Четврта седмица по Педесетница

06.07.2025 Во четвртата седмица по Педесетница, во Соборниот храм ,,Успение на Пресвета Богородица"-Гостивар, се отслужи света литургија која ја чиноначалствуваше митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во сослужение на митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј. Верниот народ се причести со Светите Тајни. По литургијата митрополитите г. Јосиф и г. Григориј извршија осветување на новите камбани и крстови за куполите на новиот храм во изградба посветен на ,,Преображение" во населбата Циглана-Гостивар. Со свое слово кон верниот народ по повод осветувањето на крстовите и камбаните се обрати надлежниот митрополит г. Јосиф, кој меѓудругото истакна: Денес е радосен ден. Мојата радост неможам да ја сокријам бидејќи ова осветување на куполните крстови и камбани е историски ден за гостиварци. Го следев растењето на овој храм од денот кога јас како ваш архиереј го осветив камен темелникот во 2014 год и еве Господ ме удостои и за радоста за која денес сме сите заедно собрани. Се надевам набрзо ќе се собереме и да го осветиме овој велелепен храм. За нас христијаните Крстот е еден од најпочитуваните свештени предмети и многу е тешко да се најде христијанин кој нема крст и кој не го цени и сака со сето срце. Ќе се послужам со зборовите на св. Атанасиј Велики кој вели: Крстот е слава и чест Христова, зашто со крстот дојдоа десетици илјади добра: смртта се сотре, проклетството се изгони, адот се огорчи, гревот се уништи, Воскресението стана право на сите, човекот стекна слобода од робувањето на страстите, спасението се втемели, од Крстот потече извор на вистински живот. Крстот стана наша секојдневна радост, питие и веселие. За камбаните пак добро го знаете нивното значение. Камбаните, како што е познато, имаат свое место и имаат долга традиција во христијанската Црква. Камбаната во христијанството е символ на добра, блага вест, е символ на убав, радосен глас и нејзиното биење на богослуженијата или во други прилики го нагласува моментот или настанот што доаѓа. Денес овој велелепен храм станува и гласен, добива нови камбани. Со осветувањето на камбаните ние ги предаваме во Божја служба. Нека нивниот глас биде повик на молитва, повик на литургија. Нека на оние кои не можат да бидат присутни им навестуваат на кој дел од литургијата се наоѓаат во моментот во црквата. Нека ни ги навестуваат нашите убави празници, делењето на Светите Тајни, нека нѐ повикуваат на молитва за нашите починати и нека со нас ги оплакуваат покојните ктитори. Ви благодарам и на вас почитуван митрополит г. Григориј за вашето присуство денес, бидејќи е речено, споделената радост е поголема радост. Браќа и сестри, имајте благословен ден. Пофалби и благослов за црковниот одбор и ктиторите. Бог да ве благослови за овој голем труд и љубов кој го правите за ова свето место.