Bтора недела по Педесетница
На 22.06.2025 година, на Втората недела по Педесетница, Mитрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф отслужи Божествена Литургија во храмот „Пресвета Богородица"-Балаклија во Тетово. Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. Во својата беседа за денешното прочитано евангелие, Митрополитот г. Јосиф нагласи: Ако внимателно го ислушавме денешното прочитано свето евангелие, ќе можеме веднаш да заклучиме дека првите ученици се повикани на брегот на Галилејското море, како и тоа дека тие веднаш ги оставиле своите кораби, своите домови и целиот свој имот, и тргнале по Христа! Навистина, ова е чуден момент и чудно место од кое се извршува повик за духовно сеење на светот! Зошто Спасителот постапил така? Затоа што морето најреално го претставува животот во светот. До колку мирниот морски брег нè потсетува на животот исполнет со мир, љубов, правда и вистина, до толку вознемиреното и разбранувано море ни го најавува животот проткаен со борба, неправда, омраза, злоба, себичност и лага. Коработ ја претставува идната Христова црква, која преку морето на животот ќе ги спасува луѓето и ќе ги воведува во тивкото пристаниште на вечниот мир и слава. Рибарите, претставени како „прости луѓе“, повикани се да го просветат светот, за да се покаже влијанието на силата на Божјата благодат на „простите“, но со чист дух луѓе.
Кога Господ Христос ги повикува првите луѓе во апостолството, го открива и главниот услов за оспособување на оние, кои треба да постанат „ловци на луѓе“, а тоа е ослободувањето од грижите за земниот живот. За да се разбуди свеста за ништожноста на сè што е привремено и распадливо, и да се сфати бесценетата вредност на духовниот живот, потребно е да се улови човечката совест. Појавата на Спасителот, пропратена со Неговите божествени зборови, ја озарило свеста на повиканите за духовно сеење и тие тргнуваат по него, и повеќе не Го оставиле. И денес се потребни апостоли повеќе од било кога. Многу луѓе, браќа, сестри, ближни и подалечни, живеат во омраза, се уништуваат меѓусебно како ѕверови. А повеќето луѓе во светот живеат потполно неодговорно за својата душа, ја заборавиле, ја напуштиле зашто мислат дека животот е само тоа: да јадат, да спијат, да работат. Душата спие во длабок сон. Потребни се апостоли, потребни се смели, предани гласници кои не го жалат својот глас и не ја штедат својата сила. Тие треба да викаат силно, зашто сонот е длабок, темнината цврсто ги опфатила и малите и големите. Потребна е потполна преданост на Божјото дело. Денешните евангелски зборови нека нè повикаат да се предадеме во рацете на Христа, па слично на апостолите и ние да бидеме подготвени да појдеме по Него, по нашиот Спасител и Господ. За на крај би сакал само љубовно како ваш владика, да ве посоветувам да внимавате од лажните ловци на луѓе кои манипулираат со човечките души. Приметувам ги има и по плоштадите и во наше Тетово. Но тетовци длабоко си ја живеат и почитуваат и сакаат својата православна вера. Внимавајте и бидете будни. Секогаш ако нешто не ви е јасно од Светото писмо или било какво друго прашање за нашата убава православна вера, да се обратите за совет кај вашиот парохиски свештеник или духовник. Бидете благословени и имајте мирен и благодатен Петровденски пост. Нека Бог ни даде благодатни сили и нека Неговиот моќен глас допре до длабините на нашето битие, та облагодатени и осилени од него, да останеме верни до крај како Апостолите. Амин!