Во светлината на Преображението
г. Јосиф, митрополит Тетовско - гостиварски
Во светлината на Преображението
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Станете и не бојте се!...
(Матеј 17,7)
Драги браќа и сестри,
Денес е голем празник! Денес е празникот на Господовото преображение на гората Таворска. Секоја година, во дните на Богородичниот пост, кој е во тек, ние си спомнуваме за еден од позначајните настани од животот на нашиот Бог и Спасител Господ Исус Христос за Христовото преображение, за настанот преку кој нашиот Господ им се открива во слава на своите апостоли Петар, Јаков и брат му Јован (Матеј 17,1), како што ни соопштува денешното евангелско четиво. За да појасно да ја разбереме тајната на овој настан ќе ги споменеме и настаните кои му претходеле. Всушност, Преображението се случило во последната година од Христовата спасителна мисија овде на земјата. Таа година во пресрет на страдањата, кои наближувале, Христа започнал да им говори на своите ученици, на светите апостоли дека Тој „мора да оди во Ерусалим и многу да пострада од старешините, првосвештениците и книжниците и да биде убиен и на третиот ден да воскресне“ (Матеј 16, 21). Овие зборови длабоко ги растажиле апостолите, особено апостолот Петар, кој само шест дена пред Преображението, кога биле во земјата Кесарија Филипова огнено исповедал дека Христос е „Синот на живиот Бог“. Токму поради апостолската нажаленост, Господ Исус Христос посакал преку Неговото преображение да ги утврди и охрабри, како и да ја зацврсти нивната вера за да не бидат малодушни кога ќе ги видат страданијата.
Возљубени,
Но настанот на овој празник, освен што ги укрепил апостолите во верата, го утврдува и сето човештво до денес во единствената Вистина под небото, во Христос Богочовекот. За таа Вистина, преподобниот отец Јустин Ќелијски на едно место вели: „Сите вистини во Православието произлегуваат од една вистина и се сведуваат на една вистина безграчна и вечна. Таа вистина е Богочовекот Христос. Ако до крај ја проживеете некоја вистина на Православието мора да пронајдете дека нејзиното срце е Богочовекот Христос. Сите вистини на Православието не се ништо друго туку разни варијанти на една вистина: Богочовекот Христос. Православието е Православие на Богочовекот. И ништо друго и никој друг“. – Колку длабоки и колку прекрасни зборови, браќа и сестри, зборови кои нè навраќаат во светлоста и во вистината на Преображението. Пред нас денес е таа Вистина во овој храм, за нас овој храм е Таворската гора, во која се пред нашите очи се преобразува Христос Бог, Кој и нас, како и апостолите постојано нè повикува: „Станете и не бојте се!“ (Матеј 17, 7). Ама ние често со нашата човечка природа, оптоварена со многу слабости заспиваме во своите гревови и се плашиме, па дури и не сакаме да ги слушаме зборовите на Богочовекот, не сакаме да одиме редовно во Црква, не постиме, а уште помалку ги согледуваме своите гревови и се покајуваме и ги исповедаме пред својот духовен отец – свештеникот.
Нажалост ние во ова современо општество се оддалечивме и не сакаме да ја искачуваме Таворската гора и да Го гледаме Оној, Кој се преобрази за нашите слабости. Но кога еднаш човек ќе ја погледнеме таа светлина – тој посакува секој ден да се искачува на Тавор. Ние како христијани сме повикани да чекориме на тој пат, на патот на преображението и богоуподобувањето. И секој од нас што поскоро треба да започне да го оди и искачува тој пат. Иако на тој пат ќе сретниме многу искушенија треба да сме упорни и со помош на постот, молитвата, добродетелниот живот и секојдневното покајување и ние личносно да се преобразиме од лоши во подобри луѓе, во вистински христијани. Моја порака е сите ние, преку активен духовен живот и аскетски подвиг во Црквата да се најдеме во светлоста на Преображението. И нема друг излез од моралната ерозија од која е заразен нашиот народ.
Почитувани верници,
Сакам да кажам и збор два за осветувањето на грозјето, кое по предание се принесува и се благословува на овој празник. Во старата Црква, за време на приносот на лебот и виното од страна на верниците, или служењето на Тајната на Светата Евхаристија, се принесувале и благословувале и други производи, како жито, масло, мед, грозје и други овошја, па и млеко, сирење итн. Тоа не се принесувало како жртва, туку како првина од реколтата. Годишното принесување на жито и грозје, како благословување на првите плодови, имало карактер на благодарење на Бога, „Кој ни ги дал нам за наша храна и поткрепа“. Низ Источниот Медитеран, вклучително и во нашата земја постои овој обичај да се принесува првото грозје од летната реколта, за да се благослови на денешниот празник Свето Преображение. Грозјето е симбол на преображението, зашто тоа се гмечи и ферментира во вино, а потоа се претвора во Христова Крв во Евхаристијата.
Во оваа прилика ја користам можноста од мое лично име и од клирот и верниот народ на Тетовско-гостиварската православна епархија на новоракоположениот свештеник Мартин да му посакам ревносно и верно служење на Бога и народот, како и на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
И на крај, мили мои гостиварчани, после ова благодатно литургиско свештенодејствие, апелирам до сите Вас, кои сте во можност да ни се придружите и да дојдете со нас во населбата Циглана, во нашиот манастир во изградба – посветен токму на денешниот празник, за да заедно се помолиме на Бога за што побргу овој наш манастир се преобрази во една вистинска црковна заедница и лечилиште на нашите души.
Нека Преображениот Господ Бог нè укрепува и нас како светите апостоли во верата и на патот кон Тавор, кон Царството Божјо, и сега и секогаш и во сите векови! Амин!
За многу години!