Сретение Господово

На 15.02.2025 г., кога го празнувавме празникот Сретение Господово, со благослов на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во сослужение на свештеници од Скопската и Тетовско-гостиварската епархија,отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храм „Св.Климент Охридски"  -Скопје.
На Светата Божествена Литургија,  верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верниците со пригодна беседа на која меѓудругото истакна:                            Драги браќа и сестри,
Во овој февруарски ден,по благослов на Блаженејшиот Архиепископ Охридски и Македонски г.г.Стефан, дојдовме во соборниот храм овде во Скопје, како старецот Симеон да Го сретнеме нашиот Бог и Спасител, Господа Исуса Христа. Дојдовме да си споменеме за настанот, кога во четириесеттиот ден по Рождество Христово, Пресветата Дева Го донела својот Божествен Син во ерусалимскиот храм за, според Законот, да Му Го посвети на Бога, а и самата да се очисти (Левит 12, 2-7; Исход 12,2). Иако не беше потребно ни едното ни другото, сепак Законодавецот никако не сакал да се огреши кон Законот, којшто Самиот го беше дал преку Својот слуга, Пророкот Мојсеј.Денешниот празник Сретение меѓу христијаните се празнува уште од самиот почеток, но торжественото празнување на овој чудесен ден е особено востановено во 544 година, во времето на царот Јустинијан кога во светот владееле болести и земјотреси, а по воспоставувањето на празникот истите веднаш престанале. Самото сретение со Бога е радосен настан, а зборот сретение означува среќа. Дали има поголема среќа, односно поголема радост за православниот христијанин од средбата, од сретението со Бога? - Нема! Бидејќи целта на православниот христијанини е да се сретне со Бога и да живее во заедница со Него.Од овој празник треба да извлечеме добри поуки. И ние како старецот Симеон треба целиот свој живот да го живееме со вера во Бога и со надеж дека еден ден не само што ќе Го сретнеме, туку вечно ќе бидеме во Негова близина во Неговото царство. Господ Бог и за тоа не дарува со долг живот и со повеќе години, кои треба да ги искористиме во постојан труд, покајание, ревнувајќи во исполнувањето на секоја Божја заповед. Свети Теофан Затвореник во својата беседа за Сретение нè советува: Да бидеме неотстапни на патот пред Бога, и да го насочиме кон Него целото внимание на умот, сите чувства на срцето и сите желби на волјата... Ако го правиме тоа за брзо ќе Го сретнеме Господа. Не постои друг олеснителен подвиг неопходен за посакуваната средба со Господ. Единствено, Исусовата молитва: Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме – силно и моќно може да помогне како дел од подвигот. Но повторно, не самата од себе, туку под услов сите сили на нашиот дух да бидат насочени кон Господ! Молејќи се, ние ќе се удостоиме со блаженство не помалку од старецот Симеон, зашто со устата и со срцето Го примаме Господа Исуса Христа, кога се причестуваме со Неговите свети тајни... - ни вели пак светиот праведен отец Јован Кронштадски, кој советувајќи ги верните постојано нагласува дека треба да се пазиме и да ги намалиме нашите безаконија, нашето нашето неверие, нашата негрижа за спасението, неблагодарноста, лошиот нарав и бездушноста наша.
Затоа секогаш да се трудиме и со сите сили да бегаме од сепогубното чудовиште – гревот. Да ги убиваме гревовите во самите себеси! Постојано да се каеме, да постиме и да се молиме, бидејќи без пост, покајание и без молитва, ќе наликуваме како воин без оружје, а така христијанинот не може да го победи гревот што живее во него – за на крај да се удостоиме да бидеме во прегратка во Бога. Во таа насока „ Бидете трезвени, бидете будни“ (1 Петар 5, 8). Најнапред „ Барајте го она што е горе... и вашиот живот ќе биде сокриен со Христа во Бога“ (Кол. 3, 1-3). Тогаш, „ соединувајќи се со Господ во еден дух“ (1 Кор. 6, 17), откако ќе Го видите, „ ќе се зарадува вашето срце и вашата радост никој нема да ви ја одземе“ (Јован 16, 22), ниту во овој век, ни во идниот. Амин.