СЛОВО НА КИРИЛОВИОТ ГРОБ 

СЛОВО НА КИРИЛОВИОТ ГРОБ [1]

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

 

Почитувана претседателке, Ваше преосвештенство, почитувани членови на државната делегација, чесни отци, драги браќа и сестри, 

Еве нè пак, нас чедата на Светиклиментовата автокефална Македонска православна црква – Охридска архиепископија, и оваа година тука во вечниот град Рим, токму во пресрет на празникот посветен на светите рамноапостолни солунски браќа Кирил и Методиј, за да овде од гробот на светиот Кирил – им оддадеме почит и благодарност за нивното свето дело и молитвено како што доликува да го прославиме нивниот спомен. Денес, повторно сме сведоци дека паметта за нив ги помина границите на вековите, бидејќи ниту еден огромен временски период од преку 1156 години не е во состојба да го намали епохалното значење на нивниот придонес за сесловенската култура. Всушност, случајот со солунските браќа, како што уште во далечната 1970 година забележал еден наш македонски академик, е сосема спротивен: колку повеќе време одминува, толку појасно, позабележливо се оцртува големината на нивното дело, дело кое македонскиот народ заедно со останатите словенски народи, но и со сите христијански народи го почитува како вечна придобивка и се сеќава на него со посебен пиетет.

Чествувајќи го нивниот свет спомен, ми преставува голема чест што по одлука и благослов на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА возоглавуван од нашиот Архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима, г. г. Стефан, заедно со Епископот стобиски Јаков, како преставници од МПЦ-ОА, сум дел од овогодинешната црковна-државната делегација на оваа значајна манифестација „Македонија во чест на свети Кирил“, која веќе традиционално се оддржува, почнувајќи од 1969 година, па сè до денес цели 56 години, изразувајќи ја сета почит и благодарност на македонскиот народ, кој светиот Кирил го почитува и слави како нов апостол и учител на сите земји онака како што напишал во Похвалата за него, неговиот посветен ученик, светиотКлимент Охридски, истакнувајќи ја големата трудољубивост и пастирска мудрост на својот и наш учител Кирил, чија што дејност верно ја продолжил во познатата Охридска книжевна школа.

Почитувани,

Пред мене, овде во базиликата „Сан Клименте“, од ова место, за големиот првоучител Кирил изминативе години, голем број македонски архиереи и свештеници изрекле многу прекрасни беседи, но за светител како него секогаш има што да се каже, затоа што тој заедно со неговиот роден брат Методиј направиле дело рамноапостолско, дело кое ги направи апостоли на словенските народи, а тоа дело на просветлување има непроценлива и вечна вредност за целото христијанско наследство. И моето денешно слово, неможејќи потполно да ги искаже сите неговите  подвизи и трудови и добрината на неговиот живот, пред сѐ ја одразува македонската благодарност најнапред кон Троичниот Бог, Кој благоволи една света личност како светиот Кирил Солунски од јазикот на македонските Словени од околината на тогашниот Солун, да ја создаде првата словенска азбука – глаголицата и преведувајќи ги светите и богослужбени книги заедно со својот брат, да го внесе словенскиот јазик во црковна употреба, да ги просветли словенските земји и да извојува победа над тријазичните еретици, силно бранејќи го правото на еднаквост и можноста сите народи и луѓе да дојдат до познание на верата, во целосна согласност на Христовата заповед: „Одете и научете ги сите народи“ (Мт. 28,19).

Свети Кириле,

Денес следејќи ги Вашите траги и стапки дојдовме тука во градот на реката Тибар од вашите и нашите краишта, дојдовме од местата каде што ја започнавте Вашата прва мисија, како и од оние места, каде што Вашето дело го продолжија Вашите најдаровите ученици – за да од името на полнотата на македонскиот народ да Ви се заблагодариме за сè што направите за нашиот народ, за неговата културна и духовна просвета и растеж. Ако не бевте Вие се запрашувам што би било со нас и со останатите словенски народи? Дојдовме и секогаш ќе доаѓаме за да Ви кажеме дека остануваме посветени на Вашето свето дело и дека сме горди и дека посветено со генерации, почнувајќи од свети Климента, па сè до денес секаде каде што битисува македонскиот народ и насекаде каде што се говори македонскиот јазик - го чуваме и славиме Вашиот сечесен спомен, зашто вие го поставивте темелот врз кој е создадена нашата култура, јазик и писменост, вие сте столбовите на нашата црква и држава и наша идентификација помеѓу останатите народите. Со еден збор кажано Кирилометодиевото дело  е темелна вредност врз кое е дефиниран и врз кое се развива нашиот национален, црковен и културен идентитет помеѓу останатите народи во Европа и светот. 

Стоејќи денес пред Вашето почивалиште, каде што се наоѓаат Вашите свети мошти и принесувајќи ги овие молитви, се молиме на Вас, свети оче Кириле, како на наш заштитник, и Ве молиме да се застапувате за целиот македонски народ, за нашата македонска земја и Црква и за сите народи. Имајќи ги во предвид сите сегашни искушенија и предизвици со кои нашата земја, но и светот се соочува, во овие историски мигови и околности, моето кратко обраќање ќе го завршам со еден молитвен крик, изразен преку молитвените зборови од празничниот тропар на светите браќа: „Владиката на сите молете Го, да ги утврди сите словенски народи во православие и едномислие, да го смири светот и да ги спаси нашите души“. Амин! – Нека биде така!

Нека е за многу години! Свети Кириле моли Го Бога за нас!

 

[1] Беседа изговорена во храмот „Свети Климент“ во Рим, на Молебенот на гробот на свети Кирил Солунски, на ден 23. 05. 2025, како дел од црковно-државната делегација на манифестацијата „Македонија во чест на свети Кирил“.