Прeчиста

г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски

Прeчиста 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Те величаме, Пресвета Дево, Богоизбрана родителке, 

и го почитуваме Твоето влегување во Господовиот храм.

(Величание на празникот)

 

Драги браќа и сестри,

Чекориме низ благословениот период на Божикниот пост, онака како што Пресветата Богородица,  низ петнаесетте скалила се искачувала кон ерусалимскиот храм. И ете, денес, токму на почетокот од постот, во првата недела, спомнувајќи си за еден светол настан од животот на Богомајката, ние во овој храм, го празнуваме токму нејзиното воведение во скинијата, во ерусалимското светилиште, влегување, кое претставува предзнак за тоа дека Пречистата Дева ќе биде поставена повисоко, не само од светите луѓе, туку и од ангелите, од херувимите и серафимите. Со нејзиното појавување во храмот, како што слушаме од тропарската песна започнува предвестувањето на Христовото доаѓање на земјата, на неговото рождество од Пречистата.

Денешниот празник, е и празник на исполнувањето на ветувањето на праведните Јоаким и Ана, кои молејќи се за разрешувањето на својата неплодност дале ветување, дека ако им се роди дете – ќе го посветат во служба на Бога. Според Светото предание за да се исполни тоа ветување кога Пресвета Богородица наполнила три години од страна на нејзините свети родители била доведена од Назарет во Ерусалим, каде се случило нејзиното свечено воведување во храмот, кое било исклучителен настан. По Божја промисла откако Дева ги искачила скалилата, првосвештеникот Захарија ја вовел во најсветото место, во Светињата на светињите, каде што никој не влегувал освен првосвештеникот и тоа еднаш годишно. Но, ете Богородица Мајка, како посвета од светињата на светињите, влегувајќи во храмот – го навестила како нова Ева и повторното помирување на човекот со Бога, отворањето на рајските порти, како и конечното враќање во прегратките на нашиот Отец Небесен.

Почитувани,

Во ерусалимскиот храм Богородица престојувала цели девет години, подготвувајќи се за големото дело, за вооплотувањето на Синот Божји. Таму живеела целомудрено и целосно посветена на Бога, поучувајќи се со Божјото слово. Живеејќи на тој начин нејзината душа под свештените сводови на храмот постанала жив Божји храм. И како таква навистина Пресветата Дева се нашла единствена достојна пред Бога да биде мајка на Синот Божји, на Христос Бог, Кој се сместил во Нејзината утроба. Како Мајка Божја – Богородица постанала посредник помеѓу создадениот свет и Бог или „лествица по која ние се качуваме од земјата на небото“ како што кажува светиот Григориј Палама во својата беседа за овој празник. По смртта на своите родители, кога навршила дванаесет години, во согласност со Законот му ја дале на светиот Јосиф во вид на свршеница да живее со него во дественост. Така Богородица станала и првата доживотно заветувана девојка, Која потоа во Христовата црква ќе ја заследат незнајно мнозинство на девственици и дественички.

Возљубени,

И ние како Пречистата Дева да го возљубиме домот Божји и просветлени од благодатта на Светиот Дух да го очистиме нашето срце, да го просветлиме нашиот ум за да се обожиме и да го примиме во своите срца Богомладенецот, Кој пребива во утробата на Дева. Наоѓајќи сè во дните на постот имаме одлична можност да ги преиспитаме нашите дела, нашиот живот и нашите зборови, да се покаеме и преку исповед да се подготвиме и да се причестиме со Пречистото тело и Пречистата крв на Христа нашиот Спасител. Во тој дух треба да ги воспитаме и нашите најмали, нашите деца, кои се иднината на овој свет. Ним треба да им ја посведочиме вистинската вера и да им пружиме можност да растат во Христа уште од најрана возраст. Една од пораките која ни ја испраќа овој светлозрачен празник е и пораката на воспитувањето. А да се воспита некого, во суштина значи да се нахрани. Најдобра духовна храна за нашите деца е богослужението во храмот. Затоа, како што Пресветата била воведена во храмот од своите родители за да Му служи на Бога и да се воспита и украси со смирение, трудољубие, кротост, со различни добродетели и со силата на молитвата, така и сите ние заедно со нашите деца доверени од Бога да притекнеме во храмот Господов и слушајќи го Божјото слово – да се воспитаме во дух и вистина, во совршена праведност и секаква добродетел во послушност на волјата Божја, во ненадминлива радост и пожртвувана љубов. 

Нека овој празник биде наш потсетник за да сè почесто зачекоруваме на патот кон храмот. Затоа да не забораваме да се помолиме на Дева Марија, чие пречисто дело и живот во храмот треба да се инспирација и пример за наше редовно присуство во храмот, како и поттик за наш постојан духовен напредок. Секој од нас треба барем еднаш неделно да најде време за Бога, и да дојде во храмот на богослужба. Тоа е најмалку што можеме да направиме за да се најдиме во прегратка на Троичниот Бог. Да запаметиме дека храмот е наше најголемо училиште за верата и дека врати се секогаш отворени за сите нас. Бог секогаш го очекува нашето покајание, бидејќи е милостив и човекољубив. Да се молиме на Богородица како наша застапничка пред Бога да ни ги отвори вратите на покајанието, за да и ние по нејзиниот пример влеземе и постојано да се воспитуваме во храмот, возљубувајќи го неговото благолепие, сега и секогаш и во сите векови! Амин.

За многу години, нека е Воведението Богородично! По молитвите на Пречистата, Господи помилуј нè!