Почеток на спасението[1]

г. Јосиф, Митрополит Тетовско-гостиварски храмот  Благовештение„Пресвета Богородица“ – Тетово, на 07. 04. 2019 –

Почеток на спасението[1]

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Ангелот дојде при неа и рече: радувај се, благодатна! Господ е со тебе; благословена си ти меѓу жените... Тогаш Марија рече: ете ја слугинката Господова, нека ми биде по зборот твој...“

(Лука 1,28-38)

Драги браќа и сестри,

            Чекорејќи во дните од постот – стигнавме до четвртата недела посветена на светиот Јован Лествичник, авторот на капиталното делото „Лествица“ или уште познато како „Скалила“. Но, оваа година во оваа недела се падна и празникот, кој според светите отци и учители на Светата Црква е почеток на спасението. Денес сите ние заедно го чествуваме и Благовештението на Пресвета Богородица, торжествено ја прославуваме благата вест пренесена од благовесникот, од архангелот Гаврил на „Царицата на ангелите“ дека таа ќе стане Мајка на Господа Исуса Христа, Кој како што исповедаме и во Символот на верата, заради нас луѓето и заради нашето спасение, слегол од Небото и се воплотил од Светиот Дух и Марија Дева и станал човек. Таа вистина, таа блага вест дека Пресвета Богородица ќе зачне и дека ќе го роди Спасителот на светот ние денес ја прославуваме овде во храмот на Онаа, која стана „слугинка Господова“ (Лука 1,38). „Радувај се, благодатна! Господ е со тебе; благословена си ти меѓу жените...“.  Колку прекрасен поздрав на Божјата Мајка упатил архангелот Гаврил, со кого се сврзани сите собитија околу воплотувањето на Христос. Архангелот по Божја заповед ја посетил Богородица и ја известил, дека дошло времето за воплотувањето на Божјото Слово и дека таа ќе стане Негова Мајка.

            Настанот на Благовештението е особено значаен празник, кој не само што е почеток на Лукиното евангелие и на сите Господови празници, туку и поради тоа што овој празник е и почеток на нашето спасение, на спасението на целиот човечки род. И токму во тоа е благата вест за сите нас. И по повеќе од 2000 илјади години за нас православните христијани – нема порадосна вест од веста, која архангелот на денешен ден и ја пренел на Божјата мајка: „Не бој се, Марија, зошто си нашла милост пред Бога; и ете, ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе го наречеш со името Исус“ (Лука 1,31). Тоа се зборовите преку кои се исполниле старозаветните пророштва. Благовештението, односно благата вест имено е исполнување на Божјото ветување, кое Он го дал со паѓањето на Адам и Ева во грев, а кое се нарекува „прво благовештение“. Веста за воплотувањето на Словото Божјо е најголема вест во човечката историја. Вест, која направила пресвртница во светската историја. Таа добра вест е исправка на настанот што се случил во Едемската градина. Таму од жена започна падот, а тука од од Дева започнуваат сите блага. Затоа Богородица е новата Ева. Таму од жената започна падот и неговите плодови, а тука од Дева започнуваат сите блага. Таму Адам, тука Христос. Таму е Ева, тука е Марија. Таму е змијата, тука е Гаврил. Таму е шепотот на искушувачот, тука поздравот на ангелот, на кој Марија Дева со послушание одговорила „ Ете ја слугинката Господова, нека ми биде по зборот твој...“ (Лука 1,38). Непослушанието – Таа го исправила со послушание и на тој начин ја исправила грешката на нашите прародители Адам и Ева.

Затоа, мили мои, Богородица е новата Ева, која повторно го востановила сојузот помеѓу небото и земјата. Богородица, со своето послушание, смирение и скромност постанала мост меѓу небото и земјата, Таа е капината, која гори, но не согорува, Таа е „Лествица“ преку која сите ние се сродуваме со небото, а Бог снисходувајќи кон човекот се сродува со нас во Богородица и така се јавува „тајната од вечноста“, на тој начин што Бог, станувајќи човек – ни овозможил нам да станеме богови по благодат.

            Да се огледаме и ние на Пресвета Богородица, да го возљубиме нејзиното смирение, чесност, вера, нејзината скромност, трпеливост и кротост, да го примиме и нејзиното послашание и љубов за да на тој начин во своите срца го примиме Нејзиниот Син и наш Бог, Спасителот на нашите души. Да ја молиме Пресветата и светиот Јован Лествичник – овие дни од Великиот пост за нас да бидат лествица, да бидат скалила, по кои чекорејќи од ден на ден ќе се искачиме во Царството Божјо. А на тој пат да запаметиме дека наша најголема застапничка и молитвеница е секогаш Таа, која го вкусила блаженството на вечниот живот од Единородниот Син свој, Него да Го моли и за нас грешните за да и ние го добиеме тој дел на вечното блаженство. Амин!

            По молитвите на Богородица, Господи Исусе Христе Боже нас спаси нè!

 

[1] Беседа изговорена во  храмот  „Пресвета Богородица“ – Тетово, на 07. 04. 2019 – Четврта недела од Великиот пост - Недела на свети Јован Лествичник (Благовештение; Светите маченички Пелагија, Теодосија и Дула; Преподобен Сава Нов Атински).