Силата на крстот

г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски

Силата на крстот

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

На Твојот Крст му се поклонуваме, Владико,

и Твоето Свето Воскресение го славиме

 

Драги браќа и сестри,

          Во овие великопосни денови кога  во значителен ек се вестите што секојдневно ги слушаме околу брзото ширење на заразниот вирус познат како COVID – 19, сочуствувајќи со сета оваа загриженост на народот Божји, долго време размислував какви зборови да произнесам во мојата денешна поука по повод Третата недела од Велигденскиот пост, која како што знаете е посветена на Чесниот и Животворен Крст Христов. Мислејќи и пратејќи ги најновите случувања во светот и во нашата татковина и паралелно секојдневно разговарајќи и поучувајќи ги моите духовни чеда со совети и утешувајќи ги да истраат во искушението што нѐ опфати сите нас, дојдов во заклучок дека во ова „современо и модерно“ време можеби една од најтешките задачи на човекот е борбата со тишината, со затворањето во самотија, соочувањето со себе си, општењето со своите најблиски, како и послушанието. Доволно беше да се појави една болест за да сфатиме колку сме отуѓени едни од други, колку сме се изгубиле себе си во секојдевната агонија, во брзиот начин на живот, колку сме заборавиле на едноставните работи, да сфатиме колку малку време сме посветуваме на нашите најблиски и колку ни е тешко да се соочиме со тој факт и да го надминеме во овие денови кога постојано и засилено следат нови мерки и препораки од страна на владините и здравствените институции со цел да се остани дома. Тие зборови се можеби и најслушаните зборови овие дена, преку социјалните медиуми, во нашиот дом и опкружување, преку нашите мобилни уреди и итн. 

           Но, и покрај тоа што знаеме колку е значајно да се остане дома овие денови – тоа сепак ни е многу тешко, дури на моменти и неподносливо. Но имајќи ги на ум, зборовите на големиот научник Блез Паскал дека: „Сите проблеми на човештвото произлегуваат од човечката неспособност да се седи тивко во една просторија“ јасно ни е дека овој проблем не бил проблем само на нашата генерација, туку дека овој е пред сѐ проблем, кој во своја основа е духовен проблем предизвикан од човековиот страв да се соочи со самиот себе. Колку што повеќе го набљудуваме современиот човек толку повеќе сфаќаме дека поради неодлучноста за промена на својот живот преку свое преумување и покајание, кое во овие мигови е нешто задолжително за сите нас и за целиот свет, тој сепак одлучува да се затвори во себе си, во светот на имагинацијата, заблуден во нереалното, заробен во својот мобилен уред, со нереални желби и со погледот свртен кон задоволување на сопственото его. Нормално е таквото однесување на човекот да предизвика големи последици – како овој вирус. Животот на таквиот човек зачинет со доза на безделничење носи постојана душевна меланхолија, која славниот реалист-натуралист Антон П. Чехов преку своето перо уште одамна ни ја претставил во „Вујко Вања“, каде во приказ ни се дадени луѓе полни со емоционални фрустрации, или како што авторот на оваа драма ги нарекува „луѓе кои залудно го потрошиле животот“ или со зборовите од денешното четиво кажано тие се луѓе, кои „не го земаат својот крст и не одат по Христа Господа“ (сп. Марко 8,34), а сето тоа е погубно за човековата душа и сигурно нѐ носи кон пропаст. Затоа во овој период на изолација, кога ќе не опфати некоја нервоза и чувство на безделничење да ги имаме на памет зборовите од денешното евангелско четиво: „Оти каква полза е за човека, ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости? Или каков откуп ќе даде човекот за својата душа?“ (Марко 8,36-37). На овие прашални евангелски зборови, најдобро ќе одговориме со делотворна вера, земајќи го и носејќи го својот крст и одејќи по Христа Господа“ (сп. Марко 8, 34). Сигурно многумина си го поставуаат прашањето што значи да се носи својот крст? – Прашувајќи се да ги насочиме нашите погледи кон Крстот, кој во оваа недела е  изложен на поклонение за поткрепа на христијаните. Гледајќи го Крстот Господен и распнатиот Христос Бог сигурно пред Вас се појавува Божјиот пат кон Голгота,  неговите спасителни и доброволни страдања и сѐ што направи за нас. Тука го имаме и одговорот. Да се носи својот крст, значи да се се предадеме на Божјата волја и милост. Да се живее христијански тоа значи да живееме крстообразно, а да се живее крстобразно значи да се живее пред сѐ љубовно, жртвено и сострадално, бидејќи како што нема воскресение без крст, така нема ни љубов без жртва. Затоа да го рашириме своето крстобразно тело, да го земеме и да го носиме крстот свој и да го отвориме своето срце и со сострадална љубов да ги упатиме нашите молитви кон Распнатиот за да нѐ благослови со силата на Чесниот и животворен крст и да нѐ сочува под Негова закрила и застапништво.

