Четврта Недела на Великиот пост
На 30.03.2025 година, четврта Недела на Великиот пост – Св. Јован Лествичник, Неговото високопреосвештенство, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, служеше Василиева Литургија во Соборниот храм „Успение на Богородица“ – Гостивар, во сослужение на свештеници од Гостиварското намесништво. На литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. На литургијата беседеше Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф кој меѓудругото истакна: Наоѓајќи се во време на светата Четириесетница, како најпогоден временски период, период кога треба повеќе да се посветиме на нашата душа, светата Црква во оваа недела ни го изнесува и примерот на еден голем Божји угодник, светиот Јован Лествичник. Св. Јован живеел на крајот на V и првата половина на VI век. Како шестнаесет годишно момче отишол на Синај, подвизувајќи се, а потоа постанал игумен на прочуениот Синајски манастир, каде што доживеал длабока старост и покрај тоа што живеел строг, испоснички и затворнички живот. Овој Божји угодник оставил многу полезни и душеспасителни книги. Книги кои користеле како раководно начело, пред сè, на монаштвото во Синајскиот манастир, но и за други љубители на Христовата вистина и Богобаратели и посакувачи на спасението. Негово најпознато дело, без сомнеж, е Лествица. Во оваа книга, на многу јасен, гласен и практичен начин учи како секој човек, а не само монах, може и потребно е да се бори со гревот, со страстите, со мислите и со постапките кои го оддалечуваат од патот и од скалилото коешто ги возвишува духот и душата кон Бога. Тој поучува дека во духовниот живот, потребно е да се почне од наједноставни молитви, за да може човекот да се искачи на првото скалило. Зголемувајќи ги своите подвизи и борби против гревот, и против сите нешта што го оддалечуваат и попречуваат тоа искачување кон совршенството, човекот ќе може да се искачува кон повисоките духовни скалила. Кон духовните скалила каде што се наоѓа совршенството, за коешто човекот е создаден и на кого таа цел му е зададена. Браќа и сести, еве помина половина Велигденски пост. Времето користете го полезно. Ќе завршам со зборовите на старец Ефрем Аризонски: Часовите и минутите се скалила на лествицата до рајот. Ако пропуштиш скалило, мораш да се потрудиш за да се вратиш. Затоа, ползувајте го времето, затоа што деновите се лукави. Бог да ве благослови и имајте пријатен остаток од постот.