Дваесетта седмица по педесетница

22.10.2023 Во дваесеттата седмица по педесетница,митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф богослужеше света литургија во Лешочкиот манастир.Верниот народ се причести со светите тајни.Во својата беседа по прочитаното евангелие митрополитот г.Јосиф меѓу другото истакна:Во Историјата имало многу победители,но кој од нив ја победи смртта?.Никој освен единствениот и со никого неспоредливиот Господ Исус Христос.Една работа потребно е секогаш да ја знаеме: смртта никогаш не претставува казна за било што. Смртта претставува врв на човечкиот живот, негов венец и крај. Човекот живее за еден ден да умре и да премине во вечниот живот и подобар живот. Смртта понекогаш можеби наликува како казна за гревот, зашто Господ никогаш не заборава да нè подучува во секоја минута од животот, а на таков начин и да ги исправа нашите животни патеки, па било да е тоа и преку смртта на нашите ближни. Но, за самиот човек, кој дури умрел и предвремено на пример во некаков несреќен случај па дури и да умрел без покајание, смртта за него не претставува казна. Смртта е премин за во другата страна, каде што човекот го очекува средба со Бога. А ако смртта ни изгледа предвремена според човечките мерки, таа никогаш не е предвремена во Божјите очи. Само Бог точно го знае оној момент, кога секој од нас треба да се упокои, и само Он го определува денот и часот на нашето упокојување.Христос таа граница  ја згази и своето царство го распосла назад до Адама и Ева и напред до последниот човек роден на земјата.И на смрта и на животот тој гледаше поинаку од сите смртни луѓе.Тој гледаше и знаеше дека животот не завршува со смртта на телото,но дека вистинската смрт умртвува некои луѓе и пред телесната смрт.Сега, кога го знаеме сево ова, треба да сфатиме дека, во суштина, смртта и не постои, а фактот дека ние гледаме и понатаму умирања, треба да го толкуваме дека тоа единствено се однесува за смртта на телото. Човекот не умира, туку само во еден одреден период се разделува од своето тело, се разделува од овој свет и се преселува во другиот, невидлив свет. Во Бога нема мртви, зашто: „Бог не е Бог на мртвите, туку на живите“ (Лука 20: 38). И ќе настапи време, кога по еден заповеден збор на Спасителот, сите кои се умрени ќе се разбудат и сите ќе воскреснат за вечен живот. „Вистина, вистина ви зборувам: иде часот и дошол веќе, кога мртвите ќе го чујат гласот на Синот Божји, и, штом го чујат, ќе оживеат… И ќе излезат: кои правеле добро – ќе воскреснат за живот, а кои правеле зло, ќе воскреснат за осудување“ (Јован 5: 25, 29) – ете така говори Спасителот.