 

Благочестиви христијани,

         Голема е силата на Господовиот крст, на кој денес се поклонуваме и го славиме, пеејќи: На Твојот Крст му се поклонуваме, Владико, и Твоето Свето Воскресение го славиме! Еден од најголемите Христови проповедници во нашето современие, архимандритот Рафаил Карелин во својата беседа за Крстопоклоната недела вели: „Духовното поклонување на Крстот е постојано чувство на благодарност кон Бога за крсните страданија што нѐ спасија од вечната пропаст, од пеколниот оган, од гробот на богоотфрленоста и од заборавот во кој требало да изчезне целиот човечки род“. Токму од овие зборови ја гледаме големината на Крстот преку кој дојде спасението на целиот свет.

          Ете Всемудриот Бог благоволи и оваа година да нѐ укрепи во овие тешки моменти на страданија, на средината од постот и да нѐ удостои да Му се поклониме на Неговиот животворен крст. Тоа да го направи секој од нас со посебно чувство на благодарење. Со покајание да припаднеме и да се поклониме на Крстот, кој е наша утеха и поткрепа и сила. Крстот е и знак на победата, на победата на животот над гревот и смртта. Затоа со него ќе ги победиме искушенијата и страстите, кои нѐ напаѓаат во дните на овој пост, бидејќи тој ни е даден како оружје против сатанските сили. Исто така во овој период на осамување и изолација кога владее жестокиот вирус ние заштита треба да бараме во Крстот и во силата на осенувањето со крстното знаемение. Да ги запаметиме зборовите од видението на светиот цар Константин „Со овој знак ќе победиш“ и да ги послушаме следните совети од светиот Кирил Ерусалимски, кој вели: „Осенувај ја со крстниот знак храната што ја јадеш, облеката што ја носиш, вратата кога излегуваш и кога се враќаш во домот“. Исто така и пред легнување и по станување и пред секоја работа да го целиваме чесниот крст и да ги попрскуваме нашите домови со осветена вода. Многубројни се чудата што се случиле преку чесниот Крст. Затоа постојано да го носиме сопствениот крст и да осенуваме со крстниот знак, прибегнувајќи со вера во негова заштита од вирусот и болестите. 

              Животворната сила на Крстот да ни помогне да го надминеме овој предизвик и ова искушение. Со послушание и со надеж во силата и благодатното дејството на Чесниот крст, овие мигови на изолација да ги искористиме не за ширење на паника и страв, туку за интезивирање на личната молитва, на покајанието и на постот, како и  за да  го посветиме нашето време со своите семејства, кои често, бивајќи оптеретени со најразлични грижи ги запоставуваме. Ете во оваа прилика имаме можност не еден начин сета таа отуѓеност да ја надокнадиме и да го устроиме семејството во домашна црква. Исто така да работиме на себеси и на тој начин да му помогнеме на целокупното човештво да се соземе пред да биде уништено од своите пронајдоци што произлегле од оружјето на егоизмот и апсурдот.

 

Возљубени мои,

             „Не бојте се“  (види: Лука 2, 10 и 12,32), туку „земете го крстот свој и носејќи го чесно и достоинствено одете по Христа“  (сп. Марко 8,34) и на тој начин осмислете го својот живот. Крстот го разубавува нашиот живот, нѐ обврзува во Христа, нѐ штити, нѐ подготвува за Воскресение, за вечниот живот, каде што нема болки, ниту страданија. Крстот нека биде наша помош во ова време на корона-вирусот и потоа, бидејќи после оваа епидемија, која го промени текот на нашиот живот ништо нема да биде исто, а дали ќе биде подобро или полошо – тоа од нас зависи! Зависи од нашата подготвеност за промена и од нашата грижа за сопствената душа, за грижата кон другите, кон нашата држава и кон светот. Зависи од тоа дали ќе постанеме поодговорни, посвесни и пословесни, односно дали ќе го земеме крстот свој и ќе одиме по Христовиот пат или ќе продолжиме да лутаме со своето маловерие низ световната пустина. За да не ни се повторуваат грешките од минатото – треба конечно да собереме храброст и да  зачекориме со својот крст по Христовиот пат и да ја изодиме сопствената Голгота. Уште денес да го започнеме тоа трнливо, но спасоносно чекорење. Да го започнеме најпрвин во нашите домови, борејќи се со сопствените страсти,  рапнувајќи ја својата слободна волја и не бегајќи од реалноста пред нас, одговорно и трезвеноумно да се трудиме колку што е во наша моќ да го за зачувуваме сопственото здравје и на здравјето на другиот. Чекорејќи на та тој пат кон спасението, по молитвите  на Светите четириесет маченици во Севастија, на светите 40 битолски преподобномаленици, на светиот преподобен Филор и на свети Кесариј, чиј спомен денес им го празнуваме, да бидеме освенети и исцелени со светлината на Христовиот крст, постојано сега и секогаш и во сите векови. Амин!