ПРОРОК НА ПРАВДАТА, ВИСТИНАТА И ПОМОШТА

ПРОРОК НА ПРАВДАТА, ВИСТИНАТА И ПОМОШТА 


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух! 

Ваше Високопреосвештенство, Митрополите Јоване, 
Почитувани претставници на Владата, на државните институции 
и на дипломатскиот кор, 
Почитуван грaдоначалник на општина Крушево, 
Пречесни отци, драги браќа и сестри, 

Прекрасно е чуството во денешниот ден да се биде дел од ова свечено и божествено торжество на големиот и значаен празник Илинден, овде во убавото Крушево, во градот на некогашната славна Крушевска република. Уште попрекрасен е видикот и погледот кога храмот е исполнет со верен народ, кој и оваа година традиционално се насобрал од сите краишта на нашата Татковина тука во храмот на светиот Николај, каде што нашите предци со векови го прославувале споменот на светиот Илија, за да и ние му оддадеме почит за неговата голема вера, силна ревност и значајните дела, кои ги направил во текот на неговиот живот. Празнувањето на празникот Илинден за нас Македонците претставува двојно чествување. Ние на овој ден покрај црковното прославување, се сеќаваме и на почетокот на Илинденското востание и им оддаваме почит и се молиме за покој на душите на нашите славни илинденци и борци од двата Илиндена (1903 и АСНОМ 1944), кои по примерот на светиот Илија сеодано и ревносно се бореа против неправдите, барајќи правда, човечност и слобода за сите луѓе на ова парче земја. Ете затоа нашето денешно празнување од тука од местото каде што започна првиот Илинден – нашето историско востание е толку велелепно. 
Денес како и тогаш повторно биат камбаните и ја објавуваат литургиската радост, повикувајќи го секој еден човек да земе молитвено учество во прославата на овој црковно-национален празник и да се поучи од светиот и славен пророк Илија, кој живеел во 9 век пред Христовото рождество. Тој се родил во градот Тесвит, во источниот дел на Галадската покраина, во Левитското колено. Светиот Епифаниј Кипарски околу раѓањето на пророкот Илија рекол: „Кога се роди Илија, неговиот татко видел во визија ангели Божји околу новороденчето, кои го повија со оган и го хранеа со пламен“. Свети Илија уште од својата младост се посветил на Бога, се населил во пустината и целиот свој живот го поминал во строг пост, подвижништво и молитва. Бил повикан од Бога на пророчка служба, која пак се одвивала во едно тешко време на отпадништво од верата во Единиот Бог, во периодот на владеењето на израелскиот цар Ахав, кога во Израилот завладеал култот на вавилонското божество Вал. Како старозаветен пророк светиот Илија ја објавувал волјата Божја на народот, ги поучувал луѓето и ја наговестувал тајната на спасението на човечкиот род преку доаѓањето на ветениот Месија – Господ наш Исус Христос. Неколку моменти од неговиот богат пророчки живот и служба за одвраќање од богоотпадништвото на народот се особено важни да се споменат за да се потсетиме на неговото значајно дело. 
    Живеејќи како ангел во тело, светиот пророк Илија се удостоил преку него Господ да ја пројави својата сила преку поедини чудеса. Така после молитвата на Илија настапила суша, која траела три години и шест месеци, сѐ додека еврејскиот народ не се покајал после посрамувањето на жреците на Ваал на планината Кармил, по што паднал обилен дожд. По неговите пророчки зборови преостанатото брашно и масло во домот на Серептската вдовица  чудесно е умножено, па и покрај секојдневната употреба не недостасувало цела година дена. Сепак, многу поголемо чудо било воскресението на синот на истата вдовица, кое се случило повторно после неговата молитва. Исто преку молитва Бог од небото испратил оган и ја запалил жртвата, додека Валовите ждреци не успеале во тоа со што била пројавна немоќноста на нивниот лажен бог. На гората Хорив, Самиот Бог Му ја објавил Својата волја на пророкот Илија со масло да ги помазува новите цареви и Јелисеј за пророк. После сѐ, земниот живот на пророкот Илија е завршен на многу чуден начин. Имено, како што ни сведочат зборовите на Светото Писмо, пророкот Илија е вознесен на небо во огнена кочија. Според црковното Предание, заосновано на пророштвото на Малахија: „Еве, Јас ќе ви го испратам пророкот Илија пред да настапи денот Господов, велик и страшен (Мал. 4,5), пророкот Илија ќе биде претеча на Второто Христово доаѓање.


