ВО ЧЕСТ НА НОВОПРОГЛАСЕНИОТ СВЕТИТЕЛ НАШ!
г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски
ВО ЧЕСТ НА НОВОПРОГЛАСЕНИОТ СВЕТИТЕЛ НАШ! [1]
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Стоеќи денес пред вас потомците и почитувачите на новопројавениот светител Кирил игуменот Лешочки, озарен и укрепен од неговите свети мошти, заедно со псалмопејачот Давид извикувам:
„Скапа е во очите на Господа смртта на Неговите светии“
(Псал. 115,6)
Ваше Блаженство,
Ваши високипреосвештенства и преосвештенства,
Ваши екселенции и драги гости, почитувани преставници на државниот врв,
Возљубени браќа и сестри, почитувачи на свети Кирил Лешочки,
Пречесни отци и монаси, народе Божји,
Долго време размислував за содржината на ова мое обраќање до вас на ова возвишено свештено собрание, за тоа кои поучителни зборови да ги изречам во овие моменти на обилна духовна радост, за да Бог ги всади во срцата Ваши. Тоа не е воопшто лесно кога станува збор за денешната свечена пригода. Се препуштив на молитва кон Бога, знаејќи дека Тој ќе ме вдахнови со вистинските и најдобрите зборови. Но, денес секој збор е сувишен и ниту една беседа и збор нема да бидат доволни да се искаже чуството на духовност, која сите ние ја чуствуваме во овој храм. Оваа вечер секоја беседа ќе остане нема пред светоста, но бидејќи стоиме со голема причина на ова вековно свето место, во подножјето на македонската голгота, на овие страдални простори – нашето денешно собрание многу повеќе зборува за величината на поводот поради кој сме заедно вака собрани на молитва како жива заедница, оживотворувајќи го овој храм во Црква, вистинска заедница на верни, кои Го слават својот Бог, Кој на небесата е опкружен во слава и сославуван од мноштвото на ангелски чинови и од хоровите на безбројните светителите.
Нашето денешно собирање е најголема потврда дека животот е победник над смртта, светлината над темнината, верата над сомнежот, надежта над очајот, љубовта над злото, а сеќавањето над заборавот. Долго време носејќи го во нас сеќавањето и чувајќи го споменот на светиот Кирил во незаборав преку силната народна и црковна меморија, благодарни сме на Бога, во Кој нема заборав, што благоволи да ја дочекаме светлината на ова предвечерие и што нè направи предвесници на чинот на утрешната канонизација, на прогласувањето за светител на преподобниот игумен Кирил Лешочки и на неговото вбројување во диптихот на светиите. Предвесници за најрадосната вест, која е причина и за ова серадосно вечерно богослужение, кое ми преставува чест како надлежен архиереј на овие простори во Полог и полошко да го предводам овде под сводовите на овој манастирски храм во Лешок, каде што новопројавениот светител наш Кирил живеејќи свето и непорочно успеал да се освети, богоподоби до мера на светост. Никогаш во својот живот претходно не помислив дека Бог ќе ме удостои и дека пред цела една деценија ќе бидам избран за епископ и дека потоа ќе станам митрополит, и дека ќе имам можност живеејќи овде заедно со народот да бидам сведок на Кириловата светост и на растењето на неговиот култ, што и ме мотивира да го испратам предлогот за негова канонизација до Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридската архиепископија. Ако никогаш не сум помислил на тоа, уште помалку сум верувал дека денес ќе ја имам можноста да посведочам пред сите Вас дека Севишниот Бог благоволи преку нас неговите грешни чеда, повторно да ја објави Својата слава и преку објавата на преподобниот Кирил за свет, да објави дека Тој како вистински Бог постојано пребива во светиите Свои (сп. Јован 14,23), дека е Бог, Кој особено се пројавува и почива во праведниците негови, потврдувајќи ги зборовите на псалмопевеецот „чудесен е Бог во светиите свои (Пс. 47,35).
