ВИСТИНСКА СРЕЌА

г. Јосиф, Митрополит Тетовско-гостиварски

ВИСТИНСКА СРЕЌА

Сега го отпушташ Својот слуга со мир, Владико, според зборовите Твои;

зашто очите мои го видоа спасението Твое.

(Лука 2, 29-30)

Драги браќа и сестри,

Денес го празнуваме големиот празник Сретение и се сеќаваме на еден значаен настан од животот на Господ Исус Христос. Сосема природно е за човековиот ум е да се запраша што означува овој празник, што всушност славиме во овој ден, зошто се случило сретението и Кој кого сретнал? – Едноставно кажано денес го прославуваме сретението на човекот со Бога, односно настанот кога за прв пат е дадено на човек, на благочестивиот и праведен Симеон да го прими во своите раце, малото и четириесетдневно Дете Исус и да го види Спасителот на светот. Тој настан за кого денес си спомнуваме не бил само обична средба, туку излегување на помалите, на луѓето за сретение со поголемиот, со Бога. Ете токму затоа за овој празник, според свештенoмаченик Венјамин Федченков посоодветно и посуштински го именуваме со зборот Сретение, кој произлегува од глаголот пресретнувам и значи доаѓам да сретнам некого. А тоа пресретнување како што слушнавме од светото Евангелие по Лука се случило токму на четириесеттиот ден од Рождеството Христово, кога согласно старозаветниот закон (Левит. 12, 2 - 7; Исход 12, 2) Пресветата Дева Го однела својот Божествен Син Христос во ерусалимскиот храм да Му Го посвети на Бога, а самата да се очисти и на тој начин да го исполнат Законот, иако немало потреба од тоа. Во тие миговите во храмот, освен првосвештеникот Захариј се појавиле и две таинствени личности: старецот Симеон и Ана, ќерката Фануилова. 

Според црковната историја, праведниот Симеон бил еден од т.н. седумдесетмина преведувачи, кој според преданието при преводот на книгата на пророк Исаија, кога стигнал до местото на пророштвото дека ќе дојде време кога Девојка ќе зачне во утробата своја и ќе роди Син, западнал во недоумица. Но, тогаш му се јавил Ангел Господов и тој добил небесно известие дека нема да си замине од овој свет, сѐ додека не се сретне со ветениот Месија. И навистина, според зборовите на Ангелот, свети Симеон поживеал предолго, дури до доаѓањето на Словото Божјо на земјата и до неговото влегување во ерусалимскиот храм, каде конечно се пресретнале и Го примил во прегратките Младенчето Христос Бог. Поради тоа светиот Симеон е наречен и Богопримец. Во тие сретенски мигови, Бог го прославила и Ана и им објавила на ерусалимјаните за доаѓањето на Долгоочекуваниот. По тој настан Божественото семејство добило упатство од ангел Господов да се упатат кон Мисир, заради заканата од Ирод. 

Почитувани,

Празнувајќи го денешниот радосен празник, по зборовите на светиот Теофан Затвореник „ние не сме повикани само на мислено застапништво и на сеќавање на библискиот настан на Сретението Господово, туку за активно вкусување од него, зашто сите сме повикани да Го имаме и да Го носиме во себе Господ, и да изчезнеме во Него со сите сили на својот дух“. Затоа мили мои, овој наш празник да не биде само едно сеќавање на еден настан од минатото, туку тој настан да ни биде инспирација и потсетник дека и ние постојано треба да се трудиме и да се среќаваме со Христа Бога. Затоа ова Сретение уште во овој миг да го направиме и наше сретение со Бога, бидејќи тоа ни ја носи вистинската среќа. Овој празник неизбежно не мотивира да позборуваме малку повеќе за вистинската среќа, бидејќи етимолошки гледано, во словенските јазици зборот среќа произлегува од глаголот „среќавам“. Сретение, срешта, среќа! Среќата всушност е средбата. А вистинската среќа е самото сретението, средбата и среќавањето со Бога. Тоа сретение и таа среќа ни го носат и мирот, оној истиот „мир“ (сп. Лука 2, 29-30), кој го почуствувал праведниот старец Симеон, кој цели триста години го очекувал сретението со Бога. Но, ние не мора да чекаме толку многу време за да го направиме нашето сретение со нашиот Создател, во Кого единствено, според зборовите на блажени Августин „го наоѓаме својот идентитет, исполнување и совршенство“. Кога ќе се случи тоа Сретение и кога ќе ја вкусиме таа вистинска среќа, тоа неизмерно блаженство зависи од нас самите, односно од нашата вера, надеж и љубов кон Троичниот Бог: Отецот, Синот и Светиот Дух. 

За да го достигнеме сретението, во овие подготвителни недели пред почетокот на Великиот пост потребно е да својот живот да го втемелиме на Евангелието, на светоотечкото предание, во самата Црквата, трудејќи се да поживееме и да стекнеме богоугоден живот преку пост, молитва и со подвиг да се очистиме од страстите, да го просветлиме својот ум, кој е обременет од световните суети. Со покајание да ги симнеме гревовите наши, кои не држат во мрак и непознавање на доброто и злото и со засилена лична и соборна молитва, стигнувајќи до обожување да ја истакнеме нашата силна волја да се сретнеме со Бога. Ако бидеме истрајни во овој подвиг, ќе можеме со секоја отслужена Литургија да Го среќаваме Бога и да Го примаме преку светата Причест и преку Неговата благодат низ целиот живот да бидеме вечно со Него. Така конечно ќе почуствуваме што е вистински мир и ќе разбереме што е вистинска среќа. Само тогаш ова наше често сурово и безсмислено секојдневие исполнето со најразлични искушенија – ќе ја добие вистинската смисла и ќе се оствару целта на нашето егзистирање овде на земјата, а тоа несомнено е нашето сретение со Бог, од кое извираат мирот, љубовта, добрината, тишината, сигурноста и секоја добродетел потребна за нас, за нашиот живот и за нашите блиски.

Возљубени,

Да го искористиме нашиот живот овде на земјата за стекнување на вечната прегратка и сретението со Бога во Неговото царство. Да не се плашиме и двоумиме, туку сега и веднаш да запливаме во духовните води и да го насочиме и да го живееме нашиот живот според Божјите заповеди за да го доживееме и ние како праведниот Симеон блаженството на верата. Нека овој празник, ова Сретение Ви донесе сретение со Бога и вистинска среќа, за да со радост го прославиме Бога, и сега и секогаш и во вечни векови! Амин!

Среќни и благословени да сте! Бог со вас!