Маченикот од Радовиш

г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски

 

Маченикот од Радовиш1

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

 

Свети маченици, вие кои добро се подвизувавте и се овенчавте, молете Го Господа да ги помилува нашите души. (Општ тропар за светиите – маченици)

 

 Ваши Високопреосвештенства, почитуван градоначалник, драги браќа и сестри,

 

 

Историјата на христијанската црква низ времето до ден денес ни сведочи за бројни христијани, кои своите животи маченички ги положиле за Христа и за православната вера. Еден од тие христијани маченици е и светиот маченик Атанасиј (Спасо) Радовишки, кој на денешен ден пред точно 225 години, заради верата во Христа Господа, ја пролеал својата крв. Токму во чест и спомен на неговото страдание, денес сме собрани на ова литургиско свештенодејствие во неговиот роден град Радовиш, каде заедно со Вас радовишани велелепно го чествуваме Вашиот патрон и заштитник на градот. Јас ја имам честа денес од оваа свето место, по молитвите на нашиот новомаченик да проговорам нешто за него и за мачеништвото. Како народ низ времето сме дале доста маченици за верата. Меѓу тие маченици, во диптихот на светиите се спомнува и новомаченикот Спасо од Радовиш, кој маченички пострдал во градот Солун во 1794 година, на само 20 годишна возраст. Како што можеме да прочитаме од неговото житие напишано од преподобниот Никодим Агиорит, светиот Спасо бил роден во 1774 година во овој град. Кога наполнил 20 години неговите родители го испратиле во градот Солун да учи занает. Таму жестоките по срце Агарјани започнале да го присилуваат да прими ислам, но откако младиот Спасо не се откажал од својата вера, бил измачуван, но како и неговите предходници, по примерот на мачениците од првите векови  тој храбро и силно ги поднел страданијата, во себе чувајќи ја светоста

 

 

 

 
 

1 Беседа изговорена на Светата Литургија во храмот „Пресвета Троица“ во Радовиш, на 21. 08. 2019 - (Свети Емилијан Исповедник, епископ Кизички; Свети Мирон Чудотворец, епископ Критски; Преподобен Григориј Синаит; Светите маченици Тријандафил и Анастасиј; Светиот маченик Гормиздас;).

 

на христијанската вера. Така, одејќи кон бесилката измачениот Спасо паднал и ја предал својата душа на Господа.

Почитувани,

Не само денес, туку и во останатите денови од годината треба да си спомнуваме за новомаченикот Спасо Радовишки и на неговата маченичката смрт. Неговата голема вера и неговата истрајност и упорност треба да се наш мотив денес во ерата на современото мачеништво. Ние во денешно време кога ќе го спомнеме зборот маченик –веднаш помислуваме дека тоа нема никаква врска со нас, дека маченици имало во минатото, дека мачеништвото е туѓо за нас во денешницата. Но тоа не е така! Како во минатото, така и денес  имаме маченици. Имаме крвно и бескрвно мачеништво. Крвно мачеништво особено било присутно во ранохристијанскиот период, во првите три века кога Црквата била гонета, а и денес сеуште имаме христијани, кои маченички го загубиле својот живот. Бескрвното, пак мачеништво е секое себежртвување. Во таа насока секој вистински христијан на еден начин е и маченик преку христијанскиот подвиг во својот живот. Секој од нас треба да си го земе својот маченички крст дали преку бракот или пак преку монашкиот живот, секој треба искрено да прави жртва, да го поднесува страданието и ударите на животот.

И бракот, како и монаштвото преставуваат мачеништво. Исто и болестите. Денес секој кој се себежртвува претрпува мачеништво. Секое себежртвување е мачеништво до крајна мерка, доколку нашиот мотив е праведен, односно, доколку е направено од љубов, а не за лична слава и корист во иднина. А нашите жртви можат да бидат најразлични, а сите ние не треба да се плашиме од мачеништвото. Ако вистински го љубиме Бога, единствено треба да се предадеме на неговата света волја и промисла, а Он како Премудар на секого од нас ќе му даде маченички крст, во зависнот од нашата сила.

 

Драги браќа и сестри,

Светиот Тертулијан ни сведочи дека крвта на мачениците била семе, од кое никнувале нови и нови христијани. Всушност мачеништвото е етос на Црквата, мачеништвото е начин на живот на Црквата. Неможе да се живее христијански, а да не се пострада за љубовта и вистината. Треба постојано да сме подготвени за мачеништво. Треба да постиме, да се молиме, да коленичиме, бидејќи и тоа е мачеништво. Со мачеништвото за Христа ништо нема да загубиме, затоа да го практикуваме мачеништвото и да не се

 

плашиме од страданијата. Пред некој ден на социјалните мрежи налетав на една споделена мисла, која се поклопува на оваа мое кажување. Старецот Софрониј (Сахаров), за периодите на страдание и болка во нашиот живот го вели следново: „Едно сепак е јасно и не подлежи на сомнеж: ќе дојде часот кога сите наши искушенија и неволји ќе исчезнат во минатото. Тогаш ќе ни стане јасно дека најболните периоди во нашиот живот биле најплодоносни, и дека тие ќе нѐ пратат надвор од границите на овој свет, за да бидат темели на

„непоколебливото“ Царство. Од мислата на старецот можеме да заклучиме дека сите наши плодови во Црквата ги здобиваме преку мачеништво. Светите отци ни ја дале и прекрасната изрека „Дај крв  прими дух“. Таа изрека постојано да ја имаме во нашите глави и се почесто да ги практикуваме тие зборови на дело, па следејќи го примерот на светиот Спасо да се потрудиме секојдневно да бидеме подготвени за мачеништво за Христа, нашиот вистински Бог и сега и секогаш и во сите векови! Амин!

Ја користам оваа прилика од мое име и од името на мојот собрат Епископот Стобиски г. Јаков, да му се заблагодарам на Вашиот надлежен архиереј, Митрополитот Брегалнички Иларион за поканата и за дадената можност денес да бидеме учесници во овој празничен собор помеѓу Вас радовишани.

Нека е за многу години празникот!

По молитвите на светиот маченик Спасо, Господи Исусе Христе, Боже наш помилуј нè и спаси!