Светилникот на Белото езеро
г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски 03.07.2018 Св. Наум Охридски
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Блажени ќе бидете, кога ќе ве намразат луѓето, и ќе ве одделат и похулат,
и го исфрлат името ваше како лошо, заради Синот Човечки!
(Лука 6,22)
Ваше Високопреосвештенство,
почитуван директор на Комисијата за верски односи и религиозни групи,
почитувани пратеници во Собранието на Р. Македонија,
пречесни отци,
драги браќа и сестри,
Денес дојдовме во овој манастирски храм да се потсетиме на еден од нашите најголеми духовни светилници, чие што кандило запалено пред повеќе од 11 столетија се уште свети на брегот на нашето Белото езеро и го осветува секој човек, кој со стравопочит, вера, надеж и љубов се поклонува на неговиот свет гроб... И ние со исти чувства, само на неколку стотици километри од тој негов древен манастир, дојдовме во ова место, каде се наоѓа овој негов манастир, кој е пак светилник на цела Попова Шапка, светлина, која го осветлува цел овој крај, украс, чии порти се секогаш отворени за секој еден верник и добронамерник, кој поклонувајќи се на светата икона на патронот, на светиот преподобен отец наш Наум, Охридскиот чудотворец добива голем мир во својата душа, мир, кој повторно те тера да навратиш на ова Божјо место и да се одмориш во неговото благодатно лоно.
И оваа година ја продолжуваме долгогодишната традиција и повторно се собравме на овој ден, во овој храм не само да ја одбележиме манастирската слава, но пред сè да се потсетиме на животот, на делата и на безбројните чуда, воспевајќи го и прославувајчи го сечесниот спомен на светиот Наум Охридски, еден од најревносните ученици на солунските рамноапостолни браќа и просветители Светите Методиј и Кирил. Со нив патувал и во Рим, каде што се прослави со чудотворна моќ и со голема ученост. Знаел многу јазици. Со помош на царот Борис, по неколку години од враќањето од Рим, откако светиот Климент веќе станал епископ и тој се населил на бреговите на Охридското Езеро и го основал познатиот манастир на јужниот брег на езерото. Тој манастир и денес го краси брегот како што и името на Свети Наум ја краси историјата на словенското христијанство и низ вековите е извор на чудотворна сила и засолниште за болните и за неволните. Околу светиот Наум како основоположник на монаштвото се насобрале мноштво монаси од сите страни на Балканот. Бил мудар учител, единствен раководител на монасите, одлучен подвижник, чудотворен молитвеник и духовник. Неуморно се трудел и во преведувањето на Светото писмо и на другите црковни книги од грчки на словенски јазик. Извршил голем број на чуда и за време на животот и после смртта. Неговите чудотворни мошти до ден денес восхитуваат со многубројни чуда, посебно со исцеленијата од тешки болести, особено од психички растројства.
Благочестиви христијани,
Плодовите на животот и делото на светиот Наум, се идентични со плодовите на Духот, бидејќи тој ги исполнил Павловите зборови: „Ако живееме со Дух, по Духот сме должни и да постапуваме“ (Гал. 5,25) и на тој начин ни дал беспрекорен пример на нас, неговото наследство, ни дал пример за осветување, кој вечно нè повикува да кажеме големо не на искушенијата и херојски да издржеме во нашите животни страданија, а во нив со сигурност ќе издржеме ако имаме вера. Верата е таа преку која нашиот свети Наум и покрај сите маки и страданија, покрај сите омрази, хулења и осудувања, кои ги претрпел заедно со светите браќа Кирил и Методиј во Моравија од страна на латинското свештенство – никогаш не се откажал од својот духовен подвиг, туку напротив, знаејќи ги зборовите и поуките од денешното свето евангелие, знаејќи дека во Христовото царство – блажени ќе бидат оние, кои страдаат во овој свет: сиромашните, гладните, оние што плачат, но и оние врз кои се хули, кои се гонети и клеветени, заради Синот Човечки (види: Лука 6,20-22), тој уште повеќе се трудел и преку верата не само што сè претрпел, туку се вброил и станал дел од „оние, пак, кои се Христови, го распнаа телото свое со страстите свои и похотите“ (Гал. 5,24), како што слушнавме од апостолското четиво и на тој начин ги здобил плодовите на Духот: љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста...“ (Гал. 5,22-23), плодови, кои треба постојано да ги посакуваме и ние да ги здобиеме со духовна борба, со пост, молитви и молостиња за време на нашето жителство овде на земјата, бидејќи тие плодови ќе нè научат „да не бараме лажна слава, еден друг да не се предизвикуваме, да не си завидуваме, а да си помагаме, да се поправаме еден со друг, еден на друг да ги поднесуваме тешкотиите и така да го исполниме законот Христов (сп. Гал. 5,26-6,2).
Возљубени во Господа,
За да го исполнеме законот Христов, законот на Оној, Кој собра околу себе многумина од цела Јудеја и Ерусалим, и од приморјето Тирско и Сидонско, кои доаѓале да го слушаат и да се исцелуваат (сп. Лука 6,17-19) потребно е да го следиме светиот Наум, кој пред нас го поминал тој пат кон Царството небесно, патот на кој треба да се најде секој христијанин, пат, кој треба да го помине секој од нас, а тој пат е сличен со патот кон Голгота, Кој прв го изоди нашиот Спасител, а потоа тој крсен пат на животот го поминаа и многумина... Да го помолиме светиот Охридски чудотворец наш Наум, со своите свети молитви и застапништва пред Севишниот Бог да се застапува за сите нас, кои посакуваме да го изодиме тој вистински и спасоносен пат, кој ќе не одведе во прегратките на Отецот и Синот и Светиот Дух за да заедно и ние со светите ангели се зарадуваме и развеселиме (Лука 6,23) и сега и секогаш и во сите векови.
Амин!
За многу години нека е храмовата слава. Благодарност до мојот собрат, Митрополитот Кумановско-осоговски г. Јосиф, до членовите на црковниот одбор за грижата кон ова наше прекрасно светилиште и до сите Вас, кои со присуството го збогативте овој настан. И Светиот Наум уште долги години да нè собира овде на падините на Шара!