Акатист кон Пресвета Богородица
07.03.2025 г., во првиот Петок од Великиот пост, Митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф, заедно со свештенството од Тетовското намесништво, отслужи Повечерие со Акатист кон Пресвета Богородица во соборниот храм св.Кирил и Методиј-Тетово.По отслужувањето на првата статија од Акатистот кон Мајката Божја, Пресвета Богородица, Митрополитот г.Јосиф кон верниот народ се обрати со пригодна беседа на која меѓудругото истакна:Секоја година првиот акатист на Пресвета Богородица го богослужиме овде во соборниот храм на Тетовско-гостиварската епархија. Браќа и сестри ме радува што гледам храм исполнет со верен народ кој се моли на мајката Божја. И да знаете кога ја молиме таа ќе ни биде скоропослушна застапница и ќе ја примиме нејзината закрила, која ќе нè води по благодатниот пат кон спасението. Велигденскиот период е поле на покајание. Осознавајќи ја нашата духовна слабост, молитвено бараме помош од Пресвета Богородица, но и од други Божји угодници. Бараме помош, за да се застапат за нас пред Бога, и Он да ни даде сила за да можеме да ги надминеме сите слабости за време на овој подвиг. Да се потсетиме зошто се богослужи Акатистот. Зборот „Акатист“, доаѓа од грчкиот збор „Аκάθισο“ што значи неседење, односно оваа служба која се служи, се служи со посебно внимание и со постојано стоење на нозе, оддавајќи и чест на Пресвета Богородица, за чудото што се случило во Цариград, кога во 627 година, Цариград бил нападнат од незнабожечки народи, од Аварите и Персијците, кои и се заканувале на оваа христијанска престолнина дека ќе ја уништат. Па така, народот немајќи никакво друго решение за да го спаси градот, единствената надеж ја полагал на Мајката Божја, Пресвета Богородица, таа преку нејзиното застапништво, преку нејзините молитви кон нејзиниот Син и наш Бог, Спасителот наш Господ Исус Христос, да испроси спасение за народот и да го заштити царскиот град Цариград, од опсадата на непријателите. Каганот на Аварите Бајан, се заканувал и велел дека ќе го уништи градот, дека од него ќе остане само пепел, ако царот заедно со народот не се предаде и ако не се откажат од верата во распнатиот наш Спасител, Господа Исуса Христа, од нашата Света Православна Христијанска Вера.
Ете, наоѓајќи се во ваква тешка состојба, народот и се обратил на Мајката Божја, Пресвета Богородица, откако претходно го замолиле патријархот Сергиј, да организира литија или здружено одење по улиците и Светите места низ градот, откако претходно биле земени реликвиите на Пресвета Богородица, односно нејзината риза и нејзиниот појас, кои биле ставени во еден ковчег во црквата Влахерна, кој била посветена на Пресвета Богородица.
Со таа Литија што ја направиле, кога дошле кај морето, тогаш патријархот со краиштата од ризата и од појасот на Пресвета Богородица, бркнал во морето и наеднаш во морето настанала силна бура од која сите бродови на непријателите потонале, а оние што успеале да се спасат, тргнале во бегство, па така, градот и народот се спасил, преку заштитата на Мајката Божја, Пресвета Богородица. Во овој прв петок од Големиот пост и во престојните денови како што пееме во Акатистот„да побрзаме пред Богородица и да паднеме пред неа во покајание, извикувајќи и од длабочината на душата“: „Радувај се, на телото мое исцеление и на душата моја спасение“.Секогаш кога Ви е тешко, кога сте во паника или страв, вашите мисли и молитви и грижи да ѝ ги откриете на Онаа, Која има сила непобедлива за да преку своето застапнитво пред Нејзиниот Син и наш Бог, Исуса Христа нѐ сочува и нѐ запази чисти и неосквернети од искушенијата и болестите, та со радост го дочекаме празникот над сите празници Воскресението Христово. Бидете благословени и секогаш Богородица да ве заштитува. Амин.