За најголемата „планина“

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Поле погледниш или планина,

Сегде божева је хубавина...

 

Почитуван Директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи г. Даријан Сотировски,

Ценети планинари и љубители на природата,

Драги браќа и сестри,

            Деновиве, покрај сите обврски, кои со себе ги носи архиерејската служба, често размислував со кои зборови да ви се обратам... Минатата недела, враќајќи се од Струга, каде што се оддржа големиот Архиепископски собор на нашата Црква, ми дојдоа на ум, стиховите од песната „ Т’га за југ“ на Константин Миладинов. Тој вдахновено запишал Поле погледниш или планина, Сегде божева је хубавина и воопшто не згрешил. Тој со својот убав поетски јазик, инспириран од природата – ја кажал најголемата вистина – дека Бог се открива Себе си и преку видливиот за нас свет, преку природата. Но тоа не го сведочи и само нашиот поет од Струга, туку и големиот основач на целата современа бактериологија, мислителот, кој влегол подлабоко во тајната на органскиот живот – Пастер. Тој го вели следново:  Колку повеќе се занимавам со проучување на природата, толку повеќе се застанувам во побожно размислување пред делата на Создателот... Така и ние денес, созерцувајќи во природните убавини на Сува Гора – застанувавме во побожно размислување и во сеќавање на сите оние, кои пред нас побожно го поминувале овој пат уште од ранохристијанскиот период за што сведочат бројните археолошки наоди, но и повеќето храмови од подоцнежно време, кои графитираат на оваа милениумска патека. Оваа патека е симболично е патеката на нашиот живот, голготска патека, или духовно може уште да се нарече и лествица по која се искачуваме и симнуваме од едниот до другиот крај. Ако успееме да стигнеме до крајната дестинација, на тој крај се случува воскресението, односно преминот во вечноста. Освен оваа симболика овој пат има и една друга. Тој е патот на нашата Црква. Пат кој го поврзува ранохристијанскиот период – со овој период на црковно живеење во денешни дни. Првата симболика е духовна, а втората е историска и двете се испреплетуваат и взаемно се поврзани...

Возљубени,

Јас денес ќе Ви зборувам за нив. И ќе ве запознаам со оваа патека и планина од тој аспект, бидејќи благодарение на Вас и Вашите интересни раскажувања ја запознав оваа планина и нејзината убавина од ваше гледиште. Но јас денес се ќе ви зборувам за една друга голема планина и пат, кој секој човек треба да го помине. За таа планина пишува и писателот Андриќ. Таа негова мисла постојано целиот ме проникнува и мора да ја споделам со сите Вас. Тој во една од своите книги вели: „Најголема планина која човек мора да ја помине е прагот на неговата куќа“ Прагот на првите наши чекори. И денес сите ние најнапред го поминавме тој праг, па потоа и оваа милениумска патека. Всушност, оваа мисла на Андриќ има и една подлабока смисла. Смисла од која зависи иднината на нашата земја и Црква. Тој праг поточно е прагот на нашето срце. И тој праг единствено се поминува со срцето. Сите ние најнапред треба да се потрудиме да го поминеме тој свој праг. Поминувањето на тој праг – исто така е макотрупно како и поминувањето на оваа планина. Но потоа таа мака ни причинува голема радост.

