Милост, а не жртва

г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски

Милост, а не жртва

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Саботата е создадена за човекот, а не човекот за саботата“

(Марко 2,27).

Драги браќа и сестри,

Саботниот ден од првата седмица на Великиот пост е посветен на светиот великомаченик Теодор Тирон. Затоа денес, ние се наоѓаме во овој храм посветен на денешниот светител, овде во oва прекрасно село Јанчиште, за да заедно со сите Вас достојно го одбележиме овој наш празник, за да си спомнеме за животот и делата на светиот Теодор и да му ја оддадеме заслужената почит. Почитта кон него е засведочена уште во раните векови на Црквата, а освен во оваа прва сабота од постот, ние христијаните го празнуваме и се сеќаваме на него и на 1 март. Сите знаете дека оваа сабота, поради чествувањето на споменот на светиот Теодор се нарекува Тодорова сабота. Но, кој бил светиот Теодор и што поточно празнуваме? – Накратко, самото име Теодор значи „Божји дар“, додека Тирон значи „регрут“, односно војник, кој е во првите месеци од службата. И навистина, светиот Теодор Тирон бил војник. Од неговото житие дознаваме дека штотуку стапил во војска, во Мармаритскиот полк, во градот Амасија, започнало гонење на христијаните од страна на царевите Максимилијан и Максимин. Светиот Теодор не сакал да ја крие својата вера, па откако дознале дека е христијанин го затвориле во затвор, каде му се јавил самиот Христос Бог, велејќи му: „Не плаши се, Теодор, Јас Сум со тебе, не земај веќе овоземна храна и пијалак, зашто ќе бидеш во другиот живот, вечниот и неминливиот, со Мене на небесата“. За време на Божјото јавување се јавиле мноштво ангели, кои ги забележале дури и стражарите, кои се исплашиле. Потоа свети Теодор бил изведен и осуден на смрт. Пострадал маченички во 306 година, предавајќи Му ја својата душа на Бога. 

 

Почитувани верници,

Денес, Светата Црква си спомнува за едно големо чудо, кое се случило педесет години после маченичката смрт на светиот Теодор, кој бил од Бога удостоен да извршува чуда. Тоа преславно чудо со коливото се случило во времето на владеењето на страшниот император  познат по злобата кон христијанството – Јулијан Отстапник, кој повторно започнал да ги гони христијаните. Имено, откако го прекинал свирепото гонење, смислил начин како да ги оскверни христијаните, па наредил за време на првата недела од Великиот пост сета храна, која се продава на пазарите да се замени со храна претходно оскверната со крв од идолски жртви, та оние што постат, купувајќи од таа храна да се осквернат. Но Божјата милост не ги оставила оние, кои веруваат и се надеваат на Него. За да ги запази верните од осквернување, по Неговата промисла, светиот Теодор му се јавил на епископот Евдоксији му соопштил дека храната на пазарите е оскверната и за да се сочуваат од осквернување го советувал епископот да им пренесе на верните да јадат само коливо, односно варена пченица. Така верниците биле запазени од осквернување и во знак на благодарност кон светиот Теодор Тирон, првата сабота од Велигденскиот пост е посветена во негова чест и во спомен на чудото со коливото. Токму во спомен на тоа чудо, денес се благословува варено жито.

 

Возљубени,

Спомнувајќи се за Теодоровото чудо, во благословените дни на постот да се потрудиме да постиме чисто и неосквернето, да не го омаловажуваме постот, зошто нашите прародители Адам и Ева, поради непочитување на Божјата заповед, преку нарушувањето и јадењето од забранетиот плод паднала во грев. Затоа ние, кој колку може, според своите  можности и сили да се труди да ги запазува Божјите заповеди, како и црковните правила. Како христијани потребно е да постиме, но и да се исповедаме пред духовниот отец – свештеникот и со покајание да пристапиме кон Светата тајна Причест. Ете, во оваа „сабота“, која како што слушнавме од денешното Светото евангелие „е создадена за човекот, а не човекот за саботата“, по молитвите и застапништвото на светиот Теодор Тирон нека Севишниот Бог нѐ  укрепи во духовните подвизи, нека нѐ сочува неосквернети и нека нѐ просветли за да не бидеме и ние верници како фарисеите само по надворешен изглед, туку и внатрешно и суштински да се преобразиме во подобри личности, да веруваме, не робувајќи на формата, туку живеејќи вистински содржински христијански живот, никогаш  не заборавајќи ги Христовите зборови „милост сакам, а не жртва“ (Матеј 9,13). Овој пост да го поминеме во духот на милоста. Да бидеме милостиви, зошто Спасителот ги ублажува милостивите: „блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани“ гласи едно од блаженствата. Затоа да не постиме само телесно, туку и духовно, бидејќи воздржувањето од храна нема никаква смисла без духовен подвиг, без покајанието и исповедта, без молитвата, без правење на добри дела и без давање на милостиња на оние, кои имаат потреба од наша помош. Сите да се потрудиме да дадеме милост, за да ја добиеме Божјата милост, сега и секогаш и во сите векови. Бог по молитвите на денешниот славеник, на светиот Теодор Тирон да нѐ помилува и спаси!

На крај, сакам јавно да се заблагодарам на Црковниот одбор за поканата денес да бидам помеѓу Вас и воедно да ја истакнам и пофалам грижата за храмот и за развојот на духовниот живот во ова село.

Нека е за многу години!