Затоа драги браќа и сестри, чуствувајќи го Божјиот благослов помеѓу нас, нашата радост оваа вечер, како и во утрешниот ден ќе биде полна, бидејќи и ние како избран народ дочекавме повторно и пак да се остварат библиските зборови „кога праведниците се умножуваат, народот се весели...“ (Изреки 29,2). И навистина можеби нема поголема причина за радост од таа кога ние христијаните добиваме уште еден наш застапник пред престолот на Севишниот Бог, Кој благоволи во оваа значајна година за нашата Света Црква, кога таа е призната за канонска во Сеправославниот свет да нè удостои сите нас, кои се молевме и го очекувавме овој долгоочекуван ден – кога конечно после цели 177 години од Кириловото блажено упокојување се исполни времето сенародната и црковната волја и желба да се преточат во одлука на светиот Синодот - највисокото тело на нашата Света Црква, кое во согласност со утврдените правила и критериуми на Православната црква, но пред сè според Божјата неискажлива промисла, која одредила овој новопрославен светија најпрво да се роди и да поживее праведно на овие простори –одлучи да ја објави светоста и да го обзнани светиот Кирил не само пред нас, кои уште претходно ја предочувавме неговата светост, туку и да го претстави и пред целата Православна екумена, присоединувајќи го во ликот на светителите на Православната црква, внесувајќи го во списокот и запишувајќи го неговото име во црковниот календар преку чинот на утрешната канонозација, која требаше да се случи многу години порано, бидејќи свети Кирил тоа несомнено го заслужил поради своето рамноапостолско дело на овие простори, просветлувајќи го и грижејќи се за верниот народ и за светињите во едно тешко и мрачно време на ропство, маки и страдања. Сепак најважно е што со Божја помош во ова наше време започна процесот на канонизација, кој го започнавме пред две години. Ја користам оваа прилика да се заблагодарам на Бога и на народот, кој ми даваше постојано поткрепа и мотив да го поднесам предлогот до Синодската комисија за канонизирање, како и да се заблагодарам на Синодот, кој што разгледувајќи го животниот пат и пастирскиот подвиг, како и чудата, кои се случуваат по неговите молитви и непрестаното почитување од народот ја донесе одлуката, која што утре ќе ја обнародиме во Соборниот храм во Тетово посветен на светите браќа Кирил и Методиј, чие епохално дело во Македонија после долги години го продолжил и светиот Кирил Лешочки, кој макотрпно го поучувал и го описменувал народот. Денес и утре и во сите денови верниците ќе можат секојдневно да се поклонуваат на неговите свети мошти, кои ги изнесовме на ова историско видело после толку години од неговото упокојување, иако тој уште по својата блажена смрт бил прославен од Бога и уште тогаш засветлил со светлината на светоста, зашто бил верен служител Божји и ревносен подвижник, „исполнет со вера и Дух свети“ (сп. Дела ап. 11,24). Затоа го молиме да ни прости и нам и на претходните генерации што поради помраченото од гревот човечко осознание дури оваа година го прогласуваме за свет. Прости ни свети оче Кириле за сè и моли Го Бога за сите нас! Знај дека ние никогаш не Ве заборавивме, а денес ветуваме дека Вашиот свет и сечесен спомен вечно ќе го пеметиме и славиме.