Мили чеда,

И тој пат, како и овој денес – бара од нас да се потрудиме, да и кажеме не на млакоста, на депресијата, на апатијата во нас – на работите кои го оцртуваат нажалост животот на денешниот млад човек. Затоа за Андриќ – таа планина е поголема од оваа! И навистина таа е и потешка за искачување, но сепак не е недостижна. Потребно е само сите ние да вложиме малку повеќе труд и како што ја поминавме оваа патека – така секој од нас да се труди да ја заобиколи рамнодушноста, пасивизмот, немањето чувства, незаинтересираноста за самиот себе, но и за својата црква и за својата држава. Јас верувам – дека сите Вие го можете тоа. А верувам, бидејќи денес покажавте на дело – дека за својата Црква можете да дадете придонес. Доволно е што денес, патувајќи сите ние се потсетивме на долгиот и трнлив пат, кој го изодиле нашите предци, но она што е важно дека притоа и ние се најдовме на тој пат кој води кон една подобра иднина. Таа подобра иднина за сите нас е во Црквата. Во Неа има место за сите генерации. Еве ова патека - не само што ги поврзува повеќето цркви, туку таа пред сè го поврза народот. Минатото и иднината преку милениумската патека е слеана во овој сегашен миг. Ние денес, на тој пат сеќавајќи се на историското минато на нашата Црква, на нејзиниот голем јубилеј, на еден начин се поучивме од богатата историска ризница и поучени од историјата – учителката на нашиот живот имаме можност да запловиме напред кон целта. А патот секогаш е ист. Укорнини. Рамнини. Стрмништа. Удолнини. Но денес тој пат е обележан повторно. Во првите векови обележан бил од потта на апостолите, во наредниот периот од крвта на мачениците, подоцна од стапките на просветителите, на архиепископите, на преродбениците и градителите. Денес следејќи ги нивните белешки, одбележан е и од стапките на  сите нас. Но обележан ќе биде и утре и други ден и подруги ден. И во иднина се додека се трудиме да го поминуваме овој пат – тој нема да затреви и ние ќе опстојуваме на него. Исто е со нашата Црква. Додека сме со неа и во неа – таа ќе постои. Таа постоеше и во многу потешки денови од денес. Во денови кога нашиот народ беше во ропство. Дури и кога беше укината – таа не загинала, туку и тогаш постоела, постоела во срцата на нашите предци, бидејќи сè постои додека го имаме во своето срце, додека му трае споменот. Благодарение на нивното сеќавање, на нивната борба успеале да ја возобноват својата и наша Охридска архиепископија во лицето на Македонската православна црква. Успеале, бидејќи го изодиле тој пат, најнапред во своето срце. Тие луѓе, иако живееле во едно тешко време, сепак вложиле повеќе во Црквата, отколку нас, а вложиле повеќе, дека се вложиле не матријално, туку пред сè духовно, ослободувајќи се од ропството на гревот и смртта. Тие живеејќи на тој начин – живееле многу понормално отколку ние денес. Иако потешко, сепак понормално. Затоа и ние, кои денес се наоѓаме на крајот од овој пат, кој го поврзува минатото со иднината, поучени од оние во минатото и следејќи ги во духовните подвизи и борби во Црквата ќе можеме секојдневно да го поминуваме тој праг, таа најголема планина во нас – апатијата во нашето срце и така измирени со себе и со Бога – почесто да учествувамее во радоста на црковната заедница, бидејќи само со такво живеење ќе бидеме удостоени постојано да Го гледаме Воскреснатиот Христос во нас.

 

Почитувани,

 Од длабочините на мојата душа Ви благодарам на сите што дојдовте. За денешното дружење и за љубовта која ја покажавте кон мене како кон Ваш владика. Уште пред 5 години кога дојдов на должност во оваа епархија првенствена задача, која си ја зададов беше – мисијата помеѓу младиот човек, помеѓу сите Вас од кои зависи иднината не само на оваа земја, туку и на оваа Црква. Мојата мисија помеѓу младите не е завршена. Таа ќе трае постојано, за Вас и за идните млади генерации, кои ќе треба да зачекорат по оваа патека. Знајте дека епархиските и црковните врати се отворени за сите вас. Сите вие сте дел од Црквата и сите на било и кој начин можете да допринесете за Неа.

Ете денешниот ден е само една мала слика на тоа како можеме да допринесеме за својата Црква. Одбележувајќи ја оваа патека и чекорејќи по неа се афирмира и збогатува црковниот живот. А во оваа прилика ја користам можноста да му се заблагодарам на Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи во Р. Македонија, на г. Даријан Сотировски, кој е најзаслужниот што ние денес сме тука. Благодарение на неговите искрени заложби достоинствено се одбележа големиот илјада годишен јубилеј на Охридската архиепископија.

На крај со надеж дека нашето дружење и патување од ова патека ќе продолжи и по духовните патеки во црквите на нашата Помесна православна црква и дека еден ден ќе постане историја, Ве охрабрувам почесто да се трудите да го поминувате прагот на својата „куќа“ и да чекорите по овој пат, посетувајќи ги црквите Божји и молејќи се на Богомајката, чиј омофор нè закрилува постојано во нашиот живот. Амин!