Радоста на Успението
г. Јосиф, митрополит Тетовско - гостиварски
Радоста на Успението
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Блажена е утробата, што Те носела и градите, од кои си се хранел!
(Лука 11,27)
Драги браќа и сестри,
Празникот Успение на Пресвета Богородица во народот познат под името Голема Богородица, како секоја година, така и оваа година торжествено го прославуваме во Лешочкиот манастирски комплекс посветен на Пресвета Богородица и на светиот Атанасиј Велики. Денешниот празник е еден од најголемите празници во православниот календар. Нашите предци, а и ние денес И оддаваме почит на Пресветата Дева, која никогаш не го остава сам човечкиот род како што слушаме од тропарот на празникот: „при упокојувањето светот не го остави, Богородице, се претстави кај животот, Мајко на Оној што е Живот и со Твоите молитви ги избавуваш од смрт нашите души“. За успението на Преблагословената Мајка – Богородица, иако не постојат библиски, ниту пак историски извори, ние дознаваме од светотаинското, црковно предание. Тоа сведочи дека Богомајката на денешен ден, по 11 години од Христовото воскресение во куќата на апостолот Јована на Сион во присуство на сите апостоли, освен апостолот Тома мирно го предала Својот дух на Бога, без никаква мака и телесна болест. Благодарение на неприсуството на апостолот Тома, кој по Божја промисла изостанал, бидејќи закаснал, ние дознаваме дека Пресвета Богородица била вознесена на небото. Тоа го дознаваме, бидејќи кога пристигнал апостолот Тома после три дена од успението сакал да го целива телото на Пречистата Владичица, но кога апостолите го отвориле гробот во Гетсиманија ја здогледале плаштаницата празна. Потоа уште истата вечер Богородица им се јавила на апостолите опкружена со мноштво ангели и ги поздравила со зборовите: „Радувајте се, ќе бидам со вас навек“. Во чест на овој настан од Богородичниот живот, Светата Црква го востановила денешниот празник.
Почитувани,
Од денот на Успението на Божјата Мајка, или подобро кажано, од моментот на Нејзиното преселување од земјата на небото, за секој еден од нас се појави „нова радост“, бидејќи се здобивме со верна застапничка пред Својот Син, а наш Бог, Господа Исуса Христа. „Преку Неа – вели блажениот Августин – Бог слегол на земјата, за преку Неа луѓето да се удостојат со вознесување кон Него“. Луѓето знаејќи дека Богородица е најубавиот украс и дека преку нејзината рожба на човекот му е вратено првобитното достоинство – ја нарекуваат блажена. Од денешното Свето евангелие ги слушнавме зборовите со кои народот му се обраќал на Христа: Блажена е утробата, што Те носела и градите, од кои си се хранел! (Лука 11,27). Блажена и секогаш спомнувана е Богородица, која освен што е мајка на Бога е и наша Мајка, бидејќи подеднакво се грижи и за сите нас.
Таа нејзина грижа и благодат се чувствува и во овој манастир. Во Лешок се чувствува и се живее под закрилата и благословот на Богомајката. Се надеваме дека со Нејзин благослов набрзо ќе се случи и обновата и реконструкцијата на овој важен духовен центар во оваа епархија. Благословот и благодатта по молитвите на Преблагословената да нè пратат сите нас и надвор од овој манастир. Денешната празнична радост, радоста на Успението да ја однесете и во вашите домови и да ја споделите со сите луѓе. Само со споделување на радоста – вистински се празнува денешниот празник. Денес сите да си подадеме рака, да ги посетиме нашите родители, болните и сиромашните и заедно да се радуваме, бидејќи Пресвета Богородица е секогаш со нас! Таа и по Своето Успение не нè напушти и никогаш нема да не напушти! Но, мили мои, да се запрашаме дали ние Неа не ја напуштаме, дали И ја оддаваме заслужената почит, дали го постевме Богородичниот пост, дали присуствуваме на литургиите, дали редовно се молиме, исповедаме и причестуваме? – Да се запрашаме, но никако да не очајуваме доколку не сме го практикувале тоа во својот живот, бидејќи доколку редовно не ги практикуваме овие духовни работи – никогаш не е касно да го направиме тоа. Еве, овој радосен празник е вистинска можност за нов почеток во кој треба да се потрудиме никогаш да не ја напуштиме Богородица, туку постојано да И приоѓаме за застапништво, бидејќи Таа е наша поткрепа во духовниот живот и единствено Таа сè разбира. Таа ги разбира сите наши воздишки и болки, нашите страданија и слабости. Затоа во секоја мака да побрзаме кон отворените прегратки на Пресветата, да дојдеме овде во Лешок, во нејзиниот манастир и да застанеме пред Нејзината икона и да се помолиме и покаеме за нашите грешки и гревови.
Возљубени,
Празнувајќи го денешниот празник и со искрена вера, надеж и љубов приоѓајќи кон Пресвета Богородица, како кон своја Претставничка и Посредничка со Бога - да се подучиме и како Неа да бидеме послушни и да бидеме исполнители на Божјата волја и промисла за секого еден од нас. Ако не ја исполнуваме Господовата волја - уште еднаш да се запрашаме кон што се стремиме и што сакаме во животот? – Цариградскиот патријарх Терасиј ни дава прекрасен одговор и насока на тоа прашање. Тој го вели следното: „Да застанеме сериозно за еден момент и да ги отвориме нашите срца кон мајката Божја и таа нема да нè остави. Да ги очистиме нашите души со покајание и да паднеме на колена молејќи со восхит: Пресвета Богородице спаси нè! Таа, ќе ги услиша нашите молби и прозби и ќе ни помогне“. И драги браќа и сестри, ако постапуваме така, во сè прибегнувајќи кон Неа, трудејќи се да не Ја огорчиме, тогаш Таа ќе ни ги прати не само Своите божествени дарови, туку ќе нè покрие со Својот светол омофор, сега и во сите векови. Амин!
Пресвета Богородица помагај ни!