Седум вековен духовен светилник
г. Јосиф, Митрополит Тетовско-гостиварски
Седум вековен духовен светилник[1]
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Ваши високипреосвештенста, почитувани претставници на државните институции, пречесни отци, драги браќа и сестри,
Просветлени од благодатта на Духот на Вистината и исполнети со духовна радост овде под сводовите на Лешочкиот храм и денес го продолживме литургиското чествување на празникот Педесетница. Празнувајќи го овој голем празник, веќе втор ден ги упатуваме нашите молитви кон Вознесениот Господ, Кој не можеше да им даде подобар дар на Своите апостоли од Духот Свет, „Кој исходи од Отецот“ и Кој носи прошка на гревовите. Со Неговото слегување врз апостолите се запечатило спасението на човечкиот род и започнала апостолската спасителна проповед и светотаинскиот живот на Црквата. Затоа овој празник, ние христијаните го сметаме за роденден на Христовата црква во која непрестајно обитава Светиот Дух, преку Кого се остварува и есхатолошката природа на Црквата. Но, ние денес имаме двојна причина за радост, бидејќи одлучивме да ја зголемиме роденденската радост со уште два јубилеи, кои ја имаме честа да ги одбележеме и прославиме достоинствено. Денес ние всушност прославуваме три родендени. Најпрво роденденот на Христовата црква, која се родила преку проповедта на апостолите и како синапово зрно се распространила низ целата вселена, а потоа си споменуваме и за нашите епархиски јубилеи: 700 години од обновата на стариот Лешочки манастир (1321-2021), како и 250-годишнината од раѓањето на игуменот на Лешочкиот манастир, преподобниот просветител Кирил Лешочки – Тетоец, кои според Божјата промисла се навршуваат во оваа значајна година кога како Помесна црква и држава си споменуваме и ги прославуваме меѓудругото и останатите значајни јубилеи: 115 години од раѓањето и 40 години од упокојувањето на архиепископот Доситеј и јубилејот по повод 100 години од раѓањето на упокоениот академик проф. Блаже Конески. Свесни за големината на јубилејните родендени на оваа светиња и на нејзиниот најпознат игумен, а воедно и ктитор, сме радосни што ние како генерација сме удостоени денес да стоиме во овој манастир славеник и одбележувајќи го неговото седум вековно постоење, да се потсетиме на мноштвото отци и создатели на оваа светиња, а меѓи нив и на ликот и делото на нашиот отец Кирил кој пред точно 250 години се родил во близина на овој манастир, во с. Теарце како што самиот си напишал на својот надгробен епитаф, кој внимателно се чува во овој манастир.
Денес прославувајќи ги овие јубилеи природно е нашите мисли да ги навратиме наназад, кон подалечното и поблиското минато стигнато до нас преку историските записи, кои сведочат дека пред седум векови, некаде на почетокот на 14 век на Лешочкото кале се појавил црноризецот Антониј со желба својот духовен подвиг, своите чекори кон вечноста да ги помине на оваа место, на кое уште во најраните векови постоела христијанска населба со многу храмови, кои во нелетот на многуте војни биле уништени. Со молитва тој стигнал на местото кое ние денес го викаме стар манастир и таму жеден да му служи на Семилостивиот Бог, како што дознаваме од пронајдениот ктиторски натпис, еромонахот Антоние ја започнал обновата на светињата, градејќи ја на постари темели манастирската црква посветена на светиот Атанасиј Велики, покрај која по хиротонијата на нејзиниот градител за прв епископ Долно-полошки со име Јоаникиј се собрало монашко братство. Но високиот подем на манастирот по налетот на Османлиите на овие простори спласнал. Монасите заради своја сигурност на почетокот на 17 век биле принудени да се преселат на оваа локација, покрај црквата „Пресвета Богородица“, каде изградиле и конаци во кои живееле. Нажалост набргу некаде околу 1689 година биле разрушени двата манастири. Единствено не била уништена црквата „Пресвета Богородица“, која влевала надеж кај христијаните дека ова место повторно ќе блесне во својот стар сјај. Така подоцна и станало. По Богородичните молитви и по молитвите на светиот Атанасиј по цели 120 години се случила и обновата на овој значаен манастир, благодарение на јеромонахот Кирил Пејчиновиќ, кого Божјата промисла му го осветлила патот и го довела на ова место, каде во минатото чекореле многу богољубци. Со неговото доаѓање во Лешочкиот манастир во 1818 година се случила и целокупното возобновување на овој манастирскиот комплекс, додека стариот манастир останал во урнатини сè до 1927 година кога монахот Теодорит го расчистил од урнатините. Тоа е накратко историјата од подалечното минато на манастирот.