Возљубени,
Новопројавениот свети Кирил игуменот Лешочки во својот беспрекорно исполнет живот остави многу дела по кои уште долго ќе го паметиме и ние и нашите деца и внуци и сите наши понатамошни генерации. Во оваа претпразнична вечер, наоѓајќи се во овој свештен манастир посветен на Пресветата Богомајка и на светиот Атанасиј Велики каде светиот Кирил го започнал своето познание на верата и каде што го завршил својот земен живот, а каде од денес ќе се чуваат неговите нетлените останки, светите мошти на кои сите ние ќе можеме да се поклонуваме, оддавајќи му ја заслужената чест сосема е природно да проговориме збор два и за неговите подвзии и за сите боговдахновени слова со кои ги просветлуваше нашите претци, како и да му се заблагодариме за сите напишани дела од кои и ние ја имаме приликата и денес да се поучуваме во нашата православна вера. Чуствувам за потребно во пресрет на утрешната негова канонизација да се потсетиме на неговиот светителски живот и дело од неговото раѓање, па преку развивањето на неговиот култ сè до ден-денешен. Чудесно, неговиот живот и дело и развојот на неговиот култ на еден интересен начин се поклопуваат со укинувањето, развојот и со конечното признавање на МПЦ-ОА од Помесните цркви. Светиот е роден во 1771 година во Теарце само 4 години по неканонското укинување на Охридската архиепископија, се упокоил во 1845 година за време на почетокот на најголемата борба на народот за обнова на својата Црква во која како клучен водач на македонското просветителство непосредно учествувал и самиот свети Кирил, додека развојот на неговиот култ се случува во целиот период, а особено по обновата на автокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ, а пак неговата канонизација се случува точно во годината кога се признава автокефалниот статус на МПЦ-ОА.
Од историските записи и од неговото житие дознаваме дека свети Кирил Лешочки се родил во тетовското село Теарце, во православно христијанско семејство, кое живеело вистински христијански живот во согласност со Христовите заповеди. Од податоците во неговото житие дознаваме дека основното духовно воспитание го здобил во семејството, а љубовта кон образованието, а подоцна и кон монашкиот подвиг ја стекнал во нашите манастири, првенствено во Лешочкиот и Пречистанскиот манастир крај Кичево, а извесно време престојувал и во Бигорскиот манастир. Подоцна заедно со татко му Пејчин, по кого го добил презимето, и со чичко му заминал во Богородичната градина – Света гора атонска, каде во манастирот Хиландар го примил монашкиот потстриг, при што го добива името Кирил и таму подоцна го добил и јеромонашкиот чин. На Света гора тој се сретнал со најавтентичниот и најдлабокиот православен подвижнички живот, кој подоцна го пренел и во македонските манастири, во кои престојувал и игуменствувал. Времето на неговиот престој на Атон се совпаќа со коливарскиот спор, со движењето на светогорското филокалиско движење, кое како чисто агиоритско движење, по својот дух аналогно на исихазмот од 14. век, се застапувало за враќање кон фундаменталните принципи на православното подвижничко искуство. Преподобниот Кирил како припадник на ова движење во целокупниот иден свој пастирски подвиг останал доследен на светоотечкото предание и на сите начини се спротиставувал на отконувањата од православното црковно предание, доближувајќи му го на народот автентичното богословие на светите отци. Знаејќи ја потребата од враќање кон вистинското предание на верниот народ во Македонија, кој живеејќи во ропство под власт на Отоманската империја и без својата Охридска архиепископија, со Божји благослов го напуштил Хиландар со цел да допринесе за духовно просветлување на народот. Доаѓајќи во својата родна земја најпрвин отишол Марков манастир, во близина на Скопје. Таму станал игумен неуморен во подвизите, во постот, молитвата, во препишувањето на старите ракописи, како и во собирањето на