Во крилото на Црквата

г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски 02.09.2018 г. Челопек

Во крилото на Црквата

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

зашто, мнозина се повикани, а малцина избрани“

(Матеј 22, 14)

Почитувани членови на Црковниот одбор,

драги браќа и сестри,

По Божјата промисла само неколку дена по големиот празник Успение на Пресвета Богородица, денес се наоѓаме во храмот посветен токму на Пречистата Богомајка овде во подножјето на Сува Гора, меѓу селата Мелетино и Брвеница, во прекрасниот Челопек. Дојдовме во чест на големиот јубилеј – 80 години од осветувањето на овој храм, кој денес е украс на Милетинската парохија. И неможе поинаку да се прослави овој јубилеј, освен најнапред литургиски, со благодарење на нашиот Бог, Кој благоволи да се изгради и освети овој храм во кој денес се црквувате Вие жителите на Челопек. Храмот бил изграден за брзо време, благодарејќи на неискажливиот труд, кој во тоа тешко предвоено време го дале вашите предци. Некои од Вас можеби и се родиле токму во годините кога се градел овој храм и во времто кога се осветил и заедно сиве овие години чекорејќи низ времето, преку крштението, па сè до погребението сте присутни во овој заеднички дом, во кој сеќавајќи се на радостите и тагите, си спомнувате за неговите падовите, но и за напредокот на овој Божји дом, чија што изградба според историските извори започнала некаде околу 1936/1937 година и траела сè до 1938 година, кога и била осветен.

Почитувани,

Народното предание сведочи дека овој храм е изграден на врз темелите на стара црква, за која се смета дека била подигната уште во времето на цар Самоил. Во народната меморија преданието никогаш не бледнее и не изчезнува. Така тоа предание го сочувало од заборавот на времето сведоштвото за црковноста на овие простори и на новите генерации им влеало пред сè храброст за да ги започнат иницијативите за изградба на овој храм, кој до денес го продолжува црковното предание и традиција на овие простори. Ако преку црковното предание се навраќаме наназад со сигурност преку Самоиловата црква ќе нè врати длабоко во ранохристијанскиот период, а враќајќи се наназад погледнувајќи го апостолското преемство ние со сигурност ќе стигнеме дури до Основачот на Црквата – Господа Исуса Христа, Кој преку денешното евангелско четиво, ни упати на сите нас покана, која гласи: „Дојдете на свадба!“ (Матеј 22, 4). Оваа необична покана за нас има длабока преносна смисла. Всушност преку оваа приказна за големата гозба – по повод свадбата на царскиот син, нашиот Спасител ни го објаснува на сите Царството небесно, споредувајќи го со секојдневни настани за на тој начин подобро да ја разбереме суштината на духовниот живот и истата да ја задржиме во нашето сеќавање.

Светите отци, објаснувајќи ја оваа парабола ни укажуваат на Христовите пораки, на неговата секојдневна покана како домаќин, како Цар, бидејќи Тој е Оној, Кој ја приредува свадбата – литургијата, која за нас е таа свадба, таа радост, која се случува во Неговата куќа во Црквата, а богато сервираната маса е светата Причест, кон која сите нè повикува и нè поканува нашиот Бог и Господ. Ниту еден домаќин во светов не е во состојба да понуди нешто повеличенствено од Христа, Кој ни ја дава Светата Причест за вечен живот и за бескрајно блаженство.

Возљубени,

Денес ние имаме двојна покана. Една, од нашиот Спасител Исуса Христа, покана која и покрај временската дистанца нè повикува во крилото на црквата сите нас кои се наоѓаме овде, во овој свет храм и кои присуствуваме на оваа света Литургија, кои живееме на ова парче од Бога дадена земја. Но, денес сме уште посреќни дека покрај вечната Христова покана, ние добивме уште една покана, поканата од Црковниот одбор на овој храм, покана кој произлегува од Христовата покана и која нè повика да учествуваме во денешното Евхаристиско чествување на големиот јубилеј по повод 80 годишнината од осветувањето на овој свет храм, кој се наоѓа овде во непосредна близина на гробиштата. Ете таква е Божјата промисла.

Но, и денес, нажалост многумина не се отповикале на двојната покана да дојдат на литургиската прослава и на дело сите заедно да се покажеме како Христова заедница собрана како едно тело околу својот епископ. Пак, едни заминале „на нива“, други „по трговија; а некои, на друго место. Го отфрлаат спасението и небесната слава, заради матријалните интереси. Исто така треба да знаеме и сите ние што сме се отповикале на поканата и сме дошле денес во овој храм, дека не е доволно само да кажеме Да на Христовата покана и да дојдеме на денешната свадба, на Литургијата во овој храм. Христовата проповед за Божјото царство, од нас бара и жртва и совладување на грижите за овој свет. Бара промени од нас. Потребно е покајание за да ја добиеме свадбената облека на добродетелите без која не можеме да ја искористиме свадбената покана за влез во Царството небесно, која поточно е покана за учество во божествениот дел на човечката душа. Тоа, Царство, пред сè, треба да го пронејдеме не само во себе, туку и во ближните. Потребно е да се увериме со сопствените очи во светоста на Божјите созданија, во добрината и љубовта на луѓето, бидејќи во тоа се состои вечното блаженство и вечниот живот.

Затоа и сите ние овде присутни да ја сфатиме како и до сега, така и понатака својата улога и назначување на земјата и да ја прифатиме Христовата покана. Ете, како што кажа и Христа: „зашто, мнозина се повикани, а малцина избрани“ (Матеј 22,14). Колку сме избрани, толку сме – благословени да сме! И да го продолжиме оваа благодатно дело, да ја продолжиме својата мисија, овде во крилото на оваа црква. Како и сиве овие 80 години, и понатака да се грижиме за храмот, за добробитот и напредокот на оваа црковна заедница, надевајќи се дека од ден на ден ќе прерасне во вистинско Христово стадо, кое ќе ги препознава и слуша Христовите зборови проповедани на богослуженијата и декс во континуитет ќе одговора позитивно на Христовата покана, влегувајќи во Царството Божјо, уште овде на земјата, земајќи учество на светата Литургија, каде Му вознесуваме секаква на слава, чест и поклонение на Троичниот Бог – Отецот, Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во сите векови!

Нека е за многу години и честит нека е овој 80 годишен јубилеј!

Во оваа прилика сакам да ја искажам својата благодарност како надлежен архиереј на Тетовско-гостиварската епархија до Црковниот одбор, парохискиот свештеник и до сите верници од Челопек за грижата и вложувањата сиве овие години во овој храм. Вложувајќи во храмот Божји ние вложуваме во својата иднина, во своето спасение... Продолжете го делото на Вашите предци и на тој начин спасувајте ги Вашите души!

Да живее вечно традицијата и верата православна во Челопек!