија за зачувување на верата во едни тешки времиња, за просветата на народните маси, за надградбата на овој манастир и за неговиот имот, а најмногу ти благодариме за твоите свети молитви и за твоето застапништво, за тоа што ти ни си вечна утеха и вистински пример за следење.

                        Утрешното негово празнување и нашето присуство на истото, се надевам во голем број, најмногу говори и ќе говори за нашата почит и благодарност кон светиот Кирил, кој преку своите подвизи и духовни дарови се удостои со тајната на светителството, кое е дар Божји, награда за неговото служење на Бога, на Црквата и на народот. Светиот Кирил се здоби со светителски ореол затоа што целиот свој живот го поминал во спасителен подвиг, длабоко посветен во молитва на Бога, во помагање и поучување на народот во вистинското предание и учење на верата. Тој во текот на својот живот успеал да развие богата и сеопфатна дејност. Бил монах, учител и просветител, игумен, ктитор и возобновител на монашкиот живот, потоа собирач на ракописи и книжевник, со еден збор кажано вистински мисионер и предводник на црковниот живот на овие простори. За неговата пастирско-мисионерска дејност во една недамнешна прилика го напишав следното: „Свети Кириловата дејност пред сè била црковна. Пејчиновиќ бил и си останал човек на Црквата и со душа и со тело и со мисла. Тој се издвоил од анонимната монашка патека и во својот живот си зел врз себе определена задача: морално и просветителско делување врз христијанските народни маси. Всушност, целата дејност на свети Кирил била насочена против народното незнаење, суеверието, егоизмот, среброљубието, нечесноста на клирот и непослушноста на народот кон Црквата“. Ете мили мои, накратко таква била неговата богата неуморна активност во просветлувањето на верниците, која и ние треба да ја следиме, бидејќи и во ова наше време сме сведоци дека не е ништо подобро од времето во кое живеел светиот Кирил. И во денешно време владеат разни пороци и суеверија, кулминира егоизмот, присутно е среброљубието, луѓето се оддалечуваат од Црквата. Затоа и денес на сите нам од голема полза ни се животниот пример, како и поуките и делата на светиот Кирил, кој имајќи венец на добродетели како огледало засветлил во едно мрачно време.

 