ракописи и книги, во средувањето на манастирската библиотека и во проповедањето меѓу христијаните во околните села, борејќи против паганските обичаи и поучувајќи ги верните во вистинското Христово предание. Во тоа време заради потребите на народот го напишал делото „Огледало“. По 18 години поминати во Марковиот манастир, поради некои несогласувања со скопскиот митрополит, откако повторно отишол на Хиландар доаѓа тука во овој свет Лешочки манастир, каде ја продолжил својата плодна црковно-просветна дејност. Преподобниот направил премногу за развој на овој манастир, кој во тоа време станал стожер на духот на македонскиот народ. Со својата мудрост успеал да добие дозвола и со прилози на верните да го обнови манастирскиот конак. Го возобновил монаштвото и монашкиот поредок. Отворил манастирско ќелијно училиште. Проповедал и редовно служел Света литургија и по околните тукашни села, а за поголемите празници и во Тетово. Многу чудесни изцеленија се случиле по неговите молитви. Пишувал проповеди и текстови и во Лешок ја напишал неговата позната книга „Утешением грешним“. Неговите поуки, главно биле поуки за духовен препород. Преку проповедите и своите дела го учел народот како да ги празнува празниците, како да пости, како да се кае и исповеда и како да се причестува со Светите тајни. Повикувал да се избегнуваат блудот, развратот и пијанството. Го поучувал народот и против паганските обичаи, против суеверието, а особено поучувал за духовната опасност предизвикана од колењето курбан. „Вистински курбан за христијаните е принесувањето на лебот , виното и водата на Светата литургија, кои се претвораат во тело и крв Христови, со кои се причестуваме“ – ете така ги поучувал преподобниот Кирил хиристијаните. Со неговите свети молитви и со неговите поуки помогнал на многумина и се случиле многу чудесни исцеленија од различни болести. Во 1835 година, поради нарушено здравје и заради желбата за молитвено тихување, се повлекол од игуменската должност и го напишал свој надгробен епитаф, во крај кратко во стихови го опишал својот живот и ја изразил верата во Воскресението и животот вечен. Десет години подоцна, во 1845 година мирно заспал во Господа, преселувајќи се во неминливото Царство небесно.
Упокојувајќи се со чисто срце и богопросветен ум аналогно на Христовите зборови: „Вистина, вистина ви велам: кој го слуша словото Мое и верува во Оној, Кој Ме пратил, има живот вечен и нема да дојде на суд, а преминал од смрт во живот“ (сп. Јован 5,24), така и светиот Кирил преминал од смрт во живот, оставајќи ги своите ученици и монаси, како и народот да се сеќаваат и да го пренесуваат неговиот спомен и дело преку црквата и образованието на идните родови, кои од генерација на генерација сведоци сме дека неговиот спомен се пренесуваше се до денес на најразлични начини, преку помените, преку литературните научни записи, а од утре тој ќе се прославува и од идните генерации до крајот на вековите. Бог не дозволи да се заборави споменот на праведникот, не допушти заборав на човекот кој долги години свето и богоугодно го поживеа својот живот на земјата, кој праведно подвижувајќи се токму во ова наше големо светилиште, секојдневно позитивно одговарајќи на вечниот Христов повик: „Бидете свети, како што е свет вашиот Отец, Кој е на небесата“ (сп. Мат. 5, 48) и преку аскеза, молитва, пост, бдение, користејќи ги и практикувајќи ги и останатите блажени средства, тој успеал да се стекне со голем број на христијански добродетели, очистувајќи се од гревовите, преобразувајќи се во вистински обожен христијанин сè до мера на светост достојна за почит од сите нас. Угледувајќи се и предавајќи се слободно и целосно на Бога (сп. 1 Кор 11,1), светиот Кирил успеал да ја достигне вистинската цел на христијанскиот живот да го стекне Светиот Дух, односно да се здобие со Божјата благодат, како и со наградата на спасението во идниот вечен живот во Царството небесно.
