Eдинаесета недела по Педесетница

24.08.2025 Во единаесетата недела по Педесетница, во Соборниот храм ,,Успение на Пресвета Богородица"-Гостивар, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во сослужение на протоереј-ставрофор Марјанчо Мадевски и протоереј Трпе Богојески богослужеше света литургија. На светата литургија верниот народ се причести со Светите Тајни. Во својата беседа Митрополитот г. Јосиф истакна: Еве, се наоѓаме во период на Богородичниот пост и ни се дава време да се разбудиме од гревот, немирот и заборавот на Бога, и повторно да тргнеме во пресрет на Господа и Неговата родителска прегратка на помилување. Ке се послужам со зборовите на св. Николај кои неодамна ги прочитав,  за тоа колку Бог го љуби човекот...,,Христос во секој човек го бараше само доброто - ние го бараме злото. Христос бараше добро кај луѓето, сакајќи да ги оправда, но ние бараме зло да ги осудиме. На Христа Му беше болно да зборува за гревовите на другите луѓе, а ние зборуваме за туѓите гревови и за жал, не чувствуваме никаков срам поради тоа. Христос со својот збор грешниците ги правеше праведници, а ние со своите зборови грешниците ги правиме уште поголеми грешници. Христос ги спасува луѓето, а ние ги уништуваме. 
Тоа е разликата. Но, да знаеме дека и ние исто така можеме да бидеме како Христа". Во едно можеме секогаш да бидеме сигурни браќа и сестри, дека Бог безмерно ни простува и нè љуби. Гледајте колку Господ го љуби светот! Сè што гледаме околу нас опстојува по Неговата неизмерна милост. Ете, и кога ќе го погледнеме човештвото и светот во глобала, ние најпрвин се згрозуваме од егоизмот во луѓето, од ужасните гревови, од стравотните војни едни кон други, но и крајно се изненадуваме од Божјата безмерна милост и долготрпение. И можеме лесно да сфатиме дека да се простува е Божествена, а не човечка особина. Единствен начин да имаме заедница со Бога е проштевањето. Прво, проштевањето Божјо на нашите гревови, а потоа, проштевањето наше на гревовите на другите. Да размислуваме колку ние, како христијани, се украсуваме во нашиот живот со тие Божествени особини на љубов, простување, сочувствителност, сострадалност. Оти само тогаш, само ако сме украсени со тие особини, нашиот пост ќе биде вистински, богоугоден пост. Имајте благословен Богородичен пост и ве покануваме во Лешочкиот манастир посветен на Богородица, заштитничката на Полог, следната седмица заедно да го прославиме Успението Богородично.