Деветнаесетта седмица по Педесетница

15.10.2023  во Деветнаесетта седмица по Педесетница во 
Соборниот храм Пресвета Богородица-Гостивар, беше отслужена света архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф. Верниот народ се причести со светите тајни. Митрополитот г. Јосиф се обрати кон мноштвото верни со пригодна беседа на која меѓу другото истакна: Денешното евангелие кое го прочита ѓаконот зборува за највозвишениот вид на милосрдието-за љубовта кон непријателите. Господ Исус Христос, не советува, туку заповеда да ги сакаме и непријателите свои. Таа негова заповед не е нешто споредно или случајно, туку заповед што е издигната на највидно место во неговото евангелие. Љубовта и простувањето, милосрдноста и добродетелноста претставуваат високи божествени начала, кои се во можност да го намалат злото во животот, бидејќи тие можат да ја згаснат злобата и непријателството меѓу луѓето. Да го возљубиш и својот непријател кој те навредил до дното на душата, и да му направиш услуга; да му простиш и да му направиш добро на својот ближен кој ти наштетил; да им помогнеш на бедните и сиромасите – ете тоа се подвизи кои заслужуваат и благодарност и награда. Тие подвизи се православно–христијански подвизи кои ќе ги направат луѓето да бидат синови на Севишниот. Ке завршам со зборовите на старец Пајсиј: ,,Треба да имаш мајчинско срце. Гледаш, мајката простува сè, а понекогаш се прави дека не ја гледа грешката".