Но особено е важно да се каже дека отец Кирил не бил само човек на Црквата, не бил само духовник и просветител, тој како вистински богопросветен пред сè бил човек на народот, бил облагодатен од Бога со бистар ум, бил сестран човек, кој како вистински пастир ги разбирал потребите на тогашните наши луѓе и се борел и се застапувал за нивните права без никаков страв пред тогашните власти. Затоа слободно може да кажеме дека тој не бил само духовен, туку и општествен водач и будител на својот народ за кого направил многу дела. Доаѓајќи и живеејќи во Македонија во време на просветителството кога се создала македонската граѓанска класа, во налетот на националното будење на македонскиот народ преку формирањето на црковно-училишните општини, светиот Кирил како богоиспратен учител на народот силен по дух заедно со останатите просветители бил свесен и знаел дека сочувувањето на јазикот и верата ќе значат и зачувување на посебноста на народот. Свесен за тоа, во едно време на страшно политичко, духовно и просветно ропство во кое се наоѓа народот свети Кирил го вовел народниот јазик во Црквата и обрзованието, започнал да отвора училишта во манастирите и да печати книги на народен јазик со цел да се зачува верата и таа да му се приближи на неукиот народ преку проповед на разбирлив јазик. Затоа свети Кирил наместо црковнословенскиот го користел својот македонски говор, тетовскиот дијалект на кој ги напишал и своите дела во кои се инкорпорирани библиските пораки. Таа дејност и неговите книги на народен јазик го прават дел од првата генерација писатели на современата македонска книжевност. Тој со својата литературна дејност на народен јазик направил преод од средновековната кон новата македонска литература, со тоа заземајќи посебно место во оформувањето на идниот македонскиот писмен јазик.
Накратко кажано свети Кирил преку своето севкупно животно дело од обновителните потфати на манастирите, па сè до пишувањето на своите дела се покажал како вистинско Христово светило, како истакнат пастир, монах, игумен, литург, народен просветител, ревносен мисионер, автентичен сведок и примо – предавач на апостолското предание, кој преку секојденвната проповед со збор и дело постојано Го сведочел Христос Бог, нашиот Спасител пред сите луѓе, кои ги поучувал да се усовршуваат во верата и уподобуваат на Христа. Но ете возљубени, нашиот Бог, Кој го гледал тајно (сп. Матеј 6,4) животот и делото на овој наш свет човек го наградува јавно со чинот на канонизацијата – провозгласувањето за светител и неговото внесување во диптихот во списокот, односно во редот на прославени светии, бидејќи како што „не може да се сокрие град, што се наоѓа на врв планина“, и како што „ниту, пак, светило се пали и става под поклопец, туку на свеќник, и им свети на сите в куќи“ (сп. Матеј 5, 14-16), така и нашиот свет игумен, преподобниот Кирил го објавуваме како вистинско светило, како Божји угодник преку чии молитви, Бог ќе го осветлува и нашиот пат кон спасението.
Затоа да се радуваме и развеселиме браќа и сестри, учесници во овој свештен настан, да се радуваме сите ние кои долго го чекавме и кој според Божјата неизмерлива милост и ги дочекавме ови мигови кога добиваме уште еден светител. Денес заедно со нас ликува небоземната црква. Да се радуваме сите ние од Лешок и Теарце, од Тетово и Гостивар, како и од целата дијацеза на нашата Црква. Да се радуваме зашто еден нас, од нашиот род македонски утре на Божествената литургија пред очите и ушите на целата Вселенска екумена ќе биде обзнаен дека преку својот живот и дела успеал да ја достигне светоста, да се уподоби на Бога на својот и наш Создател, Кој сите нас вечно преку својата Црква нè повикува да ја достигнеме светоста.
