Деветата недела по Педесетница

На 10.08.2025 година, во деветата недела по Педесетница, во Соборниот храм „Св.Кирил и Методиј“- Тетово, беше отслужена света архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф. Верниот народ се причести со Светите Тајни. Своја беседа за денешното прочитано евангелие изрече Митрополитот г. Јосиф кој меѓудругото истакна: Како христијани, ние сме повикани да извлечеме поука и од денешниот евангелски расказ и да се поучиме. 
Треба да бидеме послушни синови и ќерки на небесниот Создател. Кога, пак, ќе згрешиме, треба да имаме храброст и доблест да побараме прошка. Но прошката да ја бараме од срце, а не лицемерно. Евангелскиот настан, на кој се потсетивме денес, на оваа света Литургија, нè потсетува дека сите ние имаме слаби и грешни срца кои имаат потреба од благодатниот извор на духовни сили. Имено, една ноќ додека апостолите пловеле по Генисаретското езеро, го виделе Господа Исуса Христа како оди по површината на водата. Бидејќи се исплашиле од оваа глетка, Он им рекол: „Не бојте се! Јас сум, не плашете се!“. Од овие зборови тие се охрабриле, а апостолот Петар дури и изразил желба и тој да тргне по водата, па затоа Христос ѝ го повикал. Но, повикот имал и друга цел. Христос го повикал Петар да тргне да оди по водата со друга цел: да покаже колку сеуште била немоќна и слаба верата во него, онаа вера која подоцна имала моќ и планини да преместува, која ги покорувала срцата на луѓето и која го довела до маченичка смрт за својот Господ. И веднаш, штом се посомневал, се исплашил и почнал да потонува, па наоѓајќи се во една безизлезна ситуација почнал гласно да вика: „Господи, спаси ме!“. На овој повик Господ му одговорил: „Маловернику, зошто се посомнева?“.
Петровиот повик кон Господа е повик кој честопати го изговараме сите ние и во наши дни, зашто сите ние се наоѓаме во разбрануваното животно море, па безизлезните ситуации се насекаде околу нас. И на секој повик кон Господа, Спасителот и понатаму ни го праќа истиот одговор, кој му го дал и на апостолот Петар: „Не бојте се! Јас сум, не плашете се!“, како одек на повикот од воздишките на нашата маловерна душа. Секогаш кога и да сте во искушение, од срце повикајте го името на Бога. Знајте дека ќе ви помогне исто како на ап. Петар. Знајте дека Бог на своите вистински слуги никогаш не им допушта искушение кое ги надминува нивните сили. „Верен е Бог – вели свети апостол Павле – Кој нема да позволи да бидете искушувани повеќе од силата ваша, а заедно со искушението ќе ви даде и излез, за да можете да трпите.“ Имајте благословен ден. За на крајот од мојата беседа ве потсетувам дека оваа недела во Четврток започнува Богородичниот пост. Имајте благословен пост и радосни да го прославиме празникот на Успението.