Да се огледаме на светиот Кирил

г. Јосиф, митрополит Тетовско - гостиварски

Да се огледаме на светиот Кирил![1]

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

 

Торжествениот спомен твој, преподобен Кириле,

ги развесели пределите Полошки и земјата Македонска...

(Литиска стихира од Вечерната служба)

 

Драги браќа и сестри,

 

Веќе втора година после канонизацијата, во овие првопролетни мартовски денови тука во овој манастир нè собира на молитва сечесниот спомен на преподобниот светија Кирил Лешочки, познатиот наш преродбеник и учител, игумен и чувар на оваа света обител и на овие предели. Ете денес на неговиот празник, дојдовме во овој свештен храм, за да наоѓајќи се блиску до неговите свети мошти ги упатиме нашите молитви кон Троичниот Бог, Кој е воспеван од хоровите светителски. Во една стихира од службата на преподобниот се вели: Торжествениот спомен твој, преподобен Кириле, ги развесели пределите Полошки и земјата Македонска... И навистина сите ние денес сме сведоци дека овој ден е значаен за овие предели, но и целокупно за Македонската црква во нејзината полнота, која го препозна светителскиот дух и лик на носителот на денешниот празник. Уште пред да биде канонизиран, генерации и генерации се просветлуваа од Кириловите дела напишани на разбирлив народен македонски јазик и доаѓаа во овој манастир да му се поклонат на неговото почивалиште. По канонизацијата, пак, од октомври 2022 година она што ме радува и што сакам да го споделам со вас е дека бројот на поклониците, кои се поклонуваат сега пред кивотот со светите моштите е уште поголем, а тоа е уште една потврда дека култот на нашиот денешен славеник е проширен и препознатлив кај верниот народ.

Светиот Кирил Лешочки е добро познат на македонскиот народ. Неговиот епитаф, како и неговите книжевни дела се значајни за македонската наука, но она што е уште позначајно да се каже е дека тие дела се најзначајни за верниот народ и за МПЦ-ОА. Во нив, тој како црковен деец, како отец и игумен, свесен за духовната потреба на своите верници на едноставен начин им дава длабока верска поука, постојано поучувајќи ги како правилно да ја практикуваат нашата прадедовска вера. И во времето кога живеел светиот, но и во денешното време сме сведоци дека верската поука е потребна повеќе од било кога. И денес имаме верници, кои ненамерно, но поради недоволно познание на верата, истата погрешно ја практикуваат и црковниот живот го сведуваат само на традиција и обичај, иако тој треба да биде борба за стекнување на вечниот живот. Но, затоа сме тука ние свештените лица, кои треба постојано да го потсетуваме и насочуваме верниот народ да чекори по вистинскиот пат. Големината на денешниот светител е токму во неговата неуморливост и постојаност во подвигот на учителството. Свети Кирил по примерот на Учителот над сите Учители, на нашиот Спасител Исуса Христа се покажал како добриот пастир, кој си ја полага душата своја за овците (Јн. 10,11). Тој како дел од народот на овие простори, длабоко го познавал својот народ, но и верните, гледајќи го него, неговиот аскетски живот и подвиг, неговите дела во верата го препознале и го прифатиле за свој отец и учител во верата. Светиот Кирил во овие предели во тоа време со еден збор кажано „бил гласот на Оној што вика во пустината“ (сп. Марко 1,3), т.е. совеста во опустошените души. Слично на свети Јован Крстителот, тој го проповедал Словото Божјо, учејќи ги луѓето во тајните на верата и повикувајќи ги преку покајание да се подготвуваат за идниот вечен живот.

