Осана на Синот Давидов 1

г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски Пресвета Богородица“ Гостивар, на 21. 04. 2019 – Шеста недела од Великиот пост – Цветници (

Осана на Синот Давидов 1

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Осана! Благословен е Кој доаѓа во името Господово, Царот Израилев!”

(Јован 10,13)

Драги браќа и сестри,

Се приближува крајот на постот, а се доближува радоста на празникот над празниците Воскресението Христово – Велигден. Веќе зад нас се шест седмици на Великиот пост, а пред нас е Страсната или Страдална седмица, седмицата на Христовите доброволни и спасителни страдања. Во оваа недела што ни предстои целиот наш фокус треба да го насочиме кон Христа, Кој со влегувањето во Ерусалим и со тргнувањето на Голгота, заради нас, го исполнува севкупниот домострој на спасението.

Но пред самиот почеток на Страдалната седмица имаме два големи празници. Вчера го прославивме празникот Лазарева сабота и си спомнавме за Христовото чудо, за воскресението на четиридневниот Лазар од мртвите – како последен чин пред Христовото влегување во Ерусалим и пред почетокот на Неговото бавно искачување на Голгота во деновите на Страсната седмица. Отец Стефан Фриман во својата беседа за воскреснатиот Лазар, кој четири дни лежел мртов, укажува за овој настан дека е подготовка за празнувањето на Пасха (Велигден), нарекувајќи го Лазаревото воскресение „микро Пасха во предвечерието на Великата Пасха“. Денес пак, браќа и сестри, си спомнуваме за настанот, за кој пророкуваа многу старозаветни пророци, чии пророштва ги остварил Самиот Господ Исус Христос. Во овој ден ние си спомнуваме за празникот на Христовото влегување во Ерусалим, во народот познат како Цветници или пак Врбици.

Христовото влегување во Ерусалим се случило по чудесното воскреснување на Лазар во Витанија, токму шест денови пред еврејскиот празник Пасха. Од минатонеделното евангелие, чувме дека на искачувањето кон Ерусалим Господ им кажувал и ги подготвувал своите апостоли за настаните, кои ќе се случат во Ерусалим, кој во тие денови, поради празникот Пасха бил исполнет со многу народ. Првосвештениците во тие мигови веќе биле решени да го убијат Господа. Тие неможејќи да гледаат колку луѓе Го следат, намислиле не само да Го убијат Хростос Бог, туку нивната злобаа одела до тоа тие да го убијат и Лазара.

Кога Христос влегол во Ерусалим како што сведочи светото Евангелие, се случило повторно нешто сосема неочекувано за нив „...мноштво народ, кој беше дошол на празникот, кога чуле дека Исус, седејќи на осле доаѓа во Ерусалим, зеле палмови гранчиња и излегле да Го пречекаат; велејќи: „Осана! Благословен е Кој доаѓа во името Господово, Царот Израилев!“ (сп. Јован 12,12-13). Во тоа мноштво народ имало луѓе од најразлични возрасти: деца, средновечни, но и старци, но сите тие не се двоумеле да излезат на патот и да го пречекаат Царот, Кој освен што е прославуван на небото од страна на ангелските чинови, во тие мигови и на земјата добил похвала, од оние, кои ги послале своите облеки и кои со палмови гранчиња – како симбол на победата, брзо Го пресретнале Животодавецот и Оној, Кој ја победил смртта. Паднале на колена пред Него и потоа оделе по Него, не само на влезот од градот, туку и во самото свето место, гласно пеејќи: „Осана на Синот Давидов! Осана во висините!“ Со тие зборови всушност Му вознесувале слава, бидејќи „Осана“во превод значи „Слава“. Додавајќи „во висините“, покажале дека Он се прославува со песна не само на земјата и не само од луѓето, туку и од ангелите на небото. На тој начин се случило Христовото влеговање во Ерусалим пред самото Негово крстно страдање.

Драги браќа и сестри,

Наоѓајќи се во овој храм со врбови гранчиња во рацете, денес сите ние сме сведоци на Христовото влегување во Ерусалим, бидејќи „наоѓајќи се во Неговото Тело, во Црквата, ние имаме една Глава – Него“ вели во својата беседа за овој празник светиот Григориј Палама, кој нè потсетува дека сите ние, кои имаме една надеж, сме повикани заедно во овие денови пред самиот празник - да се љубиме еден со друг, да се трудиме еден за друг, бидејќи сме соединети едни со други. Но и да веруваме во Бога. И токму пред самите Негови страдања, и треба да се запрашаме дали вистински веруваме во Него? – Ако вистински веруваме во Него – во оваа недела треба активно и ние сите да соживуваме со Него, да го созерцаваме Неговото дело и да Го носиме Неговиот крст, следејќи го Неговиот трнлив пат до Распетието, за на крај да го доживееме како свое и Неговото Воскресение.

Затоа апелирам до сите православни христијани, дека во престојните дни е време благопријатно, самиот ден на спасението, па затоа, според Павловите зборови да ги отфрлиме сите дела на мракот и да се облечеме во оружјето на Светлината. Да одиме чесно како дење“ (2 Кор. 6, 2) – зашто ни се приближува сеќавањето на спасоносните Христови страдања, се приближува нова, голема и духовна Пасха, награда за бестрастието - почетокот на идниот век, подготвен за оние, кои не само денес ќе одат со Христос, туку и во наредните денови ќе го продолжат тој пат да го одат во своето срце, во својот Ерусалим, за да очистени и ние воскреснеме на денот на Христовото воскресение, заедно со Него, причестувајќи се со Неговите спасителни тајни, и сега и секогаш и во сите векови. Амин!

Нека е за многу години!


 


 

 

 

1 Беседа на Литургијата во храмот „Пресвета Богородица“ Гостивар, на 21. 04. 2019 – Шеста недела од Великиот пост – Цветници (Влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим – Цветници; Светите апостоли Иродион, Руф, Асинкрит, Флегонт и Ермиј; Свети Нифонт, епископ Новгородски; Свети Келестин, папа Римски;).