Светилото на монасите
г. Јосиф, митрополит Тетовско – гостиварски Св. Сисој Велики 19.07.2018 г.
Светилото на монасите
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Со голема духовна радост, гледајќи Ве во толкав голем број собрани на молитва во овој дом Божји ја започнувам денешната беседа за денешниот празник посветена на светиот подвижник Сисое Велики, заштитникот на децата, кој во нашиот Тетовски крај има доста развиен спомен.
Светиот Сисое бил по потекло мисирец од земјата Египетска. Тој му бил ученик на светиот Антониј Велики. По смртта на својот голем учител се населил во пустинската гора наречена Антониева, според местото на подвигот на великиот негов свет учител. Со текот на времето, земајќи врз себе тешки подвизи толку се скротил самиот себеси, што стана незлоблив како јагне. Бог, заради неговата смиреност му дал голема благодат. Можел да исцелува болни, да изгонува демони и да воскреснува мртви. Во пустината поминал цели 60 години и постанал вистински извор на жива мудрост за сите монаси и мирјани што спознавајќи ја неговата мудрост му притекнувале, барајќи поука за преуспевање во духовниот живот. Тој постојано ги поучувал монасите и ги советувал. Им велел: „Какво искушение и да го снајде човекот, тој треба да ѝ се предаде на волјата Божја и да признае дека искушението се случило заради неговите гревови. Ако пак се случи нешто добро, треба да се каже дека станало по Божја Промисла“. Пред да се случи неговата смрт лицето му заблескало како сонце, а неговите ученици - монасите што стоеле околу него ѝ се восхитувале на таа необична појава. При неговата смрт, кога го напуштил овој свет, преселувајќи се во Царството небесно, неговата земна одаја се исполнила со прекрасно благоухание. Светителот се упокоил во длабока старост, во 429 година.
Почитувани мои,
Размислувајќи за денешниот празник на светиот Сисое и за тоа што денес да кажам, кои зборови да ги упатам до Вас за него, за неговиот живот и дело, во моите мисли постојано навираше споменот на неговата позната икона, на фреската пред гробот на големиот император пред очите на светот – Александар Македонски. Тој е прикажан со кренати раце и со зачудувачки поглед над гробот, односно кон костурот на Александар Македонски и како да вели: „О смрт! Целиот свет не беше доволно голем за тебе, Александре! Како сега си се сместил во два метра земја?!“. Таа фреска е според едно предание за свети Сисое Велики, кое сведочи дека тој во пустината го пронашол гробот на Александар Македонски. Kога го видел, се ужаснал и рекол: „Kолку голем човек беше, а сепак сега е само прав и пепел“. По ова, го затворил гробот и никому не му го покажал. На фреската, со старословенско писмо пишува: „Самата таа глетка, гробу, ме плаши и прави срцето да лее солзи додека размислувам за долгот што ние, сите луѓе, го должиме. Kако воопшто можам да го поднесам? О, смрт! Kој може да те избегне?
Самата фреска, а и зборовите испишани на неа побудуваат чувства на збунетост, на страв и нè потикнува да размислуваме за смртта, за сопствениот живот, на нашите дела, дали тие се дела световни на земното, дела кои се минливи и распадливи? Дали тие се дела на нашата земна човечка суета и дали еден ден заедно со нас ќе станат само пепел или дали пак тие наши дела се плод на нашиот духовен живот, дела духовни, кои нема да подложат на заборавот на времето, туку ќе нѐ пратат надвор од границите на овој свет, за да бидат темели на „непоколебливото“ Царство?
Возљубени,
Треба постојано да бидеме будни, да внимаваме како живееме зошто времето е брзо, а дните се лукави. Да го користиме времето созрцувајќи го сопствениот живот и дело. Сеќавајќи се на зборовите на светиот Сисое на Александровиот гроб често да си го поставуваме прашањето од Светото писмо: „оти каква е полза за човекот да го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости? Или каков откуп ќе даде човек за својата душа? (Матеј 16,26). На тоа прашање да одговориме со нашиот подвиг, трудејќи се во овој живот да направиме дела достојни за покајание и за небесно Царство. На тој пат секогаш од помош ќе ни се советите на нашиот денешниот светител. Ќе ја искористам оваа прилика да ја кажам денешната поука, браќа и сестри и да го завршам ова мое слово, пренесувајќи Ви еден совет на светиот Сисое, еден духовен рецепт за начинот за правење богоугодни дела, кој ќе ни биде од голема полза на сите нас. Некој монах го праша авва Сисој: „Како да Му угодам на Бога и да се спасам?“ Му одоговори светителот: „Ако сакаш да Му угодиш на Бога, излези од светот, оддалечи се од земјата, остави ја тварта, пристапи кон Создателот, соедини се со Него со молитва и со плач и ќе најдеш спокојство и во овој и во оној век“. Така и ние мили мои, излегувајќи од суетата на светот – влегувајќи што почесто во овој свет храм и молејќи се на Бога и жевеејќи според Неговите свети заповеди ќе успееме да се соединиме со Него и да преминеме од смрт во живот, славејќи го Бога, сега и секогаш и во сите векови. Амин!
Нека е честит денешниот ден посветен на светиот Сисое Велики. За многу години!