Кога станува збор за тоа Лешочко минато неизбежно е да кажеме нешто повеќе за ликот и делото на јеромонахот Кирил, особено денес на 250 годишнината од неговото раѓање. Верувам дека малку се оние, или воопшто ги нема, на кои не им е познат неговиот свет и богоугоден живот, па затоа би се осврнал на неговите заслуги, кои ги направил за овој манастир и народ во едно мрачно време, време кога нашите предци биле под политичко и духовно ропство. И токму неговата големина е бидејќи во едно такво време останал на страната на вистината, на страната на својот народ, отфрлајќи ги и со смирение борејќи се против разните пропаганди. Со Божја помош и трудољубивост успеал до крајот на својот живот да го просветлува народот и духовно да го подига со благодатта на верата. Како вистински патеводител и духовен пастир на своите духовни чеда им влеал надеж и утеха во борбата за слобода и културен растеж. Во негово време обновениот Лешочкиот манастир станал вистински центар на преродбата, а Пејчиновиќ, според зборовите на упокоениот академик Конески - со своите дела напишани на народен јазик бил двигател на развојот на верските чуства кај своите сонародници. За тоа негово дело, блаженоупокоениот наш прв Архиепископ охридски и македонски Доситеј за време на одбележувањето на 150 годишнината од печатењето на Кириловото дело „Огледало“ во 196-та година, во пресрет на навршувањето и на скоро 150 години од обновата на манастирот, говорејќи за време на одблежувањето на јубилејот во Лешок, меѓудругото за отец Кирил рекол: „Овде во Лешок во свое време развива голема просветно-културна и верска дејност и благодарејќи на него овој Лешочки манастир, оваа наша светиња во тоа време се истакнала како голем религиозен и културен центар. Големи се заслугите на јеромонахот Кирил за да го запази нашиот народ во овој крај својот култ и својот бит. Со пишан збор го будел народот во тоа темно време. Давал евангелски совети за помагање на сиромасите, за живеење во мир... Тој обновувал запустени манастири, собирал стари ракописи, помагал да се обнови солунската печатница и пројавувал голема литературна дејност. Со своите дела се стремел да ја засили христијанската вера, да го засили народното чувство, да ја зацврсти народната свест и да и даде импулс на народната и духовната култура...Накусо речено, јеромонахот Кирил сестрано работел на верското и културното издигање на својот народ“. - Што да кажеме повеќе од овие прекрасни зборови од страна на нашиот блаженоупокоен Архиепископ за личноста на преподобниот отец Кирил. Гледајќи Ве денес во голем број собрани на молитва овде, во неговиот и наш манастир, ми останува само да ја посведочам објективната вистина, дека и по 250 години од неговото раѓање и по цели 176 години од неговото упокојување во Господа, неговото бесмртно дело со голема почит се слави од неговиот македонски народ, кој никогаш нема да го заборави неговиот спомен и на него ќе се сеќава постојано со благодарност. Ти благодариме оче Кирил и те молиме од наше име да им се заблагодариш на сите знајни и незнајни чувари низ времето на Лешочката светиња, која денес го прославува својот седум вековен опстој, останувајќќи вистинска тврдина и столб на Православието во Полошкиот регион.
