Источен Петок - Балаклија

На ден 21.04.2023, кога Светата Црква го чествува празникот  Источен Петок - Балаклија, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во сослужение на свештеници од Тетовското архиерејско намесништво во храмот "Пресвета Богородица" во Тетово отслужи Света божествена Литургија. На Литургијата, верниот народ се причести со светите тајни. По Литургијата, спред традицијата беше извршен Мал водосвет.Во својата беседа митрополитот г.Јосиф меѓудругото нагласи:  Наоѓајќи се во пасхалната радост предизвикана во нас од настанот над сите настани – Светлото Христовото воскресение и чуствувајќи ја невечерната светлина Христова, во овој Светол Петок од оваа Светла недела сме собрани да го прославиме споменот на обновувањето на храмот посветен на Пресвета Богородица, кој се наоѓа над чудотворниот извор во некогашен Цариград, а денешен Истанбул, каде што до ден денес постои овој храм и изворот во него од чија што вода многумина примаат исцеленија и чудесно се просветлуваат по милоста Господова. Овој настан низ вековите е преточен во денешниот празник Источен петок – Балаклија, кој е востановен во чест на безбројните чуда кои се случувале при храмовиот извор наречен „Животоносен источник“ или на турски јазик познат под називот „Балаклија“. Во овие воскресенски дни, и ние како Христовите ученици - апостолите да се потсетуваме на Христос, Воскреснатиот од мртвите и на сѐ што Он говорел (Јован 2,22), и со смирение да ги упатуваме нашите молитви кон нашиот Пречист извор на исцеленија – Преблагословената Дева, не заборавајќи ги безбројните чуда, кои се случиле по Нејзините добрините и по Нејзинито вечно застапништво за нас пред Воскреснатиот Господ. Имајќи силна вера и преобразени од воскресенската светлина, во овие мигови никако да не дозволиме стравот да завладее врз нас, туку како вистински христијани врз себе да ги понесеме сите искушенија, страдања и потешкотии, достоинствено и трпеливо, носејќи го својот крст, не заборавајќи дека после страданијата секогаш доаѓа воскресение.