Деветтата седмица по педесетница

06.08.2023 Во деветтата седмица по педесетница,митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф богослужеше света литургија во соборниот храм св.Кирил и Методиј-Тетово.Верниот народ се причести со светите тајни.Во својата беседа по прочитаното евангелие митрополитот г.Јосиф меѓу другото истакна:Евангелскиот настан, на кој се потсетивме денес, на оваа света Литургија овде во Тетово, нè потсетува дека сите ние имаме слаби и грешни срца, кои имаат потреба од благодатниот извор на духовни сили. Имено, една ноќ, додека апостолите пловеле по Генисаретското езеро, го виделе Господа Исуса Христа како оди по површината водата. Бидејќи се исплашиле од оваа глетка, Он им рекол: „Не бојте се! Јас сум, не плашете се!“. Од овие зборови тие се охрабриле, а апостолот Петар дури и изразил желба и тој да тргне по водата, па затоа Христос ѝ го повикал. Но, повикот имал и друга цел. Христос го повикал Петар да тргне да оди по водата со друга цел: да покаже колку сеуште била немоќна и слаба верата во него, онаа вера, која подоцна имала моќ и планини да преместува, која ги покорувала срцата на луѓето и која го довела до маченичка смрт за својот Господ. И веднаш, штом посомневал, се исплашил и почнал да потонува, па наоѓајќи се во една безизлезна ситуација почнал гласно да вика: „Господи, спаси ме!“. На овој повик Господ му одговорил: „Маловернику, зошто се посомнева?“.Петровиот повик кон Господа е повик кој честопати го изговараме сите ние и во наши дни, зашто сите ние се наоѓаме во разбрануваното животно море, па безизлезните ситуации се насекаде околу нас. И на секој повик кон Господа, Спасителот и понатаму ни го праќа истиот одговор, кој му го дал и на апостолот Петар: „Не бојте се! Јас сум, не плашете се!“, како одек на повикот од воздишките на нашата маловерна душа.Денешната моја беседа ќе ја завршам со нешто што го прочитав минатиот ден кај св.Серафим Роуз а се однесува на ова ,,не бојте се”а само малку повеќе борете се. Својот крст носете го без роптање. Не мислете дека сте нешто посебно. Не оправдувајте ги своите гревови и постапки, туку видете се такви какви што навистина сте. И, најважно – сакајте се едни со други.