Силата на покајанието[1]

г. Јосиф, митрополит Тетовско - гостиварски

Силата на покајанието[1]

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Синот човечки не дојде за да Му служат, но да послужи

и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина...

(Марко 10,45)

Драги браќа и сестри,

            Со секој поминат ден се приближуваме до празникот над празниците – Велигден. Веќе стигнавме и до петтата недела од Великиот пост, која Црквата ја посветила во спомен на светата Марија Египетска. Оваа година во ист ден го празнуваме и споменот на нејзиното упокојување. Таа како света личност е многу значајна за сите нас, кои се трудиме да се очистиме од гревовните страсти и да се облечеме во облеката на нераспадливоста. Од нејзиното житие напишано од свети Софрониј, патријарх Ерусалимски дознаваме дека живеела во 6 век. Во нејзиниот живот како резултат на покајанието – настанала голема пресвртница. Од грешница постанала светителка на Божјата црква. Од блудница постанала пустиножителка. Од жителка на брод – жител на пустината. И во тоа е нејзината големина. Всушност големината и на секој човек е во реализирањето на можноста да постане свет, во остварувањето на богоподобието. А без покајание – нема светост.

            Во ова време на Великиот пост и во овие мигови на наше покајание – немаме подобар пример за наше ободрување од примерот на денешната наша светителка, која во својот живот искусила како е на духовното дно и како е на духовниот врв. Таа во својата младост, заробена и соблазнета од порокот на блудната страст паднала во бездната на гревот, но со силата на Божјата благодат, како блудниот син и како заблудената овца од Евангелието повторно се вратила во Христовата црква. На повикот на Црквата, Марија, која не внимавала на Божјите заповеди и која го помрачила во себе Божјиот образ по Божјата промисла и човекољубие, откако се покајала – благодатно се обновила и ја доживеала и височината на побожноста и добродетелите.

Од нејзиниот живот, драги браќа и сестри, дознаваме за силата на вистинското покајание. Дознаваме дека кога човек навистина ќе се покае, тој се променува, започнува да живее еден нов живот – поразличен од претходниот живот, од животот под ропството на гревот. Дознаваме за моќта на покајанието. А моќта на покајанието е таа од грешник да освети и да просвети. Од блудник да направи светител. Од невозможното – возможно. Од недостижното – достижно. Но не треба само да дознаваме за моќта на покајанието, туку истото да го применуваме во нашиот живот, бидејќи единствено за  покајанието – нема непростлив грев. Нема неможност за промена, за преумување, токму покајанието е таа промена во нас. Покајанието е решителноста во нас – да станеме подобри! Да станеме поинакви. Затоа покајанието– треба да е нашето секојдневие.

Во денешно време, како резултат на современиот и брз живот често знаеме да заборавиме на покајанието. Често знаеме кога нашата совест ќе проработи, тој наш внатрешен глас да ни прилега толку суров што истиот наместо да нè одведи во очистителните води на покајанието, како Марија што ја одвела по милоста на Пречистата во преку Јорданската пустина, ние, за жал често паѓаме уште подлабоко, паѓаме во депресија, жалиме за грешките, но не се каеме вистински и не го започнуваме очистителниот пат, не се трудиме да станеме на нозе и јако и цврсто да започнеме одново, да свртиме еден нов лист во нашиот живот. Во тие мигови ние се плашиме да се соочиме со нас, а треба да се соочиме и да се надминеме, самите себе си да си дадеме шанса за да се поправиме, бидејќи никогаш за тоа не е касно. Тогаш треба само да се преиспитаме, созрцувајќи ја пустината на нашето срце заробено во страстите на овој свет и да научиме да ги оставиме грешките во минатото. За тоа ни е пример токму Марија Египетска. Затоа нејзиното покајание – треба да е и наше покајание. Секогаш покајанието е тоа што вистински ни недостасува. За него треба постојано да се отворени вратите на нашите срца. Тоа е нашата победа на очајанието. Тоа е триумф над гревот. Лек на болеста. Победа која води кон радоста на небесното Царство. Тоа е подавање на рака на „Синот човечки, Кој не дојде за да Му служат, но да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина“ (Марко 10,45).

Затоа мили мои да не се страмиме и плашиме од покајанието. Да не се плашиме да си кажиме на себе си, живеев блудно и острастено – редно е да се покајам и исповедам за своите гревови и да се трудам да не ги повторувам... Покајанието е единствениот наш пат кон рајот, па да го започниме и да го одиме и ние како Марија Египетска и вистински покајани да се поклониме на Христовиот крст и на славното Христово воскресение, за да добиеме прошка за нашите гревови во овој свет и живот вечен во идниот, во Царството Божјо, сега и секогаш и во сите векови. Амин!

 

 

 

[1] Беседа изговорена на Литургијата во храмот „Свети Никола“ во Тетово, на 14. 04. 2019 (Света Марија Египетска; свети Мелитон, епископ Сардиски и преподобен Прокопиј Чех) – Недела на света Марија Египетска.