Cв. цар Лазар во Лешочкиот манастир
28.06.2025 На празникот посветен на св. цар Лазар, во Лешочкиот манастир митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф молитвено присуствуваше на света Литургија. На Литургијата пееше реномираниот хор од спомен-храмот ,,Свети Сава" од Белград, кој во изминатите денови учествуваше на меѓународниот фестивал на духовно пеење ,,ТЕХО", кој се одржа во Тетово. На Литургијата верниот народ се причести со светите Христови тајни. По Литургијата Митрополитот го благослови празничниот леб и произнесе беседа Честитајќи им го празникот Видовден на гостите од Р. Србија, Неговото Високопреосвештенство г. Јосиф, меѓу другото, истакна: Во овој благословен ден, на оваа света Литургија, собрани околу светата Чаша Господова, за да Му принесеме заедничка благодарност и молитва на нашиот Спасител Господ Исус Христос, со особена радост во срцето ве поздравуваме вас, драги хористи – членови на хорот при Спомен-храмот „Свети Сава“ во Белград, кои ни дојдовте од братска Србија, да учествувате на Меѓународниот хорски фестивал „ТЕХО“ – фестивал, кој долги години ја негува духовната музика, а кој оваа година и вие како реномиран хор го збогатувате со своето присуство и пеење.
Ви посакувам топло добредојде во нашата Тетовско-гостиварска епархија при МПЦ-ОА и, секако, тука во нашиот најголем епархиски духовен комплекс, во славниот Лешочки манастир. Вашето доаѓање во Македонија, односно во Тетово, град со вековно духовно и културно наследство, е знак на братската љубов, на духовното заедништво и на живата врска помеѓу нашите народи и Цркви, кои се напојуваат од истиот Христов Извор – од светата Чаша, од Телото и Крвта Христови. Вашето доаѓање и престој во нашата земја се совпадна со Вашиот денешен голем национален и духовен празник Видовдан, кога Српската Црква и српскиот православен народ го прославуваат споменот на светиот великомаченик кнез Лазар и на сите српски маченици што ги положиле своите животи во Косовската битка во 1389 година. Вашето пеење и славење на Бога денес на светата Литургија, не е само убавина за с
ушите, туку е вознесување на душата кон Небото, бидејќи црковното пеење не е обична уметност, туку молитва, богословие во тонови и длабоко сведоштво за верата. Како што вели свети Василиј Велики: „Пеењето е мир на душата, посредник на единството, врска на љубовта.“ Сите ние денес благодарение на Божјата милост сме сведоци на таа силна љубов, на таа единствена сила што произлегува од литургиската хармонија, бидејќи таму каде што срцето пее за Бога, таму е и Духот Свет.
Затоа, дозволете во име на таа христијанска љубов, да Ви се заблагодариме за вашето присуство, за вложениот труд и љубов, за тоа што ја разубавивте оваа Евхаристија со вашите гласови, пеејќи и молејќи се од длабочините на вашите срца и души. Ви посакувам голем успех на сите вас и на вашиот хор. Продолжете постојано да Го славите Господа на секое место. Се надевам дека и денешново славење на Бога, овде во Лешок, ќе ви остане во вашите спомени и сеќавања, и дека Устроителот на сè ќе ги прими нашите заеднички молитви. Нека Севишниот Троичен Бог по молитвите на светите Климент и Наум Охридски, на свети Сава, на свети великомаченик Лазар и на сите светии, нека Ве укрепува во вашата служба и музичко сведоштво, и нека вашето ангелско пеење и понатаму биде пред сè за слава Божја и за љубов и мир меѓу сите луѓе и народи.
Добредојдовте, и Бог нека ве благослови!