Богојавление - Водици

19.01.2024 Богојавление - Водици Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф богослужеше света литургија во Соборниот храм св. Кирил и Методиј-Тетово. Верниот многуброен народ се причести со светите тајни. По литургијата во дворот на храмот во Тетово беше извршен голем Богојавленски водосветет. Истиот ден, Митрополитот г. Јосиф изврши и голем Богојавленски водосвет во Гостивар на реката Вардар. Митрополитот се обрати кон верниот народ со своја беседа во која меѓу другото нагласи: Денес е радост за Тетово и Гостивар.Денеска прославуваме еден од Господовите празници, односно, го чествуваме Богојавлението на предвечната Троица, кое на денешен ден најоткриено се јавува за време на крштевањето на нашиот Спасител Господ Исус Христос во реката Јордан. Ова е посебен радосен ден, кога многу луѓе, дури и оние кои се далеку од секојдневниот живот на црквата, во своите срца ја чувствуваат Божјата благодат. Неслучајно на Богојавление осветуваме вода. Водата е видлив знак. Знак на допирање на материјалната природа на целиот свет со Божјата благодат и Божјата енергија. Знаеме дека оваа вода поседува особена сила на лекување и помагање. Но, треба да знаеме дека таа сила не е волшебна. Таа сила не е бајачка, која што би дејствувала независно од нашата волја. Таа е благодатна сила која дејствува само тогаш кога ние ја земаме и ја употребуваме со вера, и кога нашите глави и срца ги приклонуваме пред Господа. Затоа, многу е важно сите да знаеме дека денес, оние кои според нашата традиција се капат во Јорданските води, треба да знаат дека се допираат до светиња, односно, се допираат до Божјата благодат. Оние што се капат треба да покажат, не само физичка храброст на нивниот организам, туку, да ја осветат и нивната душа и да добијат бодрост и сила на нивниот дух. И ние денеска, наоѓајќи се во овој свет храм овде во Тетово, на овој голем празник Богојавление, ме радувате во Господа што ве гледам во голем број во овој храм, со покајни солзи да ги измиеме нашите престапи, грешки и гревови, и така очистени од секакви духовни нечистотии да измолиме милост Божја. Милоста Божја да слезе врз нас. Да ни го осветли патот и да ни го просвети умот за да може да одиме по Христа. И така, живеејќи во Христа да спечалиме живот вечен и царство небесно. Амин!