 

Почитувани верници,

           

            Од светиот Кирил, преку неговите книги ни се достапни многу душеполезни поуки. Денес, на неговиот празничен ден, најмногу прилега да се потсетиме на некои од нив, кои ќе ни бидат од голема полза во нашиот духовен развој. Наоѓајќи се на почетокот на Втората недела од Великиот пост во овој наш историски манастир, на самиот почеток од постот потребна ни е духовна поука, која ќе не охрабри во нашата духовна борба. Токму таква силна духовна поука наоѓаме кај светиот Кирил Лешочки во неговата книга „Утешением грешним“, во една од повеќето беседи сместени во книгата, каде осврнувајќи се на Господовите зборови: Овој, пак, род се истерува само со молитва и пост (Матеј 17,21), тој ги поучувал верниците, и укажувајќи им на важноста од постот и молитвата, го напишал следново: „Постот и молитвата Бог ни ги даде против душманите, невидливи и видливи: како што се плотта, (всушност желбите на плотта, а не плотта самата по себе), потоа светот и ѓаволот. Постот е да го совлада телото, а молитвата да Го смилостиви Бога“. Колку едноставно кажани, но длабоко содржајни зборови, кои сите ние треба да ги практикуваме во текот на нашиот живот и во нашата непрестајна борба со безбројните искушенија со кои секојдневно се бориме. Постот и молитвата се најважното духовно оружје со кое се победува во борбата против поднебесните сили, тие ни се неопходни средства за стремеж на човекот кон духовно совршенство, надежна сила за давање на отпор во духовната немоќ и наша благодатна ризница за постигнување на крајната и врвна цел на христијанскиот живот, а тоа е светоста и спасението во Господ. Тука би ги спомнал и зборовите на нашиот свет епископ Гаврил Велички, Светогорецот, кој поучува дека „суштината на христијанскиот пост не е умртвување на телото, како што погрешно се мисли, туку умртвување на гревот во нас, зашто гревот предизвикува пропаѓање и смрт. Закрепнувајќи ја волјата, постот му дава можност на духот да владее со телото“. И светиот Кирил Лешочки така ги подучувал своите верници да бидат постојани во постот и молитвата, да се борат со страстите и искушенијата на овој свет, да растат во добродетелите и да се натпреваруваат во доброто наспроти злото. Неговите поуки се значајни и за нас, но и за нашите деца и внуци, кои се иднината на нашето општество. Нивното домашно воспитание и образование е од особена важност ако сакаме да имаме добро општество и здрави генерации. Затоа секогаш кога имаме време треба да се навраќаме на делата на нашите преродбеници и учители, да ги читаме Кириловите дела, кои секогаш се повеќе од актуелни, бидејќи во нив се преточени Христовите зборови кои го преобразуваат светот и човекот.

 

Возљубени чеда,

 

Да се потрудиме во деновите на Светата четириесетница, да му дадеме можност на духот преку постот и молитвата да владее со нашето тело, за да достојно Го дочекаме Христовото воскресение. На тој пат за пример да го имаме и нашиот свети Кирил Лешочки, чиј спомен денес го славиме во овој негов манастир. Кога и да ни е тешко секогаш да се потсетиме на него и на неговите поуки, кои треба да ги практикуваме и кои ни се дадени за наша помош. Бог го прослави него – за да ние имаме огледало во кое треба да се огледуваме како треба да живееме и да ја практикуваме верата. Да се трудиме секогаш да напредуваме во верата и во светотаинскиот и литургискиот живот, да се каеме за нашите гревови и прегрешенија и да се причестуваме со Христовите свети тајни. Нека светиот преподобен Кирил Лешочки биде наш застапник и поткрепа во тој наш духовен подвиг и нека се моли за сите нас, постојано сега и секогаш и во сите векови!

Нека е за многу години споменот на светиот Кирил Лешочки!

 

На овогодинешното чествување на наше големо задоволство, со нас радоста на празникот молитвено ја споделува и нашиот Поглавар, Неговото блаженство Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, на кого му искажуваме голема благодарност за неговото залагање и грижа за благосостојбата на нашата Црква, како и за неговото присуство на оваа манастирска слава. Исто така сакам да се заблагодарам на ректорот на српската богословија „Свети Арсениј Сремац“ од Сремски Карловци и на матурантите, кои со своето пеење го збогатија чествувањето на овој наш значаен празник.

 

Нека Светиот Кирил Лешочки се моли за сите нас! За многу години!

 


[1] Пригодно слово изговорено на втората Литургиска прослава на светиот Кирил Лешочки во Лешочкиот манастир, на 25. 03. 2024 (Свети Кирил Лешочки, Преподобен Теофан Исповедник; Преподобен Симеон Нов Богослов; Свети Григориј Двоеслов, папа Римски).