Мили мои,
Во нашиот живот, во животот на христијанинот, и воопшто во нашата човечка историја сè се случува со причина. Затоа постојано треба да се запрашуваме зошто некои работи се случуваат сега, зошто пројавувањата и јавувањата Божји преку канонизацијата на свети Кирил се случуваат токму сега во оваа наше време. Јас цврсто верувам дека тоа е затоа што пред Бога нема ни години, ни денови, ниту време, пред Него еден ден е како илјада години, и илјада години како еден ден (2. Петр. 3,8), но за нас има промисла Божја и не е случајно што оваа канонизација се случува во ова наше време, кое е време на современо страдание на човекот, на длабоки општесвени поделби, време на вируси и пандемии, на војни, на еколошка и економска криза, време со еден збор кажано на отстапување на човекот од верата, надежта и љубовта кон Бога. Ете во едно токму вакво тешко време, само две недели по празникот посветен на Сите македонски светители Господ се пројавува да ја обнови верата и за да нè врати на вистинскиот пат ни праќа пример и наш вечен застаник, молитвеник и утеха во лицето на новопрогласениот Божји угодник, кој станува дел од хоровите на светиите и од македонскиот собор на светии, кои го слават Бога. Ние православните македонци како библиски народ треба постојано да Му благодариме на Бога и на светиите наши македонски, бидејќи како народ ако има со што да се фалиме пред светот – тоа се светителите наши, а нивниот број е голем. Тие се нашите скапоцени личности, кои го описменија не само нашиот народ, туку и другите народи. Нивните имиња се запишани и во иднина ќе се запишуваат во црковните календари за да вечно бидат прославувани од нас и од другите, бидејќи тие со својот живот и дело постанаа пример како треба да се исполнуваат Божјите заповеди на дело, како треба да се љуби Бога и другите, и затоа ја заслужуваат сета наша почит. Сите тие денес на небесата се радуваат, тие го прегрнуваат светиот Кирил и сите заедно Му ја принесуваат победната песна на Господ Саваот. Затоа од оваа вечер, и ние веќе нема да му пееме помени на отецот наш Кирил, туку ќе му пееме служба и радосноо ќе го славиме неговиот празник, молејќи го да биде наш застапник и молитвеник пред престолот Божји.
Драги мои,
Нашата радост предизвикана од одлуката за канонизација на светиот Кирил се огледува и во цврстата вера дека Господ Бог никогаш нема да заборави ниту една праведна личност како што не го заборавил и неговиот и наш праведник Кирил, кој од утре ќе можеме да го гледаме преку неговата икона, истата да ја целиваме, и слушајќи го неговото жите и служба да постануваме од ден во ден подобри луѓе, негови достојни наследници на нивата Господова, овде во оваа наша мила и страдална Македонија, умножувајќи ја љубовта помеѓу нас, за сите луѓе околу нас, бидејќи само така сплотени заедно во љубов по молитвите на нашиот светија, кој денес нè собра заедно може да одиме напред како народ. А како народ ќе постоиме сè до оној момент додека ги паметиме светиите и предците, бидејќи како што ние ги паметиме и прославуваме нив така и нас ќе нè запаметат идните генерации... Тоа е историската правда која не може да се избегне. Затоа да ги памтиме, да ги спомнуваме и да се молиме на оние кои нас не сакаат и кои се молат од небесата за сите нас, кои нас не не забораваат и во оние мигови кога ние обременети од непотребните животни грижи нив ги забораваме. Нашата утеха за нашите предци пребива во Христовите зборови: „Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее“ (Јован 11,25). Христос е темел на нашето постоење, наше вистинско пристаниште, друг избор и пат освен Христос немаме и не ни треба друг пат на чиј крај не не чека Христос, нашиот Бог, Победителот на смртта. Затоа никогаш не треба да ги заборавиме верските норми само за да им угодуваме на сопствениете страсти, а поучени од светиот Кирил, чии што мошти денес ги целиваме, следејќи го неговиот пример и ние да се молиме и цврсто да веруваме во Бога, Кој заради нас претрпе страдање и распнување, и со вера во Неговото воскресение, кое е едниствената смисла на нашиот живот – позитивно и ние да одговориме на неговиот повик преку апостолот, кој вели: Но, по примерот на Светецот, Кој ве повика, и вие самите бидете светци во сите ваши постапки. Оти е напишано: ,Бидете свети, бидејќи Јас сум свет’“ (1. Петр. 1,15-16).
