Cв. мч. Трифун

14.12.2024 По повод празникот на св. мч. Трифун, во Лешочкиот манастир митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф изврши мал водосвет, а потоа беше извршено и годишното закројување на лозовиот насад. Митрополитот г. Јосиф се обрати пред присутните со кратка беседа на која меѓу другото истакна: На денешен ден постои и еден прекрасен обичај кој и ние овде во Лешок и насекаде во Пологот ги закројуваме лозјата и сето тоа е проследено со црковен благослов, затоа што, според народната традиција и црковното предание, свети Трифун е заштитник на лозарите. А лозата, со својот плод – грозјето, има длабока симболика во Православната Црква, зашто, според зборовите на Спасителот, виното кое Он на Тајната Вечера го благослови и им го даде на Своите ученици, а преку нив и на сите нам, стана симбол на Христова Крв, Крв – која се излеа за сите нас, која ги очистува сите наши гревови и која преку светата Тајна Причест им се дава на православните христијани за соединување со својот Бог. Денес, кога го прославуваме св. мч. Трифун, кој го положил својот живот уште како момче заради верата во Христа, не сакајќи да се откаже од Христа и Неговото учење, светата Црква нè опоменува и нè потсетува да се угледаме на неговата цврста и непоколеблива вера, па да можеме и ние со вистинска вера да го исповедаме учењето на нашата света Црква. Од нас, во денешно време, Господ Исус Христос не бара мачеништво, но бара сериозно припаѓање и исполнување на законот и прописите на нашата света православна Црква, ако сакаме достоинствено и чесно да го носиме името православни христијани.