Возљубени,
Сеќавањето и одбележувањето на овогодинешните јубилеи, како и на секој јубилеј, не треба да го сведеме само на свечена прослава и просто сеќавање на минатото, туку првенствено треба молитвено да се сеќаваме и да Му благодариме на Бога што ни испратил такви горостасни проповедници, кои изградиле голем број на светињи и ги сочувале за идните генерации. Токму овие големи јубилеи и сеќавања треба да ни се двигател и инспирација да продолжиме таму каде што застанале нашите предци. Всушност сеќавањата треба да ни послужат за мудри одлуки и превземање чекори кон иднината, угледувајќи се на примерот, ликот и делото во чие сеќавање се собираме. Само така, на тој начин, со работа и труд би доживеале и голем број на други јубилеи и чествувања.
Ќе остане забележано дека и овој јубилеј го дочекавме и истиот го прославуваме во време на големи искушенија и предизвици за светот и човекот, но не треба да се плашиме, туку по примерот на отец Кирил треба да стоиме мирно и силно пред искушенијата и предизвиците. Кога ќе почуствуваме некоја слабост да дојдеме во оваа наше свето место, каде што обитува Светиот Дух и да се помолиме на Бога за нас и за нашите најблиски. Манастирите не треба да ги посетуваме само тогаш кога ќе ни е тешко или само на празници, туку секојдневно, помагајќи го нивниот напредок, чувајќи го на тој начин аманетот, оставен од нашите претходници. Со Божја помош ние како Епархија, со подршка на верниците се трудиме сите овие години да не го заборавиме ликот и делото на нашиот преродбеник, како и сè што направил за нас. Исто така нашиот незаборав на неговото дело, кое е своевидна порака за нас – се огледува на нашата постојана грижа за манастирската обител. Изминатите години ги поминавме во работа на огромни проекти за развој на манастирскиот комплекс. По долги години изградивме целосно нов конак на западното крило, ја уредивме холтикултурната површина пред конакот, ја отпочнавме втората фаза на ревитализација, односно на заштитно-конзерваторските работи на стариот јужен конак и на храмот „Пресвета Богородица“, и истите активности се сèуште во тек, а целосно е завршено партерното уредување на парконг просторот. Се направи многу, но неуморно продолжуваме со силна волја и елан целосно да го возобновиме ова наше светилиште. Ја користам оваа прилика да ја изразам мојата среќа што и покрај сите невремиња кои го надвладеале овој регион, стариот манастир уште опстои, сведочејќи за историските почетоци на новиот манастирскиот комплекс, како и за неговото изникнување во значаен монашки центар низ времето. Веруваме дека со Божја помош ќе се остварат нашите идни планови и дека тој наш значаен споменик, но пред сè храм паметник – подигнат пред 700 години, повторно ќе блесне во потполн сјај, а дотогаш и него, како и сите разурнати храмови треба заедно да ги чуваме и да се трудиме да ги возобновиме во блиска иднина, бидејќи ако не го чуваме минатото – нема да имаме ниту иднина.
Во таа смисла подучени од минатото да ја осмислиме иднината и вдахновени од Светиот Дух да чекориме по патот на спасението, достојно споменувајќи си за ктиторите, пазителите и помагачите, на сите оние кои работеле и живееле во овој манастир, молејќи Го Бога и нам да нè дарува со даровите на Светиот Дух, за да допринесеме уште повеќе за развојот на овој манастир, а со тоа и за напредок на Светата црква, сега и секогаш и во сите векови. Амин!
Нека се за многу години јубилеите! Да ни е вечен Лешочкиот манастир и споменот на преподобниот отец наш Кирил!
Бидете благословени!
[1]Говор изговорен на одбележувањето на големите и значајни јубилеи во 2021 година во Лешочкиот манастир, на 21. 06. 2021 (Ден на Светиот Дух – 2 ден Педесетница).