Рождеството на Христовиот претеча[1]

г. Јосиф, митрополит Тетовско – гостиварски Беседа изговорена во храмот „Пресвета Богородица“ – Гостивар, на 07. 07. 2019

Рождеството на Христовиот претеча[1]

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

 „Не бој се, Захарија, зашто се услиша твојата молба и

жена ти Елисавета ќе роди син, и ќе му ставиш име Јован“.

(Лука 1,13)

Драги браќа и сестри,

Со овие зборови ангелот му ја благовестил на свештеникот Захарија благата и радосна вест за раѓањето на неговиот син Христовиот пророк, претеча и крстител – Јован. И навистина нема поголема вест и нема поголема радост кога ќе чуеш дека она што долго сме го посакувале, дека некоја наша желба и молитва Севишниот Бог ни ја услишал. А од сите желби за мажот и жената најголема желба е да станат родители. Таа желба долги години во своето срце ја имале и праведните Захарија и Елисавета. Како што слушнавме од денешното евангелско четиво свештеникот Захарија и Елисавета живееле во времето на јудејскиот цар Ирод и биле праведни пред Бога, живеејќи и „постапувајќи според сите заповеди и повелби Господови“ (Лука 1,6). Но тие, како и  мнозина семејства не можеле да имаат рожба. Долги години се молеле на Бога да го благослови нивниот брак со дете, но тоа не се случило сѐ до оној миг кога Бог не благоволил преку нив да направи чудо, кое ќе биде предвесник на уште едно поголемо чудо.

Благата вест за раѓањето на Јован претходи на благата вест за раѓањето на Бога и Спасителот наш Исус Христос. Всушност шест месеци пред своето јавување на Пресветата Дева Марија во Назарет, великиот архангел Божји Гаврил му се јави на првосвештеникот Захариј во ерусалимскиот храм. Пред да го објави чудесното зачнување на безмажната девица, архангелот го објави чудесното зачнување на една бездетна старица. Таква била Божјата промисла. Таа колку и да е чудесна е прекрасна, бидејќи сѐ во овој свет се случува со некаква причина. Тогаш кога ќе помислиме дека е крај за нас – тогаш Бог поставува нов почеток. Тогаш кога ќе се разочараме – тогаш Бог ни подава рака, ни ги отвора очите и ни дава утеха на радост. Тогаш кога ќе помислиме дека никогаш нема да ја почувствуваме родителската радост и грижа – Он не радува со чедо. За тоа имаме сведоштво во денешниот празник. За Бога нема нешто што не е невозможно. За Него она што е невозможното во очите на човекот - е возможно. И кога нешто што не сме го очекувале, нешто што не сме верувале дека ќе ни се случи, а по волјата и благоволението на Бога ни се случува во оние моменти кога ние сме се откажале – тогаш и ние како и праведниот свештеник Захарија се соочуваме да не поверуваме веднаш во веста или во чудото што ќе ни се случи. Тоа е така, бидејќи човековата природа е склона кон неверие и несигурност во Божјата промисла за секого од нас. Евангелското четиво, пак за оваа 3 недела по Педесетница, во која се совпадна празнувањето на празникот Иванден, ни говореше токму за Божјата грижа за секого од нас посебно и воопшто за целокупното човештво. Бог се грижи многу повеќе за нас, отколку самите ние што се грижиме за себеси, за сопствената душа и тело. Како што чувме од евангелието: „па, ако полската трева, што денеска постои, а утре во оган се фрла, Бог така ја облекува, а колку повеќе вас, маловерни!?“ (Матеј 6,30). Бог се грижи за сѐ, а особено за нас маловерните, за човековиот род, создаден како круна на сето создание, според Неговиот образ и подобие.

Затоа драги браќа и сестри, да не очајуваме кога не ни се исполнуваат нашите желби и очекувања. Токму во тие мигови да бидеме верни, а не неверни и маловерни. Тогаш кога искушенијата ќе се зголемат – ние да ја зголемиме нашата вера во Бога, Кој единствено знае што нас вистински ни е потребно за спасение. Да се подучиме и од праведните Захариј и Елисавета и своите животи да ги поминуваме, живеејќи верно на Божјите заповеди и повеленија. Денес на овој голем празник сакам да кажам збор два и за  бездетноста. И денес, како и во минатото многу семејства се соочуваат со неможноста  да добијат дете. Тоа навистина се тешки моменти за младите брачни родители. Но ете денешниот празник е сведоштво и поука за тие семејства. Ние сите, па и неплодните брачни другари треба да ја прифатиме Божјата волја и промисла каква и да е, бидејќи само таа е спасоносна за нас. Младите треба да знаат дека во брак се влегува пред сѐ за да преку брачниот живот стигнат до спасение, а децата се благослов Божји на брачниот живот. Но доколку Бог не промислил некој брак да го благослови со пород – тоа не значи дека тој брак треба да се растури – напротив тие сопружници треба со вера да ја прифатат таа Божја промисла за нив и да веруваат во чудо. Низ историјата сме сведоци на разни чуда. Многу сопружници и во денешницата, го испросиле Божјиот благослов и добиле дете на чудесен начин. Но тоа чудо се случило, бидејќи тие не се откажале од Бога и од својот брачен живот, туку биле трпеливи, смирени, се молеле и верувале во Бога и Неговата спасителна промисла, која секогаш го движи нашиот живот кон домостројот на спасението. Сите бездетни родители нека и во овој празничен ден ги упатат своите молитви кон светите Захарија и Елисавета и со вера ја очекуваат благата вест во нивните животи.

Ете на овој празник, кога сите ние си спомнуваме за раѓањето на светиот пророк и претеча Јован, Крстителот Господов, во нашиот храм под дејство на благодатта на светиот Дух, која ги лекува недостатоците благодатно се роди ѓаконот Славче, кој веќе долги години ревносно како ипоѓакон сослужуваше во овој храм. Нему му го честитаме ѓаконскиот чин и му посакуваме уште долги години ревносно да Му служи на Бога и на Божјиот народ.

И на крај, вам драги браќа и сестри, нека Бог по молитвите на Неговиот крстител Јован, благоволи во Вашите срца секојдневно повторно и повторно да се зачнува и раѓа надежта  и верата во Троичниот Бог, како и љубовта кон секој човек по која ќе нѐ познаат дека сме христијани, и сега и секогаш и во вечни векови. Амин!

Нека е за многу години!

 

 

 

 

 

[1] Беседа изговорена во храмот „Пресвета Богородица“ – Гостивар, на 07. 07. 2019 (3 Недела по Педесетница: Раѓањето на Свети Јован Предвесник и Крстител Господов; Свети Никита, епископ Ремесијански; Светите маченици Орентиј, Фарнакиј, Ерос, Фирмос, Фирмин, Киријак и Лонгин)