Возљубени, 
    Накратко кажано светиот пророк Илија бил еден од најголемите Божји угодници и пророци од Стариот Завет. Дека е така ни сведочи и фактот што само тој и Мојсеј се удостоиле да беседат со Христос за време на Неговото Преображение на Таворската гора. Од житието на пророкот Илија резимираме дека тој пред сѐ бил молитвен човек, испосник, човек со истакната самоконтрола и послушност кон Бога. Друго, пророкот Илија бил ревносен бранител на верата пред залутаните кралеви и кралици, пред луѓето, кои отстапиле од праведната вера и почнале да се клањаат на паганските идоли. Трето, светиот Илија Тесвитјанин бил бранител на вдовиците и сираците, на кои им помагал и ги чувал. Затоа тој наједноставно кажано е пророк на правдата, на вистината и на помагањето на праведниците. Живеејќи во дественост, пост, молитва и самотија – тој преку неговиот живот го наговестува подвижничкиот живот или исихазмот. Тоа покрај свети Јован Крстител го прави претходник на монасите, кои заминуваат од светот во пустина или во манастир за да преку тишина и молитва ги преобразуваат своите мисли и чувства.
    Во денешното прочитано Свето Евангелие, пак светиот апостол и евангелист Лука ни го посочува односот на еврејскиот народ кон пророците, но и кон проповедта на Господ Исус Христос. Односот на Евреите и во времето на пророкот Илија и во времето на проповедта на Господ бил ист, тие не ги прифаќале нивните зборови и се чуделе одкаде толку благодат и благодатни зборови, кои извираат од устата Исусова и ја преобразуваат околината, душите и срцата на оние, кои Го слушаат. Христос, после четириесет дневниот пост и искушенијата ја започнал својата проповед во својот роден крај Назарет и како што чувме од денешното евангелие многумина се восхитуваа на Неговите благодатни зборови и со неверување велеа: „Не е ли Овој синот на Јосифа“ (Лука 4,22). Христос знаејќи дека многумина од слушателите ќе побараат чуда за да поверуваат и знаејќи го менталитетот на народот рекол: „Вистина ви велам: ниеден пророк не е мил во земјата своја“ (Лука 4, 24), во продолжение правејќи споредба и укажувајќи на тоа дека и зборовите на пророкот пророкот Илија не биле прифатени и дека тој бил испратен после пресушувањето на потокот Хорат, каде што го хранеле гаврани да отиде кај една вдовица во Серепта Сидонска, односно во друг крај. На крајот од евангелското четиво слушнавме колкав бил гневот на Евреиите, кои сакале дури да го убијат Христа за искажаните зборови.
    Нажалост и во ова наше време сеуште има мноштво народ, кој ги отфрла и не ги прима со вера Христовите зборови. Има и такви, кои како во времето на светиот пророто Илија, чиј што спомен го празнуваме отстапуваат од вистинската православна вера и утеха наоѓаат во некои лажни учители и самопрогласени пророци, кои погрешно ги учат и залажуваат луѓето, а има дури и такви кои ја гонат Црквата Христова и нејзините свештеници и верен народ. И во денешно време сме сведоци кога многумина од најразлични причини ќе се залажат и оддалечат од Бога и од Неговата црква до таа мера што гревот повторно завладејува во нивното срце. Светите отци и учители на Црквата постојано не учат дека во моментот кога човекот отстапува од Бога настапува едно разделение во него, една тотално неприродна појава, страстите влегуваат во човекот и неговите душевни сили слабееат и се склони кон гревовен живот, а токму тој погрешен живот во грев на луѓето е причина и за ерозијата на моралните вредности, за војните, за климатските промени и катаклизми, кои се случуваат во овој свет. Понекогаш и Бог за да нѐ вразуми и за да ни покаже дека без Него неможеме да направиме ништо нѐ опоменува со цел да се покаеме и да се вратиме на правиот христијански пат кон спасението, да се вратиме во прекратките на Мајката црква, овде во храмот Господов, молејќи се на Бога и на неговиот пророк Илија за да најнапред во нашите души завладее мирот, за да сите ние и нашиот православен народ се помири со Бог, и за да завладее Христовиот мир и во целиот свет.
