Просветителите наши

г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски храм „Свети Кирил и Методиј“ во Тетово, на 09. 08. 2018

Просветителите наши

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

... со трпение спасувајте си ги душите.“

(Лука 21,19)

Ваше Високопреосвештенство;Ценети отци, Драги браќа и сестри,

Денес дојдовме во Соборниот храм на нашата Епархија, „со пофалбени венци да ги овенчаме славните Седмочесленици, кои како светила блеснаа и Триединичниот Бог ни го благовестеја: Кирила со Методија, Климента, Наума со Сава и Горазда со Ангеларија“. Дојдовме да го прославиме споменот нивни, но и споменот на светиот великомаченик Пантелејмон, кој што маченички пострадал за верата наша православна во 304 година. Во негов спомен, нашиот патрон и закрилник пред Бога, светиот Климент го посветил изградениот храм, кој до ден денес постои на Плашник. Верата засведочена од маченикот Пантелејмон – ја посведочија и учителите на светиот Климент, светите солунски браќа и учители, рамноапостолите Кирил и Методиј, но и останатите нивни ученици: Наум, Сава, Горазд и Ангелариј, преку чија мисионерска дејност со светлината на христијанското учење се осветија словенските народи. Затоа ние денес, сите нив заедно ги опеваме како: „цврсти столбови на Црквата и заштитници на нашето слово, кои го прогониле бесовското незнабожечко учење од нас“.

Почитувани,

Стоејќи денес во храмот на нашите просветители Кирил и Методиј се чуствувам повикан да говорам за нивното универзално и апостолско дело, во кое тие за свои помошници ги имале своите најдобри ученици и сопатници, кои потоа го продолжиле тоа светото дело. Светиот Климент Охридски и светиот Наум Охридски – го озариле духовно и културно Македонскиот народ, создавајќи големи жаришта во Охридските краеви. Светиот Горазд, пак бил наследник на свети Методиј на архиепископскиот трон во Моравија, каде неуморно се борел со германското свештенство, кое настојувало да го задуши веќе започнатото духовно – просветителското дело на словенски јазик. Светиот Ангелариј се вратил заедно со свети Климент и Наум во нашите краишта и наскоро се упокоил. Додека за свети Сава се претпоставува, дека бил оној свештеник, кого светиот Методиј го поставил во Цариград, при посетата во 881 година.

Но, не можеме да зборуваме за Седмочислениците, а да не го споменеме самостојно нашиот свети Климент Охридски, кој со и во се може да се нарече втор апостол Павле за Македонија. Нему доследно му припаѓаат евангелските зборови „Добриот пастир ја полага дошата своја за овците свои...“ (Јов.10,11), бидејќи целосно се предал во мисија на народ, станувајќи најмал меѓу сите. За неговата беспрекорна мисија свечочат следниве зборови: „Тој го хранел народот со Словото, Тој вистински леб, што ги закрепнува срцата, но во исто време не заборавил да ги храни и телесно,оние што гледал дека имаат потртеба од таква храна ... Затоа, тој беше и татко за сираците и им помагаше на вдовиците, за кои што секогаш се грижеше. Вратите кај него биа отворени за секој човек и не оставал никој да ноќева надвор од нив...“.

Возљубени,

Тоа евангелското семе посеано од светите Кирил и Методиј преку светиот Климент во Македонија и денес дава богати плодови. Светите Седмочисленици како ревнители и соработници на Божјата нива и како гласници на предвечната премудрост и вистина на дело станале целосно подобни на евангелските зборови, кои ги слушнавме од денешното свето евангелие. Само со верба во Господа и во Неговите зборови успеале да ги претрпат сите искушенија, кои ги дожевеле во текот на мисиите. Божјите зборови: „... со трпение спасувајте си ги душите“ (Лука 21,19) биле длабоко врежани во нивните срца. Со трпение и тие како и светите апостоли успеале со љубов да одговорат на злото. Успеале да проживеат и гонења и затвори. Успеале да посведочат и да проговорат под вдахновение за Бога и со збор да ги победат сите оние, кои на љубовта одговориле со злоба (види: Лука 21,12-18). Тие ги поднеле страдањата како добри Христови војници (сп. 2 Тим. 2,3) и ни оставиле сведоштво. Тие сè претрпиле заради нас избраните, за да и ние просветени успееме да добиеме спасение во Христа Исуса (сп. 2 Тим. 2,10), а нивното трпеливо сведоштво, кое го предале во аманет на своите ученици, а тие на своите – денес и ние како наследници и учители на светите Седмочисленици – го предаваме и на Вас, а Вие на други, кои се способни да научат и како што нè советува денешното апостолско четиво: да Го помнат Господа Исуса Христа од родот Давидов, Кој воскресна од мртвите... (сп. 2 Тим. 2,8).

Драги браќа и сестри,

Сеќавајќи се и славејќи го светлозрачниот спомен на светите Седмочисленици, кои целиот живот го предале на Христа и на верниот народ – да се трудиме да го следиме нивното дело и со трпение да ги спасуваме нашите души, упатувајќи ги нашите молби преку Седуммината, како и преку светиот Пантелејмон на Бога за да ја утврди нашата Света црква и за да им даде на нашите души мир и голема милост. Амин!

Голема благодарност до Митрополитот Кумановско-осоговски Јосиф, кој со љубов одговори на мојата покана братски и заеднички да го прославиме споменот на солунските браќа и на нивните ученици, и на светиот вмч. Пантелејмон! За многу години!