Бдение за празникот на светите славни и сефални апостоли Петар и Павле – Петровден
11.07.2024 на покана на Архиепископот Цетински и митрополит Црногорско-приморски г. Јоаникиј, во Цетинскиот манастир - Р. Црна Гора, Неговото Високопреосвештенство митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф богослужеше Бдение за празникот на светите славни и сефални апостоли Петар и Павле – Петровден. На крајот од Бдението, Митрополитот г. Јоаникиј поздравувајќи го Митрополитот г. Јосиф, му се заблагодари што одговорил на поканата да дојде на свечената прослава на празникот на Врховните Апостоли Петар и Павле во Цетиње. Митроплитот г. Јосиф во својот говор заблагодари за Авраамовото гостопримство и поканата и меѓу другото нагласи: Чувствувам голема духовна радост што во овој велерадосен празничен ден сум заедно со Вас, во оваа прекрасна земја, во седиштето на Црногорско-приморската епархија, во надалеку познатиот Цетински манастир, во ова исклучително светилиште од времето на Зетската митрополија, во кое православниот народ со векови ги принесува своите молитви на Бог – Пресветата Троица, по чија што беспрекорна промисла и милост, еве и ние денес сме собрани заедно, на чело со Вашиот многу почитуван Митрополит Неговото Високопреосвештенство г. Јоаникиј, за молитвено да го одбележиме празникот на светите првоврховни апостоли Петар и Павле кои, едниот по Христовото воскресение и по Педесетницата, а вториот по своето чудесно преобраќање во Господа, напоени со благодатта од Светиот Дух целосно се оддале себеси за проповедање на Евангелието и за ширење на христијанството на сите народи. Патувајќи од Македонија за Црна Гора и размислувајќи за апостолското дело и живот на овие две неверојатни небоземни светила на Црквата и за моето обраќање до вас, сфатив дека величнината на овие два апостоли е токму во нивната неуморност и непоколебливост во делото на проповедањето на верата, но и во живеењето според верата. Благодарение на нивниот голем труд и пожртвуваност спасението да стигне до секој човек, христијанската вера пристигнала и на Европскиот континент. А тоа се збиднало, најнапред, како што знаеме од 16 глава на Дела Апостолски, со повикот којшто апостолот Павле го добива од еден Македонец, во ноќно видение, за време на Второто мисионерско патување. Имено, тој го моли апостолот да дојде во Македонија и да помогне. Павле се одѕива на повикот и во тогашниот град Филипи ја покрстува Лидија, и од тогаш христијанството стапнува на тлото на Европа, а сосема наскоро и во нашите земји. И целата понатамошна историја на нашите народи и земји е христијанска историја, а сета наша култура е христијанска култура. Заедничката вера во Троичниот Бог на Љубовта, којашто на светот први му ја сведочеа токму светите апостоли Петар и Павле, е она што ги обединува нашите народи, она што нѐ прави едноверни и едномислени. Таа наша поврзаност се покажа и пред само неполни две седмици во Битола, каде што извршивме канонизација, односно на полнотата на Црквата ѝ ја обзнанивме светоста на преподобномаченичката Стефанида Битолска и Скадарска, прекрасното Божјо светило од минатиот век. Во Битола, значи беше извршен тој торжествен чин, којшто всушност, на извесен начин започнал многу одамна, во моментот кога блаженоупокоениот Митрополит Амфилохије, тогаш сѐ уште само млад студент, во манастирот Дечани ги пронашол нејзините исклучителни, длабоки исповедни писма. И ете, откако тогаш заедничаревме по тој редок повод, денес заеднички принос принесовме и овде. Наоѓајќи се со сите вас во овој манастир и чувствувајќи ја благодатта од денешната заедничка богослужба, сакам да му се заблагодарам на Вашиот ценет архиереј Митрополитот Црногорско-приморски г. Јоаникиј, за братската покана и за неговото Аврамово гостопримство и гостољубие и за можноста на дело да ги доживееме зборовите на псалмопејачот, кој вели: „Колку е убаво и колку е мило кога браќата живеат заедно“ (Пс 132, 1). Бивајќи овде со вас, уште еднаш со радост согледувам дека е вистина она што секогаш го слушам од сите мои браќа коишто имале можност да престојуваат овде, во овој Божји дом и кај овој богољубив народ, имено, дека овде, по молитвите на Мајката Божја, на светиот Петар Цетински и на сите светии, пребива верен народ којшто ја чувствува и ја живее верата апостолска, којшто ги применува нивните учења и поуки, којшто се огледува на нивната вистинска вера и прави добри дела, ширејќи ја христијанската љубов на секое Божјо создание! Дозволете ми во име на братската љубов, да Ви ги пренесам и поздравите и благословите од страна на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, со чиј благослов сум во посета на овој свет манастир и на Светата Митрополија Црногорско-приморска. Нека Севишниот Бог по молитвите на Светите апостоли Петар и Павле, Ве заштитува сите Вас, вашата Митрополија и овој манастир уште долги години да биде место каде што уште многу поколенија ќе ја примат христијанската вера, пренесувана низ времето од светите апостоли, и ќе ја чуваат и применуваат за слава на Бога, за свое спасение и за животот на светот! Бог да ве благослови и нека е за многу години!