Драги браќа и сестри,

                        Свети Кирил како наш светител продолжува да нè просветлува и сите нам во ова наше време преку безбројните поуки, кои ги составил и оставил во наследство. Наоѓајќи се во деновите на овој великопосен период, некаде на половината од Светата четириесетница, сметам дека погодна прилика е да се потсетиме на некои од неговите поуки за тоа како треба да се однесуваме во овие пречесни денови, кои ќе ни бидат од голема корист во нашата истрајност во постот . Светиот Кирил, во своето дело „Огледало“ на едно место зборувајќи за значењето на овој Велик пост, вели: „Зошто го викаат Велик? – Зашто голема мака треба да претрпиме во него: да вршиме многу метании, многу да се молиме на Бога..., да не се лутиме,... да не пцуеме, да си проштеваме и за сиромасите да се грижиме“. Колку едноставни зборови, а колку поучни и важни за нас христијаните, кои треба во согласност на овие зборови да се трудиме не само телесно, но и духовно да постиме и да се подвизуваме, воздржувајќи се од страстите, очистувајќи ги душите и телата, помагајќи си едни со други. За братољубието, пак светиот Кирил на друго место ќе напише: „Да бидеме браќа, еден на друг да помагаме, да проштеваме според молитвата Господова и еден на друг товарот да си го носиме според зборовите на апостолот. Оти законот Христов е благ и се состои во тоа да се сакаме едни со други, да си проштеваме, да бидеме мудри, да не блудствуваме, да не се опиваме“.  Што друго ни останува да додадеме на овие поучителни зборови, освен да се трудиме истите да ги практикуваме секојдневно во нашиот живот. Љубовта кон Бога и кон ближните е најважната заповед за нас христијаните. Самиот Господ на своите апостоли им рекол: „ Ви давам нова заповед: да се љубите еден со друг; како што Јас ве љубев вас, така и вие да се љубите еден со друг. По тоа сите ќе познаат дека сте Мои ученици - ако имате љубов помеѓу себе!” (Јован 13, 34-35). Да се потрудиме во текот на овој пост да направиме и некое добро дело, да помагаме, да сочуствуваме со другиот за да го направиме нашиот пост благопријатен и истиот достојно да го завршиме, учествувајќи на божествените литургии и примајќи ја редовно Светата Причест. Во своите поуки светиот Кирил како вистински восприемник на светогорското предание, посебно внимание посветил на Светата Причест. Во еден дел од книгата „Огледало“, поточно во Поуката за секој христијанин, како треба да ги празнува Господовите и светителските празници, меѓудругото укажува и на важноста на литургиско-богослужбениот живот на Црквата, на самата Тајна на Црквата, Евхаристијата, односно Светата Причест. Во еден дел од таа поука за тоа како треба да ја примаме Светата Причест, вели: „Слушајте сега благословени христијани да раберете што е Причесната: Христос вели: Блажен е оној што зема да Го јаде Телото Мое и да ја пие Крвта Моја! А оние што не сакаат да примат, тие не сакаат да се причестат. А Неговиот, пак намесник, избраниот сад, светитот апостол Павле, вели: „Тешко и претешко на оној човек што зема Причесна, а не се исповеда, не се простил со непријателите, не се покајал за тоа што го правел, и што мисли пак да го прави...“ Преку оваа значајна Поука за сите христијани, која ви ја препорачувам да ја прочитате свети Кирил на еден начин ни укажува дека сите христијани треба да се трудат да живееат христијански, да бидат во мир со сите луѓе, да постат, да се молат, да се покајат за своите гревови, да се исповедаат сè со цел да не се лишуваат од редовното и достојно причестување, бидејќи лишувајќи се од причестувањето или пак доколку недостојно се причестуваме со телото и крвта Христови, скршнуваме од целта на христијанскиот живот „да станеме богови по благодат“. Затоа да се трудиме постојано не само во овие великопосни денови, туку и преку целиот свој живот да пристапуваме кон Светиот Путир и да се причестуваме за да добиеме прошка на гревовите и живот вечен, односно да го предвкусиме Царството Божјо. 

 

Возљубени,

                        Спомнувајќи ги сите овие поуки искажани од светиот Кирил, денес, на прагот од неговиот празник, длабоко созерцувајќи ја неговата светост, секој еден од нас треба да се поучи од неговиот свет живот и дела. Свети Кирил Лешочки е светителот што ни го даде Бог во ова наше време за пример и образец како треба да живееме и постапуваме во нашиот живот, како треба да ги надминуваме разни искушенија и предизвици, кои ќе се појават на нашиот животен пат со цел да растеме во Бога, а во согласност со Божјите заповеди, да се трудиме и ние да се богоуподобуваме,  да се обожиме и на тој начин да го достигнеме Царството небесно. Затоа не само во овие великопосни денови, туку и преку сите денови на нашиот живот да ги имаме на ум Кириловите поучителни слова и истите практикувајќи ги да го чуваме и правилно да го прославуваме неговиот свет спомен и да се трудиме да ја здобиеме неговата силна вера во Троичниот Бог, вера која ќе роди надеж и љубов помеѓу сите нас. Нека светиот Кирил, чиј спомен утре ќе го прославуваме нè благослови и нека се моли за наше преуспевање во верата и духовниот подвиг со цел радосно да го дочекаме празникот над сите празници – Воскресението Христово. Нека е за многу години и по Божјата милост уште многу години да го чествуваме нашиот епархиски заштитник – свети Кирил Лешочки!

                        Упатувам јавна покана до сите Вас присустни како и до сите верници од нашата епархија и МПЦ-ОА да дојдете на утрешното литургиско празнување на Светиот Кирил во Лешочкиот манастир и поклоновајќи се на неговите свети мошти му оддадеме достојна почит, понесувајќи го неговиот благослов.

 

                        По молитвите на Светиот преподобен отец наш Кирил, Господи Исусе Христе помилуј нè!

                         

 

[1] Пригодно слово изговорено на литургијата на Претходноосветените дарови отслужена во Соборниот храм „Свети Кирил и Методиј’ во Тетово на 24. 03. 2023 година, во пресрет на празникот на светиот Кирил Лешочки.