Мили мои чеда,
Ви благодарам на сите кои дојдовте за да заедно со нас во оваа вечер ја споделите радоста која ја чекавме и што духовно озарени како мироносиците имаме можност да ја благовестиме утрешната канонизација, за тоа што заедно Му заблагодаривме на Бога за тоа и за сите негови дарови. Денес јас чуствувам потреба и лично пред сите вас да Му се заблагодарам на Бога, што оваа голема радост на канонизацијата се преклопува со мојот јубилеј. Имено, овој месец се наврши првата деценија од мојата хиротонија за епископ, токму овој месец поминаа првите 10 години од моето архиерејско служење. И ако некогаш сум чуствувал вистинска радост – тоа е денешниот ден. Се радувам бидејќи главната моја дејност во овие десет години беше насочена кон заслужното прогласување за светител на игуменот Кирил. Нема поголема радост од тоа да добиеме уште еден закрилник пред Бога и да знаеме дека има некој кој никогаш нема да нè напушти, туку вечно ќе биде тука и на сите ќе ни помага во служењето и на патот кон спасението. Ја користам оваа прилика дa им се заблагодaрaм на членовитe на САС за довербата која ми ја дадоа со изборот за епископ. Една цела деценија не се многу години, но се доволни за зголемување на искуството, за почеток на обнова на нашите светилишта и за многу други пастирски дејности, кои со Божја помош ќе ги продолжиме да ги извршуваме за целокупен напредок на духовниот живот на сите верници кои живееат на овие простори. Му благодарам и на верниот народ при Тетовско-гостиварската епархија и на моето свештенство за сите заеднички служби, за дружбите и за молитвите и на сите вас мили мои, кои со Вашето денешно присуство уште еднаш јавно го сведочите веќе востановениот жив култ на чествување на светиот Кирил.
Возљубени,
Чинот на утрешната канонизацијата е гаранција дека неговиот спомен никогаш нема да замре. Канонизацијата премногу ќе значи за целиот овој крај. По многу години народот сега ќе гледа во свети Кирил образец, столб и правило на верата. Канонизацијата е награда за сиот негов труд, за неговата жртва дадена задостигнување на духовната височина и за соединувањето со Бога, како и за просветлување на нашите дедовци и прадедовци, на нас и на нашите деца во иднина преку неговите дела. Затоа неговиот спомен заслужува почит и чест од сите нас, но и од идни генерации. Од утре почитувањето и празнувањето на споменот на свети Кирил станува и наша должност. Но ние и претходно си спомнувавме за неговиот спомен, а верувам дека од утре секој 25 март ќе биде празник за сите нас, за секој верник од овие и од другите краишта, а овој манастир место каде што заедно во уште поголем број и торжествено ќе го славиме неговиот спомен. Секое идно прославување, секое наше собирање на неговиот празник ние ќе ја имаме можноста да се сеќаваме на неговите дела, на неговиот живот и подвизи и да се подучуваме од него на патот кон спасението. Доаѓајќи во овој храм ќе ги почитуваме неговите мошти, ќе ја целиваме неговата икона и читајќи го неговото житие ќе се огледуваме на него, а огледувајќи се и следејќи го неговиот свет пример, повторно ќе спознаеме чии сме и на Кого единствено припаѓаме, ќе спознаеме дека единствено припаќаме на Бога нашиот Создател.
Нека е благословена оваа вечер, а особено утрешниот ден, кој нашата Света црква го определила за во него да ја обнародиме одлуката. Се надевам дека утре во огромен број сите заедно со нашиот Поглавар, со браќата архиереи во присуство на безброен народ Божји, заедно со свештенството и монаштвото ќе ја објавиме веста за вбројувањето во диптихот на светиите на светиот преподобен отец наш Кирил Лешочки пред целата Екумена. По неговите свети молитиви Троичниот Бог нека не благослови на секој животен пат, на секое добро дело, за да го зачуваме и достојно прославуваме Кириловиот спомен и празник на овој наш светител чиј сјаен ореол ќе не осветлува нас и нашите потомци после нас. А на крај за се да Му се заблагодариме на Бог, постојано сега и секогаш и во сите векови! Амин! Нека биде така браќа и сестри!
[1] Беседа изговорена на Вечерната богослужба, во пресрет на канонизацијата на преподобниот Кирил Лешочки во Лешочкиот манастир – општина Теарце, на 15. 10. 2022 (во навечерието на 18-тата недела по Педесетница).