Драги браќа и сестри, 
    Празникот на големиот боговидец, ревнител и пророк Илија, кој во извесна смисла претставувал совест на своето време, нѐ опоменува и нас да се чуваме од разните лажни учења и религии, да не ја замениме верата во Единиот и вистински Бог за вера во лажни богови и идоли, како што правеле старите Евреи под влијание на царицата Јeзавeла. Светиот пророк Илија е испратен како будилник, труба и благовесник да ја сведочи верата во живиот Бог во време на отпадништво. Денес сите ние како членови на Православната Црква имаме задача да ја чуваме верата. Православната црква ги носи пророчките зборови и повикана е да го враќа светот во прегратките Божји, во Божјата вистина, а преку таа вистина да нѐ вразумува и нам луѓето, секогаш да сме свесни кои сме и што сме и за што сме повикани. Ние како христијани пред сѐ сме повикани да се уподобуваме на Бог, да бидеме во храмот, да припаѓаме на својата Црква, која низ вековите се покажа дека е наш најголем чувар и пазител на вистинскиот наш идентитет и култура, стожер на вистинските вредности без кои неможеме да постоиме како народ. 
Нашата Македонска православна црква – Охридската архиепископија како народна црква имала и има значајна улога не само во ширињето на христијанските православни вредности, туку и во зачувувањето на нашата посебност како македонски христијански народ. Спомнувајќи си денес за вековната борба на македонскиот народ за своја слобода, сакам да го нагласам фактот дека цркви и свештените лица со векови не само што биле описменувачи на овој народ, туку имаше и огромна улога во осамостојувањето на овој народ, во ослободувањето на оваа земја, за народната слобода и секако за црковната независност. Затоа, иако денес Црквата е одвоена од државата, таа сепак е нејзин важен и нераздвоен дел бидејќи и таа се бореше за слобода на земјата, за слобода на секој човек и за негова социјална правда. Па, оттаму сите историски собитија на нашиот македонски православен народ се важни и за МПЦ-ОА, која и денес си спомнува и се моли не само покој на душите на сите паднати борци, туку и за опстој на оваа наша држава.
Нека светиот пророк Илија ни биде постојан молитвеник пред Троичниот Бог и закрилник на нашиот народ, а ние во иднина да се трудиме посилно да ги чуваме нашите христијански вредности и норми и врз нив грижливо и обединето и сложно да ја водиме кон напредок оваа земја доверена од Бога. Во овие празнични мигови за крај сакам да ги споделам со Вас како поука зборовите оставени во аманет од страна на блаженоупокоениот Архиепископ охридски и македонски Ангелариј и самиот учесник во народноослободителната борба. Тој во едно од илинденските посланија го напишал следното: „Овде, на ова парче слободна македонска земја, ние работиме и се трудиме високо да го издигнеме македонското знаме и Светиклиментовото кандило, да ги издигнеме толку високо да можат сите народи во светот да ја видат нашата чест и да ја разберат нашата праведна вистина. Живејте така – да можете да бидете горди што сте православни, што сте Македонци“. 
За многу години! Нека ни е честит Илинден! Светиот Илија нека